1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Авторитарност без авторитети

29 октомври 2020

Претседателот чекаше бројот на дневно заболени да надмине 800 за да свика лидерска средба, Премиерот шири оптимизам од кој луѓето добиваат стомачни тегоби, лидерот на опозицијата мисли дека сме слепи. Пишува Арсим Зеколи

https://p.dw.com/p/3ka5T
Mazedonien Arsim Zekolli
Фотографија: DW/K. Blazevska

„We can't rewind, we've gone too far” – The Buggles

Предизвикот за јавниот збор во време на неизвесноста лежи во совесноста да не се подлегне на психозата на паниката и да се одолее на пропагандистичкиот оптимизам; да се каже вистината без подгревање страв; да се биде инспиративен без да се биде заводлив. На самиот зенит на големиот финансиски крах од 1929-та и Големата Депресија, Френклин Делано Рузвелт ќе ја најде инспирацијата за својот инаугуративен говор во парафразирање на мислата на Хенри Дејвид Торо подвлекувајќи дека „единственото од што треба да стравуваме е самиот страв – тој безимен, неразумен, неоправдан терор кој ја парализира желбата за пресврт од назадување кон напредок.” Во неговиот мрачен час на соочување на нацијата со судбината, Винстон Черчил резолутно ќе тресне со бастунот и процеди низ заби: „Ќе се бориме на плажи, на улици, полиња ...

Но во овој час, оваа воведна етапа во – веќе може да се каже – далекусежна и повеќеслојна глобална криза која ни претстои, на ум ми доаѓаат збровите на еден друг историски лик кој ја опфаќа суштината на предизвикот и поведението на часот. „Немајте сомнеж дека ова е тешка и опасна усилба која ја преземаме. Никој не може да каже во кој правец ќе се движи состојбата и која цена и жртва ќе се плати. Многу месеци на пожртвуваност и самодисциплина се пред нас, низ кои нашето трпение и волја ќе бидат тестирани. Но најголемата опасност е да не се преземе ништо.” Така зборувеше Џон Ф. Кенеди во обраќањето кон нацијата во екот на Кубанската криза во 1962г година.

Деновиве со почит, и не малку завист, ги следев обраќањата на Ангела Меркел кон сопствениот народ, повикувајќи на одговорност, соочување со реалноста на пандемијата и барање за решително преземање на обврските во справување со неа. Со тон на загрижено достоинство и резолутна стоичност на mutti, обраќањето беше обвиено во сепија-бои на некои дамно минати времиња во кои нацијата се сплотува околу избраниот водач, заедно соочени со судбинскиот час. Секако, има и други лидери кои се обраќаат на сопствените народи, со драматични повици, загрижени ликови и дијаметрално спротивставени ефекти кај сопствените граѓани – како што се оние на Доналд Трамп, Џонсон, Макрон ... Следејќи ги нив, во мислите се навраќам на хитот од 1978-ма „Video killed the radio star” како предвесник за разликата помеѓу визуелната опседнатост и зависност на модерната класа политичари и аудио класичната радио-карактерност на старомодната Меркел. 

Снајди се сам и преживеј како што умееш

Попусто досега, а отсега бадијала, очекував некој од нашите првенци-државници да излезе пред јавноста и со „солемен“, одговорен и авторитетен тон и' се обрати на нацијата по повод редица прашања кои ја потресуваат државата и душата на граѓанинот. Не бев убеден, но се надевав дека потресната вест за пандемијата која во еден единствен ден нѐ лиши од 22 сограѓани ќе ги принуди нашие првенци да излезат пред нацијата, ја објаснат состојбата, ги изложат плановите и повикаат на – не знам ни самиот што. Очекував дека ќе смогнат сили и пред нацијата се исповедаат за Договорот со Бугарија и спорот со Софија, за сѐ потешката економска состојба во која се наоѓаме, за ова претешко чувство на осаменост на граѓаните оставени на цедило и судбина на „снајди се сам и преживеј како што умееш“. Џабе. 

Сѐ што добивме и сѐ што ни се сервира се катадневни дози на помии и чемер-чорби од прес-конференции и нарцисоидни слики на безлични бирократи; незрело, детинесто, глупаво и подло фрчење со кавги и квази-аргументи; депресивни изјави на лекари, статистичко парадирање на Министерот за здравство со дневна доза морбидни цифри и технократска дистанца од одговорноста. Претседателот на државата чекаше бројот на дневно заболени да надмине 800 заразени за да свика лидерска средба, Премиерот продолжува да шири оптимизам од кој луѓето масовно добиваат стомачни тегоби, лидерот на опозицијата џанам мисли дека сме слепи, па глуми Цар Самуил кој им објаснува на граѓаните што е она што го доживуваат на сопствена кожа, секој ден во секој поглед. 

Други колумни од авторот:

Вето

100 дена потоа

Кој тоа спори со Бугарија?

Паметиме и други времиња исполнети со премрежија, сезони во кои незивесноста беше погуста од есенските магли. Низ таквите времиња и премрежија испливувавме благодарение на политичари со какво-такво животно искуство, или пак со цврста верба во подобро утре. Во тоа е разликата помеѓу минатите тешки мигови и денешницата. Македонија како никогаш досега се соочува со отсуство на лидерство и ампутирана верба во иднината. Следствено, што помалку авторитети, толку повеќе автократија.      

Чувството на заштитеност од масовни протести поради пандемијата, прележаниот страв од избори и убеденоста во неприкосновената заштита под „чадорот”, резултира со состојба на безгрижност на Владата и дистанца од реалноста во која живеат граѓаните. Секој обид за критика се пречекува со цинично ништење на критиката со дефокусирање за претпоставените зли, подли мотиви на критичарот. Секоја одбрана на нивните политики, посебно во однос на Министерот за здравство, е вербатим копија на одбраните од времето на министрите на Груевски. Секој критичар на власта е однапред етикетиран, исплукан, оцрнет како скот, брука, резил. Сѐ додека не премине во кампусот на Заев и преку ноќ стане ценет демократ, примерен политичар, е баш таков и онаков како што ѝ треба на Македонија под власта на Заев. Нашата иднина во ЕУ, подалечна од кога било, станува насушен вербален бастун за држење на нозе. Бастун без кој на виделина ќе излезе вистината дека единственото сидро кое ја држи владата Заев-Ахмети да не биде однесена од виор е перцепцијата за вечниот гнев на општеството кон режимот на Груевски. Перцепциите, сепак, ретко се совпаѓаат со реалноста, уште помалку со реал-политиката во која никој не е осуден на вечнaја памјат по добро или зло.

Нешто е гнило во ривалството

Истата порака вреди и за лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и неговата заталканост по итроманските лавиринти на Зоран Заев. Кој, признал Мицкоски или не, вешто и не толку прикриено ги диктира политичките осцилации на првиот опозиционер, почнувајќи од послушното приклонување кон национал-патриотскиот блок контра Насер Зибери, соучесништво во галамџиско надвикување по медиуми и здружено бегање од институционално-парламентарно соочување околу Договорот со Бугарија. Искуствата на Македонија во медиумско кавгаџиство и подземно партнерство помеѓу власта и опозицијата се доволно богати за однапред и прелесно да се отфрли сѐ пораширениот сомнеж дека нешто е гнило во „ривалските” релации Заев-Мицкоски. Да се биде опозиционер во Македонија понекогаш подразбира и фаустовски трговии за душата на опозицијата. Политиката умее да искаже разбирање за таквите мали полноќни трговии. За разлика од немањето јасна понуда која може да биде оценета од гласачите како примамлива опција на вистинска промена. Пристапот на Мицкоски сведен на „промена, тоа сум јас” е не само антитеза на промената, туку е и продолжување на крал-сонце Груевизмот и „премиер по секоја цена” Заевизмот, како автократски субститут на веќе целосно компромитираната институционална, парламентарна демократија. За жал, со таквиот однос на местимично-доушнички, повремено-антагонистички однос кон Заев, самиот Мицкоски ја цементира како исправна филозофијата на меѓународната заедница на која ѝ е сосема сеедно која од двете партии ќе биде владеачка партија. Добрата вест е што тој став ќе го очекува и доколку стапне на власт. Лошата вест е што никој од меѓународната заедница не гледа логика и мотив зошто би посакале смена на оваа влада.

Медиумски ботоксирани лидери

Но пред да ја обвините меѓународната заедница за таквиот блазиран однос, упатно би било да се запрашате дали истиот пристап е веќе прифатен и практициран од самата опозиција. Во случајот - албанската. Комичен, но и целосно илустративен пример за таквиот кванташки „дај шта даш” пристап кон политиката е епохално апсурдниот пристап на де факто лидерот на Алијансата на Албанците, Арбен Таравари, според кој, сублимирано, на следните избори „доколку СДСМ оди со ДУИ, ние ќе одиме со ВМРО, доколку ДУИ оди со ВМРО, ние ќе одиме со – surprise! - СДСМ”. Кажано во уличен жаргон, стратегијата на АА е онаа на заситување со отпадот од изборот на ДУИ. Дефинирано во политички вокабулар, тоа подразбира (не)свесно признавање дека стратегијата на АА е прокси диктирана од владеачката ДУИ, како изговор за немање сопствена стратегија, визија, принципи и спремност за преземање ризик во денешницата за освојување на иднината. 

Постоечките партии и нивни раководства здружено учествуваа во ерозијата на парламентарната демократија во земјата, со што несвесно ја создадоа сегашната состојба во која сите тие се само протоколарни, медиумски ботоксирани претседатели на клинетелистички партии, но без капацитети на визија и каракатерна дистинкција на лидерство. Парламентарната демократија создава државници, институционално признати и мнозински почитувани авторитети на легитимно претставништво. Отсуството на парламентарната демократија неминовно ја враќа рудиментарната форма на политиката сведена на популизам, емоции на масата и стихијна желба за персонификација на посакуваното ново, свежо, мотивирачко. Прашање е колку време ќе помине до таа новост. Сегашните партиски водства веќе ја имаат поставено сцената. 

Mazedonien Arsim Zekolli
Арсим Зеколи Дипломат, историчар на уметност, преведувач