Ќе донесат ли преговорите со ЕУ повисок стандард?
23 јули 2022Скромни, а во одредени сегменти и доста лоши се перформансите на македонската економија на стартот напреговарачкиот пат на земјатакон членство во Европската унија. Со најниски плати во регионот, една од најдлабоките сиромаштии во Европа, слабо ниво на економски развој, длабоко вкоренета корупција, недоволно реформиран правен систем кој не дава доволна сигурност за инвеститорите, лоша инфраструктура. Во вакви услови, според упатените, е илузорно да се очекува дека стартот на преговорите, макар и како скринингво оваа фаза, ќе донесе брзи економски промени во државата. Сепак, самиот момент, а и пораките кои се испраќаат од меѓународната заедница, даваат одредена позитивна надеж:
„Дали полесно ќе дојдат сега европски пари во државата? Па со оваа политичка одлука можеби тоа и ќе се случи, ќе добиеме можеби еден 'бакнеж', оти ова што го направивме е своевиден врв на погазување на одредени човекови права, историски права, политички права. Факт е дека целта и интересот е Европа, а ние како бизнис заедница сме секогаш за напредок и кој како сака тоа нека го разбере. Испративме политичка порака дека сме спремни по секоја цена да пристапиме кон преговори, меѓутоа за оваа одлука требаше да бидеме поткрепени, да бидеме подготвени не само политички, туку и оперативно, организациски и системски. Се плашам дека во овој сегмент не сме доволно подготвени системски да одговориме на предизвикот и тоа што ќе се бара од нас да го изработиме“, коментира за Дојче веле стопанственикот Миле Бошков.
Подготвеност за предизвикот
Во период кога доминира политичкиот момент, зачинет со историските болни прашања и внатрешната драматична поделеност, прашање е колку реално македонското општество е подготвено да се престрои и да се фокусира на неопходните реформи кои сигурно ќе бидат тешки, долготрајни, но со извесни позитивни придобивки:
„Мораме да знеаме дали можеме да се носиме со предизвик да бидеме отворени, транспарентни, отчетни за јавните трошења. Од досегашното искуство, недостасува сигурноста и вербата дека ќе можеме да го издржиме тој предизвик. Со знаење, одговорност и неиспраќање на пораки дека одвај го чекаме моментот да 'чепнеме' од средствата за лични или партиски интереси. И тука никој од надвор нема да ни помогне, ако самите не си помогнеме и не си воведеме систем на самоконтрола и одговорност. Оти ако не биде така, тогаш се плашам дека на гости ќе имаме повеќе инспекции и тимови од типот на оние од ОЛАФ, отколку од оние што ќе сечат ленти дека сме направиле пат, болница, или некој друг проект. Оти стандардот на ЕУ е поврзан со стандардот на секој оној што работи во ЕУ. По сите основи“, укажува Бошков.
Слаба искористеност на фондовите
Пристапниот процес кон Европската унија македонското општество го оди веќе подолг период. Дел од законодавството е веќе усогласено, но она што загрижува е подготвеноста за искористување на она што се нуди како поддршка и проекти од Европа. Досегашните резултати по овој основ сепак се скромни, а тоа, според упатените, се должи на недоволниот потенцијал и знаење на оние кои тоа треба да го сработат:
„Ние, за жал, со години имаме ослабнување на кадарот кој треба да работи на искористувањето на фондовите на ЕУ, утврдено и во соодветното поглавје на извештајот на Европската комисија. Тука, почетокот на преговорите прави клучна разлика, бидејќи на државата ќе ѝ обезбеди предуслови за развој на тој кадар поинакви од ситуацијата на блокада која ја живеевме подолг период. Сепак, на крај на денот, унапредувањето на демократијата и економијата се наша сопствена одговорност, а процесот на пристапување ги унапредува условите за тој развој“, коментира за ДВ Симонида Кацарска, директор на Институтот за европска политика.
Позитивен аспект, според упатените, е што барем во делот на законодавството низ годините институциите не спиеле. Добар дел од потребните реформи во делот на економјата се направени, дури и повеќе во споредба со некои од останатите земји со кои земјата го оди патот кон ЕУ:
„Усогласувањето со законодавството на ЕУ, примарно во сферата на економијата е процес кој кај нас се спроведува уште со потпишувањето на Спогодбата за стабилизација и асоцијација од 2001 година, поради што и имаме релативно добра усогласеност, споредливо со Србија и Црна Гора кои преговараат со години. Со почетокот на преговорите обврските за нашата администрација ќе се зголемат во насока на усогласување на законодавството и ќе бидеме под зголемен мониторинг на имплементацијата. Дополнително, почетокот на преговорите кој би се комплетирал со уставните измени, ќе даде позитивен сигнал на инвеститорите од аспект на стабилност и може да се очекува зголемена економска активност“, смета Кацарска.
Корупцијата е „рак рана“ за економијата
Еден од клучните сегменти во процесот кој треба да ја подобри состојбата во делот на економијата е владеењето на правото, но и битката со корупцијата, која со години важи за „рак рана“ на македонското општество и редовно е главен сегмент во сите извештаи на Евроспката комисија за напредокот на државата. И покрај сите декларативни заложби и реформски процеси, резултатите на овој план се далеку од задоволителни. Почетокот на процесот, според упатените, дава надеж дека конечно може да се очекуваат позитивни придвижувања:
„Скринингот го гледам како непристрасна контрола на институциите од кои што очекувам резултати, почитување на законите, работење согласно закони и со интегритет. Овој процес ќе биде поттик за тоа конечно да можеме да го видиме. Битката со корупцијата и владеењето на правото се клучните предуслови ако сакаме да имаме одржлив развој и солиден економски амбиент“, коментира за ДВ Билјана Ивановска, претседател на Антикорупциската комисија.
Експертската јавност предупредува дека битката околу владеењето на правото и сузбивањето на корупцијата е критично неопходна од повеќе апсекти. Еден од клучните е што голем дел од ресурсите во услови на корупција се одлеваат во приватни џебови, наместо во јавни цели. Самиот скрининг, според нив, ќе помогне, што го потврдуваат и искуствата
„Она што е актуелно, и што во моментов е многу значајно, е што искуствено, од мои лични контакти со колеги од регионот, со Хрватска, најголем прогрес во пристапниот процес имале во владеењето на правото. Ако тргнале од едно ниво пред пристапниот процес, имале драматично подобрување со овие мерки кои биле следени од ЕУ и тука имаат најдобри резултати. По завршувањето и откако влегле во ЕУ, имаат одредено назадување, но никогаш не се вратиле на онаа почетна точка. Некој ќе рече кога ќе биде и се ова е далечно. Не, тој процес сам по себе е придобивка, бидејќи тука се прават најзначајните и најтешките реформи. Ставени сте на шини со рокови каде немате многу простор“, коментира за ДВ Драган Малиновски, адвокат и поранешен антокорупционер.
Половина од работата завршена!?
Исполнувањето на економските критериуми во делот на прилагодувањето кон критериумите на ЕУ, според надлежните, е солидна основа за старт на преговарачкиот процес. Посебно во делот на обврските кои произлегуваат од Спогодбата за стабилизација и асоцијација во делот на усогласувањето на националното законодавството со правото на ЕУ и неговото спроведување. Од Секторот за Европски политики за Дојче веле објаснуваат дека досега веќе има околу 45 % проценти усогласеност на националното законодавство со законодавството на ЕУ:
„Нашето право во голема мера е усогласено во областите од внатрешниот пазар, како што се царинската унија, даночната регулатива, правото на трговски друштва и.т.н. Со почетокот на пристапните преговори, секако ќе се зголеми и динамиката на реформите. Во насока на креирање на економските политики, се подготвува Програмата за економски реформи како стратешки документ во економскиот дијалог со ЕУ. Овој документ претставува подготовка за учество во процесот на економски и фискален надзор на земјите членки на ЕУ, односно за вклучување во процесот на европскиот семестар за координација на економските политики во ЕУ, а се подготвува согласно заклучоците од Заедничкиот економско-финасиски дијалог“, велат за Дојче веле од Секторот за европски политики.
Владиниот фокус во делот на реформите ќе биде насочен кон пазарот на труд, вработувањето, образованието, социјалната политика, за што се подготвуваат „Програма за реформи“ и „Стратегија за паметна специјализација“ како сеопфатен модел за одржлив економски раст. Сите реформи велат дека ќе се носат во соработка со бизнис заедницата. Фондовите на ЕУ остануваат мотор за промени, но и катализатор за реформи:
„Пристапните преговори ќе го зголемат притисокот за спроведување на реформите, а токму ИПА 3 фондовите нудат можност за поддршка на проекти за зајакнување на капацитетите кои произлегуваат од примена на европското законодавство, финансирање на инвестициската агенда на земјата, поддршка на приватниот сектор, но и можности за учество во Програми на Унијата. Наша цел е да работиме на зајакнување на капацитетите за апсорпција на ЕУ-фондовите со цел да се обезбеди навремено и правилно планирање и користење на достапните средства“, укажуваат од Секторот за европски политики.
На патот кон ЕУ, македонските институции се пред предизвик за исполнување и на обврските кои произлегуваат од Енергетската заедница кои се многу важни, посебно во актуелниот моментуум со војната во Украина и енергетската криза како директна последица од неа. Надлежните трвдат дека тековно ги исполнуваат обврските од Енергетската заедница и Транспортната заедница во насока на подобрување на енергетската ефикасност и користење на обновливи изворина енергија со цел достигнување на целите на Зелената агенда, одржливиот развој, како и рамномерниот регионален и локален одржлив развој.
„Што се однесува до предизвиците, токму процесот на скрининг, кој започна на 20 јули 2022 година, ќе ни даде јасен преглед на тоа каде стоиме и што треба да направиме во годините што следат, со цел да го спроведеме реформите од ЕУ-агендата, вклучително и усогласувањето со европското право и стандарди, градењето на административните капацитети и ефикасно спроведување на усогласеното законодавство во сите области вклучително и поглавјата поврзани со внатрешниот пазар. Поточно, врз основа на билатералниот скрининг, каде ние ќе го презентираме степенот на усогласеност на националното законодавство согласно презентираните акти на ЕУ за време на објаснувачките состаноци, институционалните капацитети и спроведувањето на законите, ЕК ќе подготви извештај од скринингот, кој меѓу другото ќе содржи и наоди и оценка на Комисијата за степенот на усогласеност и капацитетите, заклучоци и препораки на Комисијата за натамошните реформи кои ќе овозможат целосна усогласеност со стандардите кон ЕУ“, соопштуваат од СЕП.
ЕУ со години важи за главен трговски партнер на македонската економија која низ годините постиојано расте. Само за илустрација, од 2002 до 2021 година трговската размена е зголемена за 744%. Солиден дел од неа се должи на досегашнитер политики во делот на привлекувањето на странските инвеститори во земјата кои се еден од главните двигатели на извозот а со тоа и на растот. Доминантна улога во овој сегмент имаат германските фабрики, главно во делот на автомобилската индустрија, кои вработуваат околу 15.000 луѓе. Токму Германија важи за главен извозен пазар и е еден од ретките партнери со кои македонската економија остварува суфицит во трговската размена.