Џихадистичката интернет пропаганда во пораст
6 ноември 2012Институтот со седиште во Берлин направи истражување на џихадистичката пропаганда во последните 15 години, по што го презентираше извештајот. Експертите од Институтот за меѓународни и безбедносни прашања велат дека околу 2000-та година интернетот играл мала улога во ширењето пропаганда. Ал Каеда во тоа време ги праќаше своите изјави преку факс или како снимени видеа, кои потоа беа емитувани преку Ал Џазира. Но, кратко по нападите од 11-ти септември, различни арапски форуми, кои го застапуваа џихадот, добија на значење.
Гидо Штајнберг, експертот за тероризам во Институтот за меѓународни и безбедносни прашања, забележува дека голем број материјали објавени на интернет меѓу 2003-та и 2008-ма добиле големо внимание. Извештајот нотира дека во тоа време терористичките групи се’ уште сами објавуваат видеа, но и дека симпатизерите и поддржувачите стануваат се’ повеќе и повеќе активни.
Како што во последните години енормно растеше популарноста на Фејсбук и Твитер, така џихадистите станаа се’ поактивни на социјалните мрежи и пропагандата сега се генерира од многу земји ширум светот.
Транзиција кон тероризам
Џихадистичката интернет пропаганда на германски јазик започна во 2005-та година. Во раните фази пропагаторите не работеа многу професионално, оценува за Дојче веле експертот за тероризам Гидо Штајнберг.
„Од една страна, тие таму снимаа пропагандни видеа. Тие имаат преведено на германски многу арапски, значајни текстови, и со тоа придонесоа за широк џихадистички публицитет. Од друга страна, за безбедносните служби во многу случаи беше многу едноставно да откријат кој стои зад овие активности“, објаснува Штајнберг.
Бројни влијателни луѓе од тоа движење беа ставени во затвор во Германија во последниве десет години. Но, Штајнберг забележува дека тие бргу беа заменувани со нови членови. А, лидерите на, во ова лето забранетиот, „Заедница на Ибрахим“, заминаа од Германија и продолжија да шират пропаганда од странство.
„Тоа мора едноставно да предизвика загриженост, затоа што содржината постојано се проширува на интернет, а во меѓувреме постои можност овие џихадисти не само да шират пропаганда, туку и да се обидуваат да создадат терористички структури“, објаснува Штајнберг.
Карактеристики во Германија
За лицата кои шират пропаганда во Германија проблем е јазикот, смета експертот.
„Германската сцена се карактеризира со регрути со турско или курдско потекло. Тие во најголем број случаи во последниве години се поврзуваат со организации со седиште во Узбекистан“, објаснува Штајнберг.
Студијата покажува дека Германија е дом на неколку илјади џихадисти, како и на неколку илјади поддржувачи и симпатизери. Со толку мали бројки, Штајнберг укажува дека кога влијателните фигури ќе се уапсат, тогаш тие треба и да се преобратат. Така би можело да се помогне во запирањето на пораките кои поддржуваат вооружен конфликт.