Ќе ја уништиме ли епохалната шанса?
1 септември 2020Веројатно е случајна коинциденција по подолго време молк во ист ден да се огласат Христијан Мицкоски и Никола Груевски. Случајно, или не, сеедно, нивните истовремени обраќања до јавноста во Македонија имаат голема симболика.
Актуелниот претседател на ВМРО ДПМНЕ секогаш кога ќе се повлече од јавната сцена за добро да размисли соопштува големи дела. Доследен на своите принципи овој пат им приопшти на „предавниците“ од своите редови: „додека сум жив, а и да не сум, ќе се борам против оние кои му служат на Заев.“ Би било кукавички да заминам, им порача на партиските дисиденти што бараат негова оставка. Ова, додека сум жив, а и да не сум, ми прозвучи ептен патриотски и вмровски, борба до смрт, а и по неа. Тоа е пораката што се однесува до неговите партиски критичари што бараат да си замине.
За политичките противници на власт Христијан Мицкоски најави жешка есен откривајќи како ќе се однесува ВМРО ДПМНЕ. „Претстои жестока критика на страна на народот со организирање на масовни граѓански протести против криминалната влада на Заев.“ Тоа се плановите А, Б и В на Христијан Мицкоски и на лојалните кадри на ВМРО ДПМНЕ за спасување на Македонија.
Патриотска порака на Груевски
Неговиот претходник Никола Груевски пак на својот 50- годишен роденден од Будимпешта вчера испрати, исто така, силна патриотска порака одбележувајќи ја 96- годишнината од убиството на Тодор Александров, полна со асоцијации и цитатати дека историјата се повторува. Еден цитат ми остави посебен впечаток : „на свеченостите на македонските емигрантски организации во Бугарија во меѓувоениот период Тодор Александров секогаш го заземаше централното место, како неизбежна иконографија, далеку пославен и од Гоце Делчев.“ Оваа споредба очигледно многу му се допаднала на Груевски која кажува за големината на македоноубиецот Тодор Александров. Во своето обраќање, во улога на историчар, Груевски поентира со мислата на Александров „Вистината е поголема од светлината, но кој сака и може да ја види“. Еднакво силна на неговата омилена народна поговорка вистината е како шило кога тогаш ќе излезе на виделина.
Други колумни од авторот:
Извинувањето на Мицкоски до народот
Да видиме која е денешната реалност и вистина кога не се стои цврсто на земја и се лебди на патриотски вознеси и азилантски мечтаења. Мицкоски ќе ја урива владата која наиде на целосна поддршка од Европската Унија. Од Америка пак стаса веста со заложби за продлабочување на стратегиското партнерство меѓу Македонија и САД како еден од клучните приоритети во меѓусебните односи. Поддршка до новата влада стаса и од соседите Грција и Бугарија кои ќе играат важна улога во преговорите за членство на Македонија во ЕУ.
При една ваква јасна поддршка, уште непочната со работа, Мицкоски најавува жестоки протести и брз пад на владата. Ако е разбирливо и сосема оправдано опозицијата да биде силен коректив и критичар, да врши постојан притисок да се остварат ветувањата и програмите на власта, вклучувајќи и пад на владата ако не ги остварува реформите и европските интеграции, неразбирливо е веднаш да се организираат граѓански протести од првиот работен ден на новата влада. Прифатливо е и тоа да не и се дадат ни еден, ни сто дена на владата, имајќи ги предвид здравствената и економската криза со која се соочува земјата.
Изветвената приказна за изгубениот национален идентитет
Големата грешка на Мицкоски е во неговата стратегија да го води ВМРО ДПМНЕ во истата погрешна насока, како и во изминатите три години, по падот на режимот на Груевски. Не само што не ги отфрли компромитираните кадри од врвот на партијата, туку одби да го сподели успехот и одговорноста за остварувањето на најзначајниот интерес на државата и на граѓаните со силна поддршка на евроатланските интеграции. И по членството во НАТО и по одредувањето на датум за преговори со ЕУ кои почнуваат годинава се вергла изветвената приказна за изгубениот национален идентитет, за сменетото уставно име, за непризнавање на македонскиот јазик, за изгубеното достоинство и гордост, иако останаа негибнати сите национални обележја. Остана суштинското име на државата Македонија. Додавките федерална, народна, социјалистичка, поранешна југословенска, северна... се само иделошки и географски додавки кои во одредени периоди од АСНОМ до денес одбележувале нешто многу поспоредно и помалку значајно од суштината на зборовите Република и Македонија.
Ниту македонскиот јазик изгуби нешто од своето значење, ниту пак некој стана северен Македонец или северџан, како што се уште пропагира анахроната ВМРО ДПМНЕ длабоко загазена во историјата, од антиката до Тодор Александров и Ванчо Михајлов. Напротив, проблематизирањето на националната припадност било од која страна само ги зајакнаа националните чуства на Македонците.
Играњето на картата на меѓуетничка нетрпеливост со опасноста од албанска влада, Албанец премиер, подредена позиција на премиерот Зоран Заев и доминација на албанските министри е ненаучена лекција и на претходните и на сегашните парламентарни избори дека коалициони партнерства не се можни без компромиси. Доктрината на апсолутна победа долги години не ги даде очекуваните резултати. Секогаш таквите победи побрзо воделе кон режим, организиран криминал и корупција отколку кон побрз развој, владеење на правото, реформи, демократија и граѓанско општество. Кажано едноставно тесното мнозинство со макотрпна и чесна работа може да даде поголеми резултати од арогантно двотретинско мнозинство оти стравот го чува лозјето.
Изборот на ВМРО ДПМНЕ и на албанските опозициони партии да бидат конструктивна опозиција може побргу да ги донесе до посакуваните резултати за освојување на власта отколку сенародни и граѓански протести. Многу бргу Македонија ќе се соочи со неопходноста од консензус на сите релевантни политички партии, на науката, на сите институции на системот, на деловните елити, на јавните личности и на голем број стручни луѓе. Во преговорите со ЕУ ќе бидат ангажирани над илјада луѓе без оглед на нивната политичка и партиска припадност. Ќе биде неопходна и помош однадвор од искусни професионалци и поддржувачи на Македонија кои го поминале тешкиот пат кон членство во ЕУ. Ова се големи тимови кои не можат да се менуваат со секоја новоизбрана влада и нов состав на парламентот.
Отворањето и затворањето на бриселските поглавија не може да биде надвор од усвоената рамка за почеток на преговорите со ЕУ и предмет на партиски пресметки. Факторот време е пресуден за стабилноста на државата и за остварување на најзначајните државни интереси. Во тие поглавја се содржани програмските цели за кои наводно се определени сите политички партии. Таму се и владеење на правото и борбата против организираниот криминал и корупцијата, економските и здравствените реформи, образованието, науката, културата, екологијата, заштитата на човековата околина, администрацијата, инфраструктурата, демократските процеси, зачувување на јазичните и националните посебности и се она што се вика усвојување на европските вредности и стандарди. Тоа е вистинскиот мегдан за меѓупартикси натпревар. Владите, премиерите, министрите, пратениците ќе си одат и ќе доаѓаат. Многумина од нив како и во овие изминати 30 години ќе ги заборавиме. На овие генерации е историската одговорност дали Македонија ќе влезе во европското семејство. Тоа не може да биде работа само на една влада и една или две политички партии. Тоа е најсвета обврска на секој граѓанин, ако ништо друго да ги препознае тие што им ја попречуваат нивната и иднината и на поколенијата.
Се разбира, ова е многу лесно да се каже, но ужасно тешко е да се направи во Македонија во еден ваков амбиент на поделби и битките за власт каде се уште ништо не значат фактите и бројките кај соседните земји пред и по членството во ЕУ и во НАТО.