Северна Македонија во ракомет е како Италија во фудбал
10 јануари 2020Успесите на Вардар на ракометната сцена им носат големо искуство, но предизвикаа и високи очекувања од целата нација на Европското првенство, пишува австрискиот весник Кронен цајтунг во пресрет на првиот настап на македонските ракометари на ЕП во ракомет. Весникот потсетува дека најголемиот успех на репрезентацијата на европските првенства досега е петтото место во 2012 година, но тимот веќе има собрано големо искуство со оглед на тоа што ова е веќе петти едноподруго настап на собирот на најдобрите од стариот континент.
„Страсните навивачи на националниот тим вообичаено имаат високи очекувања. Тимот е полн со играчи од водечки екипи кои носат големо искуство од Лигата на шампионите“. Еден од нив е Кирил Лазаров.
„Со него Северна Македонија е сосема поинаков тим“, вели селекторот на австриската репрезентација Алеш Пајовиќ. Покрај Лазаров, како клучни играчи на селекцијата на Данило Брестовац се наведуваат уште и Стојанче Стоилов и Дејан Манасков.
Ракометниот експерт на Кронен цајтунг, поранешниот австриски репрезентативец Виктор Шилаги, во осврт на првенството набројува четири ракометни суперѕвезди кои ќе имаат можност да ги видат љубителите на спортот во неговата земја: Кирил Лазаров, Хрватот Домагој Дувњак, Шпанецот Раул Ентрериос и Германецот Уве Гензхајмер. Првенството годинава се игра во три земји: Австрија, Шведска и Норвешка. Во Австрија групните мечеви се играат во Грац и во Виена, каде настапува и македонската репрезентација. Од наброените играчи, австриските навивачи ќе мораат да се стрпат да го видат единствено Ентрериос, чија репрезентација се очекува во алпската земја во втората рунда од натпреварувањето.
„Кирил Лазаров е идентификациска фигура за Северна Македонија. За разлика од фудбалот, во ракометот земјата е во светскиот врв. Играчите се премачкани со сите бои, а тоа често знаеше да го почувства и нашиот (австриски, н.з.) тим на своја кожа. Кога оваа екипа ќе дојде во водство, во состојба е до перфекција истото да го одржува. Тие се како Италијанците во фудбал. Долги години тимот на Северна Македонија беше one man show во ликот на Лазаров, кој ги држи рекордите за најмногу постигнати голови на едно европско и светско првенство. И покрај тоа што е веќе 39-годишен, со неговата играчка интелигенција левучарот и во третото коло против Австрија ќе биде решавачки фактор“, пишува Шилаги.
Едниот Лазаров во Виена, другиот во Коршенбројх
Германскиот весник Рајнише пост, пак, денеска прави паралела меѓу претстојните настапи на браќата Лазарови, Кирил и Филип, во текст под наслов „Валдшпортхале (шумска сала) наместо Виенската Штадхале“.
„На поширокиот список на македонската репрезентација се наоѓаше и играчот на регионалниот лигаш СГ Ратинген, Филип Лазаров, брат на левучарот од светска класа Кирил Лазаров.
39-годишникот е капитен на неговата репрезентација, но на Европското првенство ќе настапи без својот пет години помлад брат. Новиот селектор Данило Брестовац начелно го номинира Филип Лазаров, како што се зборува, за да го одоброволи својот капитен, и затоа тој беше повикан во репрезентацијата и претходната година. Оттаму беше вратен со мускулни проблеми, кои го следеа до почетокот на актуелната сезона.
(...) Од тие причини в петок (10.01.2019) Филип Лазаров нема да биде дел од мечот против Украина во виенската ’Штадхале’, но в сабота ќе настапи во ’Валдшпортхале’ во Коршенбројх“.
Тренер на тимот на Ратинген кој настапува во четвртата германска ракометна лига е поранешниот македонски репрезентативец Ацо Јоноски. Саботниот меч против тимот на ТФК може да биде клучен за екипата чиј дел се поранешните македонски репрезентативци и нивните надежи да изборат пласман во повисок ранг на натпреварување.
Тренерот Јоноски за весникот изјавува дека се надева на добар меч и потенцира дека тоа е последната шанса за неговиот тим да се приближи кон врвот на табелата. Рајнише пост најавува дека на мечот се очекуваат неколку стотици навивачи кои ќе го бодрат Ратинген.