1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Љубовта во времето на интернетот

3 април 2011

На интернет постојат безброј веб-страници за пронаоѓање партнери. Некои од најпознатите во Германија се: „Partnersuche", „Elitepartner", „Datingcafe" или „Parship“. Љубов и техника - дали тие може да одат заедно?

https://p.dw.com/p/10XZM
Фотографија: picture-alliance / chromorange

За компјутер да го пронајде вистинското момче, Јулија Домбровски прво мора да знае кого да бара. Таа ги навела само најосновните информации за себе:

Пол: Женски

Висина: 1,75 м

Боја на коса: црвена

Професија: Етнолог

Така Јулија „ловела" мажи во потрага по љубов. Притоа, таа не барала среќа во љубовта, туку, како етнолог, истражувала на темата „Љубовни состаноци преку интернет".

Научничката од Хамбург ја контактирале околу стотина хетеросексуални мажи, но и жени. „Сакав да видам како луѓето се обидуваат своите желби, претставувањето и целите да ги усогласат со различните културни норми. На пример, постои став дека љубовта и случајноста се поврзани едно со друго. И тогаш некој сфаќа дека кај него тоа воопшто не функционира. Набљудував како таа личност се однесува. Дали, на пример, се срами? Може да се случи, на пример, да каже: ’Социјално и емотивно не сум способен за да се впуштам во врска, или да најдам некого’", вели Јулија Домбровски.

Partnersuche online: neu.de

Колку повеќе сличности...

Постојат добри причини зошто многумина се впуштаат во овој вид потрага по љубов. Да земеме за пример самохрана мајка која навечер не може да излегува, или мажите кои работат на типично машки работни места и немаат контакти со жени.

И додека во секојдневниот живот на многумина им недостасуваат животни партнери, на интернет ги има колку ќе посакате. Најголемата веб-страница за љубовни средби во Германија „Friendscout" има повеќе од шест милиони членови.

Други страници, како на пример „Parship", во пронаоѓањето партнери помага со свои предлози. Како основа за тоа служи тестот кој беше изработен од страна на хамбуршкиот професор Хого Шмале. Неговата формула за љубовна среќа гласи: „Колку е можно повеќе сличности, а спротивности, само колку што е неопходно".

„Оној кој сака да се држи за раце 24 часа сигурно нема да се согласува со некој на кому му е доволна една четвртина од час држење за раце. Инаку, секому му е јасно дека доколку и двајцата партнери се премногу различни, заедничкиот живот е многу тежок", укажува професорот Шмале.

Flash Galerie Liebesstatistik
Фотографија: Spectral-Design/Fotolia

Повторно запознавање, но во живо

Но, да се вратиме на Јулија Домбровски и нејзиното прашање: како да се усогласи времето на интернетот со стариот идеал на страствено срце? Како се вклопува тоа во вечерната рутина на интернет-корисниците кои со часови гледаат фотографии, карактерни профили и други информации?

Се користи нова техника, но кога ќе се појави љубовта, се враќа старата романтика, тврди Јулија Домбровски. „Постојат двојки кои се запознале на интернет, но потоа, откако се заедно, го преинтерпретираат запознавањето и внесуваат романтика. На пример, тие велат дека сето тоа е сепак коинциденција, бидејќи случајно го забелажажле профилот на својот партнер, случајно биле вклучени на интернет во исто време, па така имале можност да се најдат на ’чет’ и да си праќаат мејлови. Љубовта во време на интернетот е полна со противречности, а тоа е всушност суштината на романтичната љубов ", вели Јулија Домбровски.

Автор: Нилс Михаилис/ Марија Пешовска

Редактор: Александра Трајковска