Џонсон излезе од болница, неговата влада добива критики
12 април 2020Британскиот премиер Борис Џонсон денеска ја напушти болницата и му се заблагодари на персоналот што му го спасил животот, но неговата влада се соочува со засилени критики откако бројот на жртви од Ковид-19 порасна над 10 илјади.
Мрачната бројка беше достигната откако два дена едноподруго Британија бележеше повеќе од 900 смртни случаи дневно. Петочната бројка од 980 жртви го надмина дневниот црн рекорд кој на европско тло досега го држеше Италија.
Сложеноста на состојбата ја натера и кралицата Елизабета да ја објави првата велигденска порака во 68-годишното владеење.
„Коронавирусот нема да не победи“, порача 93-годишната кралица во второто обраќање до нацијата во една недела.
Џонсон беше примен во болница на 5 април, а следниот ден беше префрлен на интензивна нега каде остана до 9 април.
„Денеска ја напуштив болницата по една недела во која здравствените работници ми го спасија животот, без дилема“, рече Џонсон во петминутна видео-порака на Твитер. Тој ги именуваше и им се заблагодари на здравствените работници кои се грижеле за него, и кои седеле покрај неговиот кревет 48 часа. Особено благодарност, Џонсон испрати до Џени од Нов Зеланд и Луис од Португалија.
„Причината што на крајот моето тело добиваше доволно кислород беше поради тоа што секоја секунда во ноќта тие ме набљудуваа, размислуваа, се грижеа и ги правеа потребните интервенции“, рече британскиот премиер. Џонсон ќе продолжи да се опоравува во официјалната премиерска резиденција Чекерс на северозападот на Лондон. Засега нема лекарска препорака кога би можел да се врати на работа.
- повеќе: Лондон се подготвува за цунами од Ковид-19 пациенти
Додека Џонсон е на боледување, неговите министри се под засилен притисок да објаснат зошто толку брзо расте бројот на смртни случаи од Ковид-19. Вкупниот број на жртви од коронавирусот во моментов е 10,612 луѓе.
„Британија ќе биде една од најтешко погодените, ако не и најтешко погодената земја во Европа“, проценува Џереми Фарар, директор на здравствена фондација и член на научниот совет кој ја советува владата.
Министерот за здравство Мет Хенкок не ги оспорува ваквите проценки.
„Иднината на вирусот во моментов е непозната бидејќи зависи од однесувањето на милиони луѓе“, рече тој.
Но тој и други министри се соочуваат со рафал од прашања критични кон бавното наметнување на рестриктивните мерки и постојаните проблеми со заштитната опрема во болниците и ниското ниво на тестирање во споредба со другите европски земји. Хенкок тврди дека здравствениот систем не е преоптоварен и дека на располагање се уште 3,000 кревети за интензивна нега.