1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ќулавкова: Се генерира хаос, како увод во безвластие

КБ13 април 2016

Македонската „демократија“ се претвори во влог во апсолутистичко, тотално владеење и поседување, смета академик Катица Ќулавкова. Излезот, според неа, е во целосно обединета опозиција, а потоа и експертска влада.

https://p.dw.com/p/1IUMa
Катица Ќулавкова (д.) на граѓанските протести на 17 мај 2015Фотографија: DW/K. Blazevska

Политичката и државната криза во Македонија ескалира до степен кога тешко се предвидливи следните настани и разврската. Субјектите кои се повикани да го штитат правниот поредок и угледот на државата, го прават обратното (Уставниот суд, претседателот на државата). Претседателот на државата го доведе во прашање државниот интерес во име на државничко однесување! Неверојатно! Владејачката партија постојано се повикува на народот, а истовремено го поттикнува раздорот меѓу народот со методологија на контрапротести, контрареплики, контраставови. Укинат е дијалогот, нема слободни медиуми, Македонија е еден строго контролиран воз кој нема јасно зацртана насока на движење. Нема државен стратешки интерес околу којшто ќе се обединат сите партии и субјекти и граѓани, независно од етничката и идеолошката припадност. Моралот и достоинството на политичарите е под секое ниво. Реториката е сведена на вулгарно реплицирање, врз начелото - нападот е најдобра одбрана. Институциите на државата се парализирани, владата го губи кредибилитетот, идеолошкиот профил на партиите е во сенка на нивниот етнички идентитет и економски интерес. Некој постојано генерира хаос, како увод во безвластие или во граѓански судир. Луѓето губат надеж дека кризата може да се надмине по нормален пат и низ демократска процедура.

Општествениот амбиент е обележан од страв, недостаток на вистински информации, притисок и манипулација со граѓаните и бирачите, засилени миграциски процеси, криза на границата под притисок на бегалците и квазибегалците од Азија и Африка. Специјалното обвинителство е под постојан притисок, под закана дека ќе се укине, како дел од политичкиот договор на Пржино. Година дена подоцна, речиси стоиме во место, направивме лет во место... Правдољубивата јавност го губи трпението, сè повеќе се слуша дека е исцрпена мирната разрешница на кризата и преостанува само уште онаа другата, порадикална. И против нашата волја се свртуваме кон меѓународната заедница и меѓународните инстанци (ЕУ, САД, меѓународни судови, конвенции и кодекси) со цел да се дојде до поефикасно решение и излез од кризата. Македонската „демократија“ се претвори во влог во апсолутистичко, тотално владеење и поседување. Неопходна е максимално обединета опозиција, оти секоја сегментација на опозицијата ќе оди во прилог на владејачкото мнозинство. Неопходно е време за да се санира состојбата, да се модифицираат законите, да се ослободат медиумите, да се направи попис, прочистен список, за да се создадат услови за слободни избори. Можеби треба да се размислува за еден период без политичка влада, со експертска, која би ги создала законските и други услови, па дури потоа, на слободни избори, да се премине на варијантата на политичка влада.