Ќе владее ли кралицата наскоро со Мала Британија?
2 август 2019Какви промени ќе предизвика Брегзит без договор и без преодна фаза, кон што стреми новиот премиер Борис Џонсон, во состојбата на Унијата? Притоа, не се мисли на Европската унија, туку на унијата составена од Англија, Велс, Шкотска и Северна Ирска. Овие четири области се опфатени во Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска. Но, уште колку долго? Во Шкотска и Велс постојат стремежи за самостојност, кои земаат замав од изгледите за економски последици на Брегзит без договор. Во Северна Ирска, чија граница кон Ирска би станала надворешна граница на ЕУ, се засилуваат повиците за обединување со Република Ирска.
Британскиот премиер Џонсон беше во својата прва посета од стапувањето на функцијата во „земјите“ Велс и Шкотска и „провинцијата“ Северна Ирска. Приемот насекаде беше студен. Каква е ситуацијата во одделните делови на Унијата?
Северна Ирска
Во 1921. година јужниот дел од Ирска, по војната за независност, излезе од 120 години претходно настанатото „Обединето Кралство на Велика Британија и Ирска“. Шест региони од Северна Ирска останаа во Обединетото Кралство. Тесно мнозинство од тамошното население се протестанти, кои себе си се сметаат за Британци и сакаат да останат во Кралството. Католиците се во малцинство, тие се сметаат себе си за Ирци. Но, досега само мал дел од католиците изразуваше желба за обединување со јужниот дел од Ирска.
Од 1960-те години меѓу двете религиски групи секогаш одново доаѓаше до насилни судири, терористички напади и вооружена борба против британските војници и полицајци. Конфликтите беа прекинати дури во 1998. година со мировниот договор, познат како Договор на Велики петок. Оттогаш, меѓу Северна Ирска и Република Ирска веќе не постои граница. Ова отворање се сметаше за значаен фактор за актуелниот повеќе или помалку мирен соживот.
Владата на претходната британска премиерка Тереза Меј и ЕУ во Договорот за Брегзит предвидоа оваа граница да остане отворена сѐ додека не се најде конечно решение по излезот на Велика Британија од ЕУ. Северна Ирска би требало да остане во царинска унија со Ирска, а со тоа и со ЕУ. Ова правило, наречено „backstop", Борис Џонсон планира да го укине, зашто би водело кон тоа Северна Ирска и остатокот од Обединетото Кралство во царинско технички поглед да имаат различен третман од страна на ЕУ.
Во Северна Ирска постојат длабоки јазови на поделба. Републиканските партии стремат кон обединување со Ирска. Т.н. „Унионисти“ не сакаат да ги пресечат врските со Велика Британија.
Договорот на Велики петок предвидува можност Северна Ирска да се отцепи од Кралството доколку така реши мнозинството на референдум. Во случај на Брегзит без договор, можно е активирање на оваа клаузула. Ирскиот премиер Лео Варадкар не е против обединување со северниот дел од островот и со тоа останување во ЕУ. И либералните протестанти во меѓувреме би се прашале дали сѐуште можат да се чувствуваат како дома во националистичка Велика Британија, изјави тој.
Шкотска
Новиот британски премиер Борис Џонсон во понеделникот беше исвиркан при посетата на Шкотска. Никола Старџен, премиерка на во голем дел автономниот дел од државата, во случај на Брегзит без договор му се закани на Џонсон со одржување референдум за независност на Шкотска. „Шкотска беше игнорирана во текот на целиот процес околу Брегзит, Прекинете да ја водите нашата земја кон амбис“, изјави Старџен.
Во 2014. година Шкотите во првиот референдум отфрлија независност и напуштање на Обединетото Кралство. Сегашната ситуација е коренито поинаква, смета Никола Старџен. Првиот пат многумина Шкоти рекоа „не“ зашто државната независност ќе значеше и заминување од ЕУ. Денес е спротивно - Шкотска би ја напуштила ЕУ доколку остане во Велика Британија. Шкотите во 2016. година на референдумот за Брегзит гласаа за останување во ЕУ. За да останат, ќе треба да формираат независна држава со која ќе можат да се приклучат кон ЕУ.
Но, овој план има и своја слаба точка: централната влада на Борис Џонсон треба да даде согласност за одржување нов референдум. Весникот „Сандеј тајмс“ во јуни објави резултати од анкета, според кои поддржувачите на идејата за независност на Шкотска би оствариле предност од шест проценти на следниот референдум.
Велс
И во Велс, кој од 1282. година припаѓа на Кралството Англија, одвреме навреме се раѓа отпор против предоминацијата од Лондон. Според една анкета на БиБиСи, моментно само помалку од 10 проценти од трите милиони жители на Велс се одушевени од идејата за независност. Веќе 100 години постои националистичка партија, која повеќе или помалку силно се бори за самостојност. Партијата на Велс на последните избори за Долниот дом освои 4 места. Нејзиниот лидер Адам Прајс се изјасни дека во случај на Брегзит без договор на крајот на октомври, во Велс треба да се одржи референдум за независност. „Парламентот во Вестминстер во Лондон, а не ЕУ, го излага народот на Велс“, изјави тој, остро критикувајќи ја конзервативната влада во Лондон.
Велс располага со ограничен автономен статус и свој парламент. Премиерот на Велс, лабуристичкиот политичар Марк Дрејкфорд критикуваше што конзервативниот премиер Џонсон нема никаков план. Земјоделците во Велс ќе страдаат ако ЕУ од октомври престане да им плаќа субвенции. Неодредените ветувања на Џонсон за наводен подобар „дил“, Дрејкфорд целосно ги игнорира како несериозни. Никакво чудо, што Џонсон беше исвиркан и во Кардиф во Велс. Но, Дрејкфорд не бара независност како неговата шкотска колешка, мнозинството граѓани на Велс во 2016. година на референдумот за Брегзит гласаа за заминување од ЕУ.
Повеќе:
ЕУ ги чека предлозите на Борис Џонсон
Борис Џонсон: Кога фигурата за потсмев стана премиер
Борис Џонсон - барон Минхаузен се сели на Даунинг стрит
Дали кралицата по евентуален нерегулиран Брегзит ќе загуби дел од своите поданици, зашто Шкотска, Северна Ирска или Велс имаат аспирации за независни држави? На ова прашање во моментов е тешко да се даде одговор, истакнува социологот Кети Хејворд од Кралскиот универзитет во Белфаст. „На хоризонтот уште нема мнозинство за ваков развој, но по Брегзит без договор секако ќе останат отворени сите опции, динамиката расте“, вели таа.