Џенерал Моторс разнишан-Опел страда
12 ноември 2008Шефот на Џенерал Моторс, Рик Вагонер веќе осум години е на чело на автомобилскиот концер. Тој доживеал тешки моменти за фирмата, но сега се бори за нејзино преживување. Илјадници отпуштени работници, затворени производствени погони, промена на политиката на модели - ова се дел од мерките кои се веќе преземени. Меѓутоа, тие можат да помогнат долгорочно. За наредните месеци важи само едно - на Џенерал Моторс му е потребна итна ликвидност. Вагонер посочува дека фирмата не успеала да се снајде на кредитниот пазар, а истовремено е намалена и побарувачката на автомобили.
Дупката во билансот се префрла преку Атлантикот
Последиците од ова се загуби од 2,5 милијарди долари и тоа само во третиот квартал од годината, односно периодот помеѓу јули и септември. Концернот сега мора да користи пари од она што го заработил и заштедил за да ги покрие актуелните трошоци. За да прикаже помала негатива во билансот во Америка, Џенерал Моторс префрли 750 милиони долари од загубите на сметка на фирмите ќерки во странство. Една од нив е Опел. Германскиот производител сега е соочен со потребата од штедење. Работењето на Опел во делот на испораката досега беше добра, но сега многумина го имаат чувството дека мора да се исперат лошите решенија на американската централа.
Опел беше успешен во делот на малите штедливи автомобили со атрактивен дизајн. Џенерал Моторс од друга страна сака да го продаде делот за спортски и автомобили од средна класа во САД. Шефот на концернот Вагонер вели дека пазарната стратегија ќе се промени: „Направивме многу промени во делот на потрошувачката на нашите автомобили. На пазарот излеговме со хибридни автомобили, а интензивно се занимававме и со развојот на електричните автомобили. Моделот Шевролет Волт е добар пример за тоа“. Меѓутоа краткорочно ова неможе да помогне. Шевролет Волт сеуште не е пуштен на пазарот.
Надежта се гледа во Барак Обама
Поради финансиската криза и американските граѓани се` помалку купуваат автомобили бидејќи неможат да добијат кредити. Затоа Џенерал Моторс бара помош од државата. Американскиот Конгрес во септември одвои 25 милијарди, но големата тројка ЏМ, Форд и Крајслер, сега бараат уште 50 милијарди долари државна помош. Идниот претседател на земјата Барак Обама го поддржа ваквото барање. Тој најави дека поддршката на процесот на прилагодување за автоиндустријата ќе биде еден од главните приоритети на неговиот преоден тим.
Меѓутоа актуелниот претседател Џорџ Буш за тоа има цена. Согласност од демократското мнозинство во Конгресот за договор за слободна трговија со Колумбија. Кризата на Џенерал Моторс со ова нема никаква поврзаност. Станува збор за политички договор. Од тоа можеби ќе зависи преживувањето на ЏМ, но тоа не носи утеха и за вработените во Опел. И во случај концернот мајка да добие помош од државата, тогаш нема да дојде до повлекување на заштедите кај европските фирми ќерки. Евентуално, Опел би можел да не ги скрати планираните инвестиции. Досегашните планови на Опел за наредните пет години предвидуваа девет милијарди инвестиции во развој на нови автомобили.