1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Ќе дојде ли до војна меѓу Турција и Грција?

Панајотис Купаранис
24 јули 2020

Ердоган обилно ја користи променливата политика на САД, како и неодлучноста на ЕУ, истакнува за ДВ експертот Гинтер Зојферт. Во вторникот повикот на Ангела Меркел едвај спречил почеток на војна меѓу Грција и Турција.

https://p.dw.com/p/3fr5S
Türkei | seismisches Forschungsschiff | Öl-Gasbohrungen |  MTA Oruc Reis
Фотографија: picture-alliance/dpa/AA/I. Yozoglu

Сѐ погласно се ѕвечка со оружје по најавата на Анкара дека ќе го испрати истражувачкиот брод „Орук Реис" во близина на грчкиот егејски остров Кастелоризо, кое се наоѓа на само три километри од турско копно. Тука, според најавите, турскиот брод еден месец би требало да испитува постоење на потенцијални подводни наоѓалишта на природен гас и нафта.

Тоа подрачје Грција го смета за свои територијални води и зона во која има ексклузивно право да истражува и експлоатира.

Војските на обете земји се во состојба на засилена готовност и, според сознанијата на германскиот весник „Билд", само посредувањето на германската канцеларка Ангела Меркел во вторникот спречило отворен судир. Како што пишува весникот, турски воени авиони го надлетувале Кастелоризо, во воздух биле исто така и грчки и дури телефонскиот контакт на канцеларката со Ердоган и грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис спречил воен судир.

Преговорите се единствено решение

 „Може да се очекува дека Ердоган ќе продолжи со својата политика на воено подбуцнување", вели за Дојче веле Гинтер Зојферт од берлинскиот Центар за применети турски студии. Тој е уверен дека турскиот претседател нема да се откаже од дупчење во поморјето во област која Грција ја смета за своја, исто како и што влезе во подрачје на кое полагаат право Кипраните.

Повеќе на темата:

Меркел спречила вооружен судир меѓу Турција и Грција

Колку се легитимни турските претензии во Средоземно Море?

Турција и Кипар: Кавга околу ризницата со гас

„Дали затоа ќе дојде до војна, зависи од начинот на однесување на Грција: дали ќе ѝ понуди преговори на Турција или не", продолжува Зојферт. „И зависи од поставеноста на ЕУ и пред сѐ САД. Крајно, и Грција и Турција се членки на НАТО и тука големите членки на Алијансата би требало да се вклучат како посредници."

Зојферт смета дека преговорите се единствено решение за спротиставените толкувања на поморското право. Додека Грција е уверена дека морето околу нејзините острови спаѓа во грчки територијални води, иако островите се многу блиску до турскиот брег, Турција тврди дека тоа не подразбира ексклузивно право на енергенсите.

Неодлучност на ЕУ и САД

Додека ЕУ засега се ограничува на соопштенија и закани со санкции кон Турција, САД се во тешка позиција, истакнува Зојферт. „Од една страна имаат доста конфликти со Турција, помислете само на турската набавка на руски противракетен систем С-400. Од друга страна, САД се обидуваат да го сузбијат влијанието на Русија во источно Средоземје и Либија токму со помош на Турција. Вашингтон изгледа уште не одлучил дали сака примарно да се позиционира против Русија или примарно да ја дисциплинира Турција."

Ердоган обилно ја користи оваа „таму-ваму" политика на САД, како и неодлучноста на ЕУ, заклучува Зојферт.

Гинтер Зојферт, поранешен дописник од Турција и предавач на универзитетите во Истанбул и Никозија, потсетува дека ЕУ своевремно имаше кохерентна политика кон Турција во рамките на преговорите на таа земја за пристап кон Унијата. „Бидејќи тој процес беше многу нормативно усмерен, имено кон примена на демократски рефори во Турција, сите држави можеа да го поддржат", вели Зојферт.

Но, тоа пропадна. „Сега во прв план се многу поединечни теми – бегалското прашање, енергетската политика, улогата на Турција во Сирија и во Либија. Во сите тие прашања одделни држави од ЕУ имаат различни позиции согласно со националните интереси", додава Зојферт.

Ердогановата цел е голема Турција"

На прашањето на новинарот на Дојче веле дали е случајност што во ист ден (денеска, петок, 24. јули) се одржува прва исламска молитва во Света Софија која е пренаменета во џамија, се планира и заминување на турскиот брод во близина на грчкиот остров и се одбележува годишнина од договорот од 1923. година кога е дефинирана границата меѓу Турција и Грција, Зојферт вели:

„Тоа не е случајно. Политиката на господин Ердоган има за цел создавање голема Турција. Станува збор за Турција која не се ориентиира кон Запад како Турција на Кемал Ататурк, туку за Турција пронижана од историјата и империјалната величина на Отоманското царство", наведува експертот.

Мото на Ердоган, додава тој, е Турција да стане најголема сила во регионот во вакуумот настанат со повлекувањето на САД и слабоста на ЕУ, како и тоа Турција да ги застапува интересите на сунитските муслимани на Блискиот Исток. „Практични последици на таа политика се вооружување на турската војска и милитаризација на надворешната политика во источно Средоземје. Таа политика има и големи симболички димензии како претворањето на Света Софија во џамија".