1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

100 дена потоа

15 октомври 2020

Сто дена по изборите, политичкиот естаблишмент порачува оти нема решение за предизвиците кои сам си ги наметна во еуфоријата на победите и депресијата на поразите. Но, камбаните сепак не бијат за Македонија. Бијат за нив

https://p.dw.com/p/3jyk1
Mazedonien Arsim Zekolli
Фотографија: DW/K. Blazevska

На денешен ден пред многу денови, поточно на 15. јули 2020 се одржаа првите предвремени парламентарни избори во Република Северна Македонија. Од кои се изроди старо-новата, проширена и надградена коалиција на СДСМ и ДУИ со Беса. Сто дена подоцна, состојбата е иста како и на 14. јули 2020. Масовно незадоволство во општеството, минорно само-самозадоволство во државата. Социјалдемократијата минува низ внатрешни турбуленции и идео-персонални диференцијации, интегративците ја учат груевистичката лекција дека квантитетот не секогаш го дава квалитетот, вмровците упорно се напињаат да се наметнат како решение без да се изјаснат за својот удел во злосторот во кој уживаа деценија, цела. 100 дена подоцна, Заев, Мицкоски и Ахмети се повторно фатени во тензичен мексикански тробој, како резервоарски кучиња со пиштоли вперени еден во друг во трет. Минус напнатоста на публиката за тоа кој прв ќе пука.  

Оската околу која се сплотени и Заев, и Мицкоски и Ахмети

Сокриен во шпалирот на медиумска помпа и купени панагирики, Заев има сѐ потесен простор за криење од реалноста. Нашето членство во НАТО не резултира со цунами инвестиции, како што најавуваа телевизиските атлантисти. Колку за утеха, добивме помпезна посета од Ципрас и стотици бизнисмени полни со ветувања, поврзување со гасни цевки низ Македонија и редица пофалби дека сме пример за останатите. Но, можеби сепак станавме пример. Во споредба со нас, процесот на решавање на српско – косовскиот спор однапред обезбеди отварање на моќни финансиски претставништва на САД во Белград и редица инфраструктурни мега-проекти. На кои, за волја на вистината, се гледа со скепса и во Белград и во Приштина, поучени од ефектите на нашето вјерују дека штом го решиме името, нема да знаеме што да правиме со сите тие моќни пари и проекти.

Наместо, инвестиции од надвор, добиваме распродажба на наследените капацитети внатре, под амин на Заев. Кои секако нема да бидат купени од маргиналците, туку од капиталците родени во прегратките на неговата партија, семејство и клан. Најголемата странска инвестиција обезбедена од Заев испаѓа дека е онаа на контроверзниот  Миодраг Дака - Давидовиќ, инвеститор во тетовски падини и штипски ветерници. Верувале или не, заклучокот е дека Дака е оската околу која се сплотени и Заев, и Мицкоски и Ахмети. Партијата на Мицкоски го доведе во Македонија, Заев го прими во кабинет и (по сопствено признание) лобирал во негов прилог, а само наивните можат да мислат дека кворумот во Тетово можел да биде обезбеден без согласност од Теута Арифи, т.е. Ахмети. 

Нашите западни партнери, секогаш гласни и отекувачки во пиштење и шиштење за руско-кинеско-турски замешателства, остануваат сеуште молчаливи за скандалот Дака, преферирајќи да низ пивнички муабети со аналитичари изразуваат „загриженост”. Молкот на тројцата лидери, или пак селективниот пристап кон Дака-инвестициите, париран со молкот од САД, НАТО, ЕУ, го оправдува сомнежот дека станува збор за подлабоко, дубиозно замешателство во регионалните игри и профити. Чии обелоденувања ќе треба да почекаат на промена на политичките водства и интереси во земјите гаранти на нашите „западни интеграции”. Мислам, дотолку разбравме во последните години  дека нашите западни партнери не се премногу гадливи кон руски и кинески пари. Гадливоста е резервирана стриктно кон можноста да истите се слеваат во балканските буџети. 

Диета

На надворешен план, впечатлива е диетата на која се држат нашите партиски моќници. Заев, придружен од Шеќеринска и Османи, беше во посета на НАТО и помина покрај седиштето на ЕУ како ќелавко крај берберница. Недостаток на интерес од наша страна или незаинтересираност од страна на ЕУ, каква и да е причината отскокнува од стандардните форми на бриселски посети во кои од еден „цуг” се одвиваа средби во двете седишта. За патешествија отаде океанот, веќе и не станува збор, башка тоа што немаме амбасадор во Вашингтон со години ред. Дамни се времињата во кои прорусинот Груевски барем два пати годишно патуваше низ Америки, дури и кога го тегнеа за уши. Но и тоа тегнеење е подобро од студеното игнорирање кое ја доживува надворешната политика на Заев-Димитров-Османи.

Партијата на Мицкоски секако ја приметува оваа дипломатска дистанца на која сме изложени. Причината зошто не ја користи за критика е што и тој самиот е ставен во состојба на хибернација во однос на неговите „сестрински семејства” од Европа и во „воспитен ќош” од САД. За разлика од нив двајца, Али Ахмети е веќе навикнат да биде домаќин во Мала Речица и ретко виден гостин по западни кабинети. Достојно на школата ДУИ, неговиот протеже Груби ја копира истата пракса на сликање со амбасадори, но со празен распоред на посети во странство – освен Приштина и Тирана. Сепак, диетата на која се изложени Заев, Мицкоски и Али Груби би била многу поподнослива и безболна, доколку не беше нивното сознание дека во овој час – и подолго време  - единствените какви-такви кредибилни ликови за дијалог и размена на мислења во очите на западната заедница се Радмила Шеќеринска и Бујар Османи. Не баш утешно за нас, но поразително за коалициските лидери кои во овие двајца истовремено гледаат и лична загроза и единствен канал на комуникација која ги одржува на власт и во добро мнение кај западните партнери. 

Други колумни од авторот:

Кој тоа спори со Бугарија?

Полилатерала и Балканска Шенгенијада

Американскиот експеримент на изборен тест

Договори и Уговори

Пример за тоа се и последните настани на релација Скопје – Софија, посетата на Османи и внимателно срочената изјава на Шеќеринска, во својство на Министер за одбрана. Посетата на Османи немаше да биде забележена како никаков позначаен успех или пробив, да не беа речиси по команда наредените катаклизмички реакции на Заев и Димитров, проследени со „кажи-кажи, признај” прозивките на Мицкоски и глумењето недоветност од страна на Пендаровски и Ахмети. Зачудувачки во таа изглумена парада на шокираност до избезуменост не е отворената пизма на Заев или патолошката љубомора на Димитров и Пендаровски кон Османи. Зачудувачки е што таа „шокираност и увреѓеност” доаѓа од ликови кои со години ред го држеа монополот на средби, гоштевки и кикотења со Борисов, Каракачанов, Захариева, Радев. Кои, ете, испаѓа дека братски, од нелагодност, криеле што им мислат на Македонците, сѐ додека не дојде Албанчето за да им ги пренесе „лошите вести”. Дека Софија, претставена од Борисов, Захариева, Радев, Каракачанов, бара да се исполни она што е договорено и потпишано со Заев, Димитров, Пендаровски. Ни личните пизми на Заев, Димитров, Пендаровски кон Османи, ниту детинските прозивки на Мицкоски не би биле толку битни за анализа, доколку во позадина на таа игранка не се исцртуваше логиката и замислата на наведените за дистанца од Договорот со Бугарија и создавање простор за нов Договор, за што вината ќе биде префрлена врз „недоверливите” Захариева и Османи. Но од сета таа намера и замисла, единственото што може да се извлече како заклучок е евидентната спона и соработка на линија Заев и Мицкоски во саботирање на Договорот за спас на сопствените кариери, по цена на ништење на евроинтеграциите. Недоговорност на пишманење подеднаква на недоговорноста нивна во склучувањето на Договорот (Заев) и сервилната поставеност (Мицкоски), која се исцртува со далеку поумерената, издржана, предизвикувачка и одговорна реакција на Шеќеринска, лишена од поетските патетики на Димитров, карактерни превртливости на Заев и лицемерни два-чекора-напред-два-назад искази на Пендаровски. Во краен случај, популистите Заев, Мицкоски, Пендаровски, Димитров добија поен-два кај домашното, оправдано загрижено македонско гласачко тело, но по цена на длабок сомнеж за нивните позадински игри кај западните партнери. Прашање е дали со таквото поведение тие самите веќе дадоа причина да истите тие партнери на поинаков и многу повнимателен начин ги читаат пораките од Софија за природата на скопските плими и осеки кон соседите.

Фокусирање на Берлин

Дотолку повеќе што една од дилемите кои остануваат да висат во воздух во однос на ставот на ЕУ кон Договорот со Софија е неажурноста, незаинтересираноста и инерцијата на дипломатијата за обезбедување широка поддршка кај земјите членки на ЕУ. Фокусирањето на Берлин како алфа и омега, како последна надеж за спас на интеграциите е рискантна како по нас, двојно повеќе по самата Германија и lame duck поставеноста на Меркел. Во тој пристап, впечатливо е остуството на иницијатива од наша страна за добивање поддршка – во глас и став – од словенските земји членки на Унијата, посебно во однос на поплаките за присвојувањата од страна на Софија. Ефикасно и ефективно и експресно информираната јавност наша за скандалозните пораки на Захариева – ама јок и од Борисов и Радев – остана ускратена за смислата на посетата на Претседателот на Словенија Борут Пахор и пораките упатени во таа прилика. Па така, во духот на интуитивната и шпекулантска природа на Мицкоски, легитимно е да се постави подеднакво шпекулативното прашање: дали Пахор беше единствено во билатерална посета, или пак како неслужбен пренесувач на пораки, препораки и ставови во име на пријателски, братски, словенски земји членки на ЕУ? И каков бил одговорот од наша страна? Пендаровски, на тебе се однесува прашањето. 

Во земја во која доминира менталитетот на владеење базиран врз ставот дека „некои прашање не заслужуваат одговор”, сосема е легитимно да јавноста носи сопствени заклучоци, сопствени теории и сопствени ставови кои ја определуваат конечната култура на политички однос кон предизвиците. Владата, подеднакво како и опозицијата, со сопствените детинести игранки и интриги си ја простира прокустровата постела во која легнува по цена на сечење на сопствените нозе и гмизење по најниските пориви на политиката. Сто дена по изборите, политичкиот естаблишмент порачува дека нема решение за предизвиците кои сам си ги има наметнато во еуфоријата на победите и депресијата на поразите. Но, камбаните сепак не бијат за Македонија. Бијат за нив

Mazedonien Arsim Zekolli
Арсим Зеколи Дипломат, историчар на уметност, преведувач