Ќе стане ли биткоинот „злато на милениумот“?
8 јануари 20212020 година беше исклучително успешна за најголемата криптовалута во светот - биткоинот. Во новава 2021 година, неговиот подем продолжува незапирливо. Курсот на најстарата и најважна криптовалута денеска се зголеми за 4,4% и изнесува 41.514,50 долари (околу 33.896 долари). Во последните неколку недели, според белешката објавена во вторникот од инвестициската банка ЏП Морган, Grayscale Bitcoin Trust доби над 3 милијарди долари (2,45 милијарди евра). Златото, пак, забележа одлив од околу 7 милијарди долари.
„Конкуренцијата на биткоинот и златото веќе започна во нашиот ум“, напишаа стратезите на ЏП Морган.
„Земајќи предвид колку се големи финансиските инвестиции во злато, истиснувањето на златото како „алтернативна“ валута имплицира голема нагорна линија на биткоинот на подолг рок“, тврдат тие.
Значи, дали биткоинот е новото злато? Одговорот е комплициран, особено по зголемувањето на вредноста на златото во претходните денови. Вредноста на благородниот метал во понеделникот се искачи на над 1.900 американски долари за унца, што е највисока цена во период од речиси два месеца. Во исто време, криптовалутата продолжи да флуктуира.
Од избувнувањето на коронавирусот, владите и централните банки впумпаа милијарди евра стимулации во своите економии уништени од пандемијата. Ова ги привлече инвеститорите и кон златото и кон криптовалутата, бидејќи тие бараат инвестиции безбедни од потенцијална инфлација.
Биткоинот созрева
За оние кои се љубители на инвестирање во злато, привлечната сила на овој благороден метал е очигледна. Тој е видлив насекаде околу нас во форма на кованици, накит и други декоративни предмети, и има долга историја. Биткоин-скептиците постојано укажуваат на недостигот на инхерентна вредност на криптовалутата како една од нејзините најголеми слабости.
Повеќе:
Десет години биткоин - кој ја создаде криптовалутата?
Биткоин 2018 – по високиот лет следеше сртмоглав пад
Европа против криптовалутата на Фејсбук
Златото е сестрана и непроменлива вредност која за многу инвеститори изгледа помалку ризична отколку, на пример, акциите. Цената на биткоинот би морала да се зголеми петпати - на 146.000 американски долари за кованица - за да соодветствува на глобалното вреднување на приватното богатство од злато, кованици или фондови со кои се тргува, во висина од 575 милијарди американски долари, се вели од ЏП Морган.
„Се' на крајот станува залиха на вредност, затоа што сите се согласуваат со тоа“, изјави за ДВ Џозеф Едвардс, шеф на истражувања во Енигма Секјуритис. „Милениумците и Генерацијата З на биткоинот гледаат како на нешто што е старо повеќе од една деценија, што технички се одржало, опоравувајќи се од сите пазарни шокови и заљубени се.“
Истражувањето на меѓународната консултатнтска куќа deVere Group, спроведено во декември, покажа дека повеќе од две третини од милениумците кои се клиенти на фирмата, се на мислење дека биткоинот е посигурен од златото.
Не заминува
Иако биткоинот секогаш имал некои својства на парите, како преносливост и деливост, беше потребно време за да се докаже во други области, како трајноста, вели Едвардс: „Во смисла мрежата да е неранлива за напад и да шири увереност во насока дека биткоинот едноставно не исчезнува“, додава тој.
Аналитичарот за брокерски услуги на мрежата ThinkMarkets, Фавад Разакзада, се согласува со карактеризацијата на биткоинот како „злато на милениумот“.
„Конечно, неговата понуда е фиксна и се зголемува побарувачката по неа, вистинска дефиниција на нешто драгоцено“, вели тој за ДВ. „Биткоинот профитира од постојаниот бран на институционален интерес, што го забрзува прифаќањето од страна на мејнстримот“, нагласува Разакзада.
Во 2020 година се отвори можност за купување делови од една цела биткоин-единица со што се отвори вратата за криптовалутата за пошироката јавност, а компанијата ПејПал за платни услуги им овозможи на сопствениците на сметки да извршат трансакции на мрежата со криптовалута.
Скептичноста во врска со иднината на биткоинот останува и натаму голема. Но, „никој не сака да им застане на пат на многуте милијардери кои гаѓаат на големи позиции“, вели Едвард Моја, виш пазарен аналитичар во трговската група Оанда.
Многумина предвидуваат дека цената на биткоинот ќе се коригира во текот на наредните месеци, а инвеститорите ќе продаваат додека цените се високи. Моја и други и натаму очекуваат силна година за златото.
„Златото би можело привремено да се повлече, но би требало да има јасна нагорна линија до крајот на годината“, вели тој за ДВ. „Златото веројатно ќе профитира од 'сигурните пристаништа', зашто моменталниот зимски бран на Ковид ќе ги примора владите да донесат порестриктивни мерки.“
Разакзада очекува рекордни максимуми за таа стока, укажувајќи на „постојаниот раст на евтини пари од централните банки“.
„Дури побарувачката по злато би требало и да се зголемува со опоравувањето на светската економија од пандемијата“, вели тој.
Клучна е ликвидноста
Јасно е дека златото е присутно предолго време за да исчезне наскоро. Но, во овој случај, минатото не е толку важно како она што доаѓа.
„И покрај стравотиите од последната година, трендот оди во насока на тоа временските и географските граници да стануваат се' помали во праксата“, оценува Едвардс. „Веќе не живееме во свет во кој се чувствуваме пријатно ликвидно... Биткоинот е сега најликвидната вредност на планетата.“
Поради тоа, останатите криптовалути, како второпласираниот Етереум, исто така веројатно ќе добиваат на популарност и вредност. Неколку централни банки напредуваат во развојот на сопствени дигитални валути.
„Дали биткоинот ја има долготрајноста на златото? Се разбира дека ја нема, но тоа не е важно“, смета Едвардс. „Современиот интернет - се' што користиме, се' што гледаме - всушност е стар можеби 15, најмногу 20 години, а никој во моментов не може да замисли свет во кој интернетот си заминува. Дванаесетте години биткоин исто така можат да бидат 120 години во која било друга ера на историјата на човештвото.“