Пругата кон Бугарија ќе се гради со грантови и заеми
14 јули 2017Изградбата на делницата од железничката пруга кон Бугарија во должина од 34 километри треба да започне во 2018 година, а да заврши во 2022, се наведува во документите на ЕУ во кои ДВ имаше увид.
Според актуелните проценки, целата инвестиција за делницата Бељаковце- Крива Паланка треба да изнесува нешто над 152 милиони евра. Придонесот на ЕУ од околу 70 милиони евра ќе треба да биде надополнет и со кредит од Европската банка за обнова и развој (ЕБРД) во износ од 75 милиони евра. Кредитот ќе се враќа на период од 15 години и, според македонските власти, ќе биде со поволни услови. Според информациите, договорот за заем од Европската банка за обнова и развој е веќе постигнат.
Инаку, целата делница од Куманово до границата со Бугарија е со должина од 89 километри.
На истиот коридор ќе треба да се завршат и двете други делници: Куманово-Бељаковце, во должина од 31 километар, и Крива Паланка-Деве Баир во должина од 24 километри.
Според вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев, поврзувањето во рамките на Коридорот 8 е од огромно значење за земјата.
„Како Влада, а со тоа се согласува и Европската Унија, сметаме дека нашето поврзување со Коридорот 8, односно, врската помеѓу Македонија, Бугарија и Албанија е од огромно значење. Вие знаете дека по должината на коридорот 10 имаме доста развиена мрежа, но делницата исток-запад не е така развиена“, рече Анѓушев во четвртокот.
Пробиени рокови
Реконструкцијата на пругата на делницата Куманово-Бељаковце започна во 2014 година, а инвестицијата од 46 милиони евра претходната влада ја обезбеди со кредит од ЕБРД. Иако проектот требаше да биде реализиран заклучно со 2016 година, според информациите, досега се завршени само околу 20 проценти од работата на трасата.
Последната делница од проектот, Крива Паланка-Деве Баир, иако најкратка е и најскапата. Проценките се дека нејзината изградба ќе чини околу 330 милиони евра.
Претходната влада ветуваше дека комплетното железничко поврзување со Бугарија ќе биде завршено до 2022 година и ќе чини околу 500 милиони евра.
Како што сега стојат работите, веројатно е дотогаш да биде завршена делницата Бељаковце-Крива Паланка. Кога ќе завршат сите проекти, железничката линија меѓу Македонија и Црното Море ќе биде покуса за околу 200 километри, се наведува во проектната документација.
Освен со Бугарија, Република Македонија не е поврзана со железничка линија ни со Албанија. Македонските компании со години се целосно зависни од пругата на Коридорот 10 кој поминува низ Грција.