1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Ќе ја бараме вистината за загинувањето на Трајковски“

26 февруари 2010

Швајацарскиот парламентарец Андреас Грос е убеден-за многу прашања околу авионската несреќа во која животот го загуби македонскиот екс-претседател Борис Трајковски, одговор можат да дадат само меѓународни организации.

https://p.dw.com/p/MB77
Андреас ГросФотографија: Toni Glamcevski

Андреас Грос во извештајот кој го изработи во 2007 за Парламентарното Собрание на Советот на Европа, заклучи дека падот на авионот, во кој загина екс-претседателот Борис Трајковски и уште осум други лица, најверојатно е несреќен случај. Но тој исто така оцени дека е потребно и понатаму да се води истрага за да се разјаснат причините за падот на авионот.

Грос посебно беше изненаден од противречностите во официјалната истрага за причините на несреќата. Неговото барање за солидна истрага од страна на македонскиот парламент што ќе ги расветли околностите за смртта на екс-претседателот Борис Трајковски, наиде на поддршка во Македонија. Барањето на македонската парламентарна истражна комисија да му се даде мандат на швајцарскиот парламентарец да се вклучи во истрагата, беше одобрена од Бирото на ПС на СЕ и прифатена од Андреас Грос.

Boris Trajkovski Mazedonien
Поранешниот македонски претседател Борис ТрајковскиФотографија: AP

Одговорот можат да го дадат само меѓународните фактори

„Има прашања на кои можат да дадат одговор само меѓународните организации, тоа ќе биде мојата улога во истрагата. Јас сум подготвен да ги побарам одговорите барајќи информации од НАТО во Брисел. Односно, да видиме што направија француските воени власти и војниците на аеродромот во Мостар.“

Грос за Дојче веле нагласува дека ги искористи неговите контакти во Босна и Херцеговина, што ќе му дозволи да разговара со претставници на тајните служби на оваа земја. Тие можат да дозволат да се најдат одговори на неверојатните противречности во извештаите кои беа подготвени по несреќата.

Истрагата која што ќе ја води Андреас Грос ќе се одвива во идните шест месеци, колку што трае мандатот доверен од ПС на СЕ.

Македонскиот парламент треба да ја има водечката улога во истрагата

„Се надевам дека за овај период ќе успееме да ја завршиме оваа работа, но тоа зависи од македонскиот парламент, бидејќи тој треба да го заврши најголемиот дел од работата. Парламентот е тој кој што треба да ги сослуша сведоците и да им ги наметне прашањата на властите и на тие кои што во моментот ја имаа власта или работеа во структурите на власта и кои најверојатно имаат информации, што досега не беа покажани пред јавноста. Новиот претседател на истражната комисија треба да даде нов импулс во истрагата“ , вели Андреас Грос.

Wrack von der Präsidentenmaschine Boris Trajkovski
Местото каде падна авионот со претседателот ТрајковскиФотографија: AP

Тој започна да ги обновува неговите контакти во Вашингтон, Брисел и Париз за НАТО да соработува во истрагата.

„Во една демократија не можеме да и‘ дозволиме на ниту една институција, па дури ниту на воена, да ги крие грешките кои ги прави. Во Авганистан ги признаваат грешките, исто така треба да се признаат и грешките кои што можеби ги имаат направено во Европа во последниве дваесет години.“

Вистината ќе се дознае?!

Тој ветува дека ќе направи сé за да се дознае вистината за несреќата. Неговиот дел од истрагата ќе биде дел од извештајот на Истражната комисија на македонското собрание, но и посебен извештај за ПС на СЕ.

Често, вистината никогаш не се пронаоѓа, но можеме да се доближиме до неа. Сигурен сум дека ќе дознаеме повеќе по истрагата, но не знам дали ќе дознаеме сé“ - завршува Андреас Грос.

Според него, за една земја како Македонија, од огромна важност е да се спроведе целосна истрага, со што само ќе се зацврсти демократската легитимност на македонската држава.

Автор: Тони Гламчевски

Редактор: Жана Ацеска