1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Џарвис: Иновациите се случуваат во непознатото

Силке Вунш/БГ2 јули 2014

Поради сеприсутноста на интернетот, главното прашање е како да се балансира меѓу стравот за приватноста и гладта за нови технологии. Медиумскиот експерт, Џеф Џарвис вели дека е клучно да не се дозволи да победи стравот.

https://p.dw.com/p/1CUKY
Фотографија: picture-alliance/dpa

ДВ: Како ја дефинирате улогата на новинарството во дигиталното време?

Џарвис: Новинарите се важни- поважни од кога било, затоа што имаме повеќе информации од кога било. Но, новинарите ќе мора да ја преразгледаат својата улога. Тие не се повеќе само чуварите на капијата. Сега луѓето можат самите да разменуваат информации, благодарение на интернетот. Новинарите треба да и дадат вредност на таа размена. Тие мора да ги проверат фактите и да додадат контекст. И најважно од сѐ: новинарите мора да поставуваат прашања кои треба да бидат одговорени. Затоа, новинарите се многу потребни, потребно е новинарите да се откријат себеси во новиот свет со сите можности кои тој ги нуди.

ДВ: Дали тоа се должи на тоа што изворите на информации се менуваат поради интернетот?

Џарвис: Не само изворите на информации, туку и поради фактот што сега имаме заедничка конверзација со јавноста која порано ја немавме, кога бевме еднонасочни медиуми. Затоа сега, првото нешто кое треба да го научиме како новинари е да слушаме. На универзитетот на кој јас предавам новинарство, се обидуваме да воведеме нова диплома, за нешто што го нарекуваме социјално новинарство. И првата и главна вештина на која се обидуваме да ги научиме новинарите е да ги слушаат заедниците. А потоа да им служат на нивните потреби.

ДВ: Во Германија имаме еден специфичен и амбивалентен однос кон приватноста од една страна и транспарентноста од друга. Какво е вашето мислење?

Џарвис: Приватноста е важна. Многу важна. Но приватноста не е сѐ. Сега имаме можност и да споделуваме во јавноста. Интернетот е алатка за споделување, а споделувањето е акт на великодушност. Тоа значи дека можеме да се обединиме, да учиме заедно и да делуваме заедно. Ќе биде жално доколку, како општество, се исплашиме поради приватноста и се затвориме во себе и ја испуштиме можноста да споделуваме.

Жално е на пример тоа што поради правото на Германците да побараат нивните објекти да бидат затемнети, Гугл Стрит Вју на крајот се откажа од Германија. Со тоа Германците загубија нешто. Мораме да се обидеме да балансираме: Да, треба да се заштити приватноста, и да, приватноста е наше право. Но исто така имаме шанса да споделуваме како општество и јас сакам да живеам во општество кое сака да споделува меѓу себе.

ДВ: Во својата книга, Даниел Суарез тврди дека технологијата може и да убива луѓе откако ќе стане доволно автономна. Колку е тоа далеку од реалноста?

Џарвис: Секогаш кога се појавува нова технологија, се јавуваат страв и сомнежи поради тоа. Првата дискусија за заштита на приватноста во САД се појави во 1890 година. И тоа се случи поради појавата на Кодак камерата. И луѓето не знаеја што да прават: 'О Боже, мојата слика може да се појави насекаде'! И што се случи? Нашите норми и закони се прилагодија на технологијата. Најдовме решение. Ќе се адаптираме и на интернетот. Најлошото што можеме да го сториме е да ги запреме промените, поради страв од непознатото. Непознатото е таму каде што се случуваат иновациите. Треба да го охрабруваме, да одиме кон него.

GMF Global Media Forum 2014 Impressionen
Џарвис на Глобал Медија Форум во БонФотографија: DW/K. Danetzki

ДВ: Имате ли некој совет како ние како заедница подобро да ги едуцираме политичарите за нивниот однос кон интернетот?

Џарвис: Вие го имате тој проблем во Германија, како што и ние во САД имаме проблем. Се обидуваме да ги убедиме политичарите да ги тргнат рацете од интернетот. Владите понекогаш имаат и добар мотив да се вмешаат. Дури и компании како Аксел Шпрингер ги уведуваат да се вмешаат. Но интернетот не е под суверена контрола на ниту една држава, и не треба ни да биде. Тоа е неговата сила. Но, тоа е и причината зошто владите и државите толку се плашат од него. Некои влади и други институции ќе се обидуваат да го контролираат интернетот. Ние, луѓето, ќе треба да продолжиме и да изнаоѓаме нови можности и нови слободи кои ни ги носат новите технологии.

Џеф Џарвис е американски новинар и медиумски коментатор, како и професор на градскиот универзитет во Њујорк. Има издадено повеќе книги на тема дигитализација. Неговата книга „Што ќе стори Гугл?“ стана бестселер.