1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ќе се рушат ли новите градби во Свети Наум?!

Милчо Јованоски27 февруари 2014

Додека се чека Субрата Рој да почне да гради во Љубаништа, владиката Тимотеј го преуредува имотот во Свети Наум. Во медиумите проструи веста дека дел од објектите ќе се рушат. Реалност или многу врева за ништо?!

https://p.dw.com/p/1BGIn
Фотографија: DW/M. Jovanovski

Веста дека дел од новите градби во црковно - туристичкиот комплекс Свети Наум не се легални и дека општината ќе ги руши, тргна од порталот „Охрид1“ и како лавина редица други медиуми ја презедоа и проширија. И колку што брзо стана тема број еден, уште побрзо од локалната власт и Дебарско – кичевската епархија стигнаа смирувачки тонови. Никој не демантира дека објавеното не е точно. Но, јавноста и медиумите во Македонија со денови се занимаваат со причинско – последичните врски зошто и како дојде до тоа? Дали ова е класичен притисок од власта кон митрополитот Тимотеј кој отворено во континуитет е против најавите пред манастирот во Љубанишко Поле Индиецот Субрата Рој да гради голем туристички ресорт или порака дека без дозвола за градба не смее да гради никој, па ниту Црквата?

Црквата гради во координација со архитекти од Општината и Заводот и Музеј

„Откако државата ни врати дел од имотот цврсто решивме комплексот Свети Наум да добие нов лик и неодамна почнавме да градиме“ , вели за Дојче веле владиката Тимотеј и тврди дека решението за рушење не го видел, но слушнал дека се работи за неиспочитуван правен принцип. „Доколку одеше се‘ по ред, прво требаше да дојде решението за престанок на градбата, па опомената, па на крај решението за рушење. Прескокнати се две законски правни постапки и веднаш е издадено решение за рушење. За тој дел од крајбрежието нема урбанистички план, но манастирот Свети Наум си изработи свој урбанистички план и тоа во координација со луѓето од Општина Охрид и од охридскиот Завод и Музеј и е доставен до локалната самоуправа да го верификува. Формално – правно тоа уште не е сторено, а тоа не е наша грешка.“

Свети Наум големо градилиште и наскоро со модерен лик

Од фотографии и луѓето што ги виделе новите градби на социјалните мрежи во најголем дел има позитивни коментари. „Досега изградена е влезна порта, сите бараки од пластика се тргнати и на нивно место се прават околу 20 типизирани киосци од дрво кои треба да се вклопат во тој амбиент. Градиме фонтани, санитарен јазол, паркинг и хортиткултурно ќе го средиме просторот. Дали тоа е прифатливо или не, не знам. Никој никаде не направил нешто, што на сите им се допаѓало. Свесен сум дека нема сите да не‘ фалат. Целата работа им ја препуштив на архитектите, а мене ми се припишуваат наводните грешки. Еве и тоа го прифаќам, ако е тоа грешка“ додава господинТимотеј. Ако се‘ оди по планот, пред почетокот на сезоната игуменот на манастирот Св. Наум, Нектариј во сослужение со уште неколку свештеници ќе изврши осветување на преуредениот простор. А панаѓурот на 3. јули кој живее со векови, ќе продолжи да живее на истиот простор, дециден е митрополитот Тимотеј.

Sveti Naum Umbau Ohrid Mazedonien
Фотографија: DW/M. Jovanovski

Чиста формалност или порака со притисок во заднина

„Светоста на манастирскиот комлекс не' обврзува сите нас да бидеме внимателни во постапките и во јавно изнесените ставови, без непотребно подгревање на атмосферата во јавноста за рационално да се донесат законски издржани решенија“, стои во реакцијата на локалната самоуправа, пишува новинарот Веле Митановски во колумната за „Утрински“ и додава: „ Првиот впечаток е дека ваквиот стил и јазик се невообичаени кога станува забор за едно комунално прашање. А вториот, дека ’ракописот’ на ова писание, по стилот, пораката и ефектот што треба да го постигне, не е од охридски праисход. Зошто на еден надлежен архиереј, во случајов владиката Тимотеј, за комунален проблем, би му се приговорило со политички речник: за ’јавно изнесените ставови’, за ’непотребно подгревање на атмосферата во јавноста’, за ’нерационалност’. Да не се градбите само повод (можност) да биде подискаран за нешто друго?“

Владиката Тимотеј во разговорот за Дојчевеле не крие дека е изненаден, но и дека не го интересира од каде тргнала тревогата: „Немам сознанија дали е чиста формалност или пак потекнува од инспекциските служби во локалната самоуправа или тоа е наложено од повисоки органи. Знам дека градоначалникот Никола Бакрачески контактирал со секретарот на нашата Епархија и дека даде смирувачка изјава во медиумите да се излезе од формално – правната димензија, градбите во Свети Наум да се легализираат и да се регулираат и написмено. Не очекувам компликации. Не градиме нешто лошо, туку подобро од тоа што беше“.

.