Џамиите во Мека отворени, на аџилак само 1000 верници
Саудиска Арабија годинава ќе ограничи на 1.000 лица кои живеат на нејзина територија можност да присуствуваат на годишниот аџилак во Мека поради пандемијата со коронавирусот, изјави министерот задолжен за аџилак, Мохамед Бентен.
„Бројот на верници ќе биде околу 1.000, малку помалку, малку повеќе“, прецизираше Бентен на конференцијата за новинари и додаде дека „бројката нема да достигне 10.000 или 100.000“.
На традиционалниот годишен аџилак во Мека обично се собираат милиони муслимански верници од целиот свет.
Повеќе:
-Карантински Рамазан за муслиманите ширум светот
-Муслиманскиот свет го засилува карантинот за Рамазан Бајрам
Бентен додаде дека за време на аџилакот на сила ќе бидат мерките за социјална дистанца и ќе се контролираат верниците за да се спречи ширењето на коронавирусот. Истотака на Саудијци постари од 65 години нема да им биде дозволено да одат на аџилак и сите аџии ќе бидат во карантин пред и по аџилакот.
„Ова е многу чувствутелна операција и работиме со експерти од министерството за здравство“, вели Бентен, истакнувајќи оти е важно да се заштитат животите и здравјето на аџиите.
Аџилакот се смета за еден од петте столба на исламот и секој муслиман треба барем еднаш во животот да ја посети Мека.
Саудиска Арабија е една од најпогодените земји со пандемијата на Блискиот исток, со преку 160.000 заразени и околу 1.300 починати од Ковид-19.