1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Џихадистите во Сирија малтретираат христијани

Р.Ѓорѓиев/афп12 септември 2013

Џихадистите кои минатата недела го освоија античкиот град Маалула, ги понижувале христијаните нарекувајќи ги „крстоносци“ и натерале најмалку едно лице да се преобрати во ислам

https://p.dw.com/p/19g16
Фотографија: picture-alliance/dpa

Многумина од жителите на Маалула, побегнале од градот уште во моментот кога сигурносниот пункт на армијата пред влезот на стратешки важниот град бил уништен. Тоа се случувало на 4-ти Септември, некои пребегнале во блиските села, додека некои од нив пребегнале во Дамаск, кој се наоѓа на 55 километри јужно од градот.

Една од нив, Мари, беше сѐ уште исплашена кога зборуваше со нас тој ден.

“Стигнаа во градот рано наутро“ и извикуваа „ Ние сме Ал-Нусра фронтот и дојдовме да им го загорчиме животите на „крстоносците“, како што исламистите ги нарекуваат христијаните, изјави Мари. Таа и стотици други луѓе беа присутни на погребот во Дамаск, на христијанските про-режимски борци кои загинале во борбите.

Маалула е еден од најпознатите христијански градови во Сирија, и многумина од неговите жители го зборуваат арамејскиот јазик кој и самиот Исус Христос го зборувал.

Инаку градот е дом на 5,000 жители, и е стратешки важен затоа што бунтовниците се обидуваат да го затегнат обрачот околу главниот град. Исто така, може да се користи за да се изведат напади врз автопатот кој го поврзува главниот град и Хомс, кој преставува главна рута за снабдување.

Syrien Maalula Damaskus Norden
Историскиот град МаалулаФотографија: picture-alliance/dpa

Битка за градот

Бунтовниците го освојуваа и губеа градот во неколку наврати. Во неделата, сириската агенција за наблудување на човековите права и жителите соопштија дека бунтовниците, вклучувајќи и џихадисти блиски до Ал Каеда, целосно го освоиле Маалула.

Но во вторникот вечерта, Слободната сириска армија, вети дека бунтовниците ќе се повлечат од градот за да ги заштитат неговите жители и културното наследство, под услов и сириската армија да не влегува во градот. Но, во средата тие сѐ уште беа во градот.

Еден анонимен извор изјави: „Армијата сѐ уште го нема повратено градот под своја контрола, битката продолжува, но армијата напредува“.

Некои од бунтовничките групи ја обвинуваат владата дека намерно се повлекла од градот во текот на борбите, оставајќи го да биде освоен од џихадистите, со цел да го искористи тоа како пропагандна порака и да добие подршка за христијаните таму.

Една од калуѓерките во Мар Такла, православен манастир, преку телефон за АФП изјави: „имаше страшни судири (во вторникот) но градот не беше гранатиран, ние и сирачињата за кои се грижиме сме добро, но имаме недостаток од гориво“.

Присетувајќи се на настаните од минатата недела Аднан Насралах, вели дека надвозникот кој го поврзувал градот со надворешноста бил разнесен од експлозија.

„Видов луѓе кои носеа Ал-Нусра марами на главите и пукаа во крстови“, вели еден христијанин. Еден од нив извади пиштол го стави на главата на мојот комшија и го натера да повторува „нема бог туку Бог“ и да се преобрати во ислам. Потоа се шегуваа дека сега е еден од нив“.

Moschee und Kirche in Maalula
Џамија и црква во МаалулаФотографија: picture-alliance/dpa

Тажни судбини

Насралах поминал 42 години во САД каде водел ресторан кој се викал Маалула,а се вратил назад во Сирија токму пред да избувнат протестите против Башар ал Асад, во март 2011.

„Имав сон, се вратив во мојата земја да промовирам туризам, изградив гостинска куќа и вложив 2,000 долари за ветерница која обезбедува енергија за градот. Мојот сон умре, Четириесет и две години работа фрлени во вода“, тажно заклучува тој.

Но полоша за него е реакцијата на неговите соседи муслимани кога бунтовниците го заземале градот.

„Жените и децата излегоа на балконите и викаа од радост, сфатив дека нашето пријателство било површно“.

Раша, уште една жителка на градот, пак има уште потажна приказна. Нејзиниот вереник кој бил дел од локалната милиција бил заробен и брутално убиен.

„Се обидував да го добијам на мобилниот телефон, тогаш се јави еден од нив, ми рече дека го убиле и дека му го пресекле гркланот. Ми рече: Исус не беше тука да го спаси“, низ солзи раскажува таа.