Можна ли е ракометна „зимска бајка“?
10 јануари 2019„Ако не сега, кога?“ Тоа е мотото на данските домаќини. Данска, голема и трофејна ракометна нација, три пати беше на чекор до светското злато - и трите пати за влакно не ѝ успеа да го освои. Данска во финалето играше во 1967, 2011 и 2013 година и мораше да се задоволи со титулата - вицепрвак. Сега тимот на селекторот Николај Јакобсен сака да стави крај на данската траума, а зад себе има земја која обожава ракомет, каде ракометот е спорт број еден и во која пред Светското првенство владее апсолутна ракометна еуфорија.
Очекувањата се големи. Пласман во завршницата од првенството, кога ќе се одлучува за медалите, е прокламирана и воено - минимална цел. Сѐ друго за Данците би било големо разочарување. Со ждрепката може да бидат задоволни. Групата Ц, во која играат, не е баш полна со „тешкаши“. Првото место на Данците во групата може да им го загрози само Норвешка - Австрија, Тунис, Чиле и Саудиска Арабија тешко дека се во состојба за такво нешто.
И потоа шансите на Данците, барем на хартија, се големи. Во вториот круг, за кој се пласираат по три најдобри репрезентации во групите, Данците ги чекаат најдобрите од групата Д, каде исто така не врие од ракометни џинови. Во таа група играат Шведска, Унгарија, Катар, Аргентина, Египет и Ангола.
Германија: Борба за углед на ракометот
Германците, пак, знаат како е во сопствената земја да се слави освојување на титулата светски ракометен првак и се надеваат дека „зимската бајка“ од 2007 година би можела да се повтори. Но, знаат како е да се слави светско злато и во Данска. Германските ракометари, имено, во 1978 година станаа светски прваци токму во Данска, каде ќе се игра финалето на СП 2019. Но, нивна цел не е само освојување на злато, сребро или бронза, туку и враќање на угледот на ракометот. „Сакаме да го зацврстиме ракометот како спорт број еден по фудбалот и да го намалиме отстојанието во однос на фудбалот“, изјави потпретседателот на Германскиот ракометен сојуз (ДХБ), Боб Ханинг.
Германците, меѓутоа, се свесни дека за такво нешто ќе им биде потребно ракометно чудо, откако на последните две првенства - светското во 2017 и европското во 2018 - завршија на 9. место. Но, тие знаат и дека чуда се можни. Така, во 2016 година во Полска станаа европски прваци кога на нив никој сериозно не сметаше, со екипа во која немаше звучни имиња, екипа во која најголемата ѕвезда беше - тимот! На таков успех се надеваат и сега. „Наша цел е да играме со многу емоции и борбен дух, така што луѓето во салата и пред екраните ќе горат со нас, ќе уживаат и ќе можат со нас да се идентификуваат“, рече германскиот селектор Кристијан Прокоп.
Но, германскиот тим во ова СП, кое го отвораат денеска со натпреварот против Кореја, влегува со помалку среќа во ждрепката отколку Данците. Во нивната група А играат уште Франција, Русија, Србија, Бразил и заедничката репрезентација на двете Кореи, а доколку поминат во наредната фаза, ги чекаат најдобрите од групата Б, во која играат Македонија, Хрватска, Шпанија, Исланд, Бахреин и Јапонија.
Шесто СП за Македонија
Македонската репрезентација, која по шести пат учествува на едно светско првенство, турнирот го почнува со натпревар во Минхен против Јапонија, утре во 15:30 часот. Два дена подоцна следува мечот против Бахреин, а наредната недела, следуваат натпреварите против Хрватска (14 јануари), Шпанија (16 јануари) и Исланд (17 јануари). Подмладената екипа се надева на пласман на Олимписките игри во Токио во 2020 година (за ОИ покрај светскиот првак и домаќинот Јапонија, се пласираат и репрезентациите кои ќе завршат од 2 до 7 место на СП).