Џарон Ланиер - опоменувачот од Силиконската долина
12 октомври 2014Богатството и моќта се концентрираат се‘ повидливо кај оние кои располагаат со многу големи мрежи, кај новата класа гигантски компјутерски центри кои Џарон Ланиер во својата книга „Кому му припаѓа иднината“ ги нарекува „сервери-сирени“. Глобалните гиганти како Гугл, Фејсбук, но и огромните онлајн-продавници, банки и осигурувања, според американскиот информатичар, одамна имаат предизвикано сомнително искривена состојба. Тие имаат стигнато до сознание дека податоците што на корисниците им се ставени на располагање бесплатно, се вносни. Дигитализацијата трајно ја има променето економијата и, според стравувањата на Ланиер, во иднина би можела да уништи цели бранши, а особено да го погоди средниот слој. Неговото решение на проблемот гласи - секој кој создава вредност на интернет, кој заработува, треба за тоа да има и платено.
Конструктор на дигитален свет
Џарон Ланиер има 54 години и важи за еден од најважните конструктори на дигиталниот свет. Тој предава на универзитетот Беркли во Калифорнија, работи како истражувач за Microsoft Research и за своите пронајдоци има добиено две титули почесен доктор на науки. Неговата книга „Кому му припаѓа иднината“, објавена во Германија во 2013 година, неодамна ја доби наградата Goldsmith Book на универзитетот Харвард и се вбројува без сомневање во најважните критички дела кон интернетот создадени во последните години. Таа е напишана од човек кој во голема мерка учествувал во развојот на интернетот во текот на својата впечатлива кариера.
Џарон Ланиер е роден во Њујорк, во 1960 година, како дете на двајца преживеани од холокаустот. Непосредно потоа неговото семејство се сели во Тексас, во близина на Ел Пасо. Џарон оди на училиште, на часови по клавир, го слуша Бах, го сака Хиеринимус Бос и сака да јаде чоколадо. На 10-годишна возраст мајка му гине во сообраќајна несреќа. Џарон се разболува, често се сели со татко му и на крајот наоѓа посебен пријател - астрофизичарот Клајд Томбо, кој во 1930 година ја откри планетата Плутон. Тој на 14-годишниот Џарон, кој само што го прекинал школувањето, му советува да посетува семинари по математика и хемија на Њу Мексико Стејт универзитетот. На Џарон Ланиер идејата му се допаднала, отишол, добил дозвола да остане и учел програмирање.
Многустрано надарен
Во 1983 година ја создава својата прва компјутерска игра која му носи вработување во Атари. Во меѓувреме една година студира уметност во Њујорк, а во текот на животот учи да свири на многу различни инструменти. Денес Ланиер има збирка од повеќе од илјада ретки стари инструменти, има свирено заедно со Филип Глас, Јоко Оно, Шон Ленон и Орнет Колман, има компонирано музика за филмови, а создава и слики, цртежи и инсталации кои се поставени во многу музеи во САД и Европа.
Во Калифорнија, во 1980-тите го запознава Том Цимерман, кој е еден од првите кои имаат конструирано виртуелни ракавици за симулација. Со него и уште неколкумина други Џарон Ланиер во 1985 година ја основа фирмата VPL Research. Целта им била да создадат натамошни технологии за се‘ уште младиот виртуелен свет. И тоа им успева. Ланиер конструира виртуелни камери, развива 3Д-графики за кино филмови, го создава првиот аватар и работи на развој на интернет-мрежи. Чудак, бубалица, прилично чуден гениј со наклонетост кон прекумерна телесна тежина и до рамена долги дредови.
Во еден момент, уште пред откритијата на Едвард Сноуден, сфаќа дека веќе никој не може да знае каде одат сите информации од корисниците и што се случува со нив. Сфаќа дека интернет културата, која е „за џабе“, уништува цели бранши. Оттогаш Ланиер се соочува со проблемот на надмоќта на податоците и претпоставената немоќ на конзументите. Пример кој постојано го истакнува е оној на Инстаграм - бесплатен ап за споделување фотографии и видеа. Претпријатие основано во 2010 година со само 13 вработени и без бизнис план. Две години подоцна Инстаграм беше купен од Фејсбук за една милијарда долари.
На Франкфуртскиот саем на книгата, каде денеска (12.10) беше награден со Мировната награда на германските книжари, Џарон Ланиер не предупредува само од опасноста од собирањето податоци од страна на интернет концерните и тајните служби. Тој ги критикува и социјалните мрежи на корисниците. Оној кој им ги препушта бесплатно своите податоци на Фејсбук и Гугл, придонесува за концентрација на богатството во раце на мал број милијардери. Тоа ја поткопува демократијата, зашто „знаењето е моќ“.
Мировната награда на германските книжари е дотирана со 25.000 евра. Во образложението на жирито се вели дека Џарон Ланиер „препозна какви ризици има дигиталниот свет за слободното живеење“. Ланиер укажува на опасностите „кои се закана за нашето отворено општество кога ќе му биде одземена моќта за обликување и кога луѓето, и покрај тоа што се добива на разноликост и слобода, се редуцираат на дигитални категории“.