Јункер има за секого по нешто
15 јули 2014Номинираниот претседател на Европската комисија е познат по острите формулации и по својот хумор. Во своето најново интервју за германскиот весник „Билд“ тој, без да сака, даде уште еден пример. Јункер се пожали дека тајните служби очигледно се извлекле од демократската контрола на своите влади, зборувајќи околу американското шпионирање на европските граѓани. А, притоа пред една година Јункер и самиот мораше да поднесе оставка како премиер на Луксембург, поради внатрешен скандал, откако беше обвинет дека ја нема под контрола тајната служба на малата држава. На новите избори во октомври тој не се кандидираше за премиерската функција на која беше 23 години.
Наеднаш, Јункер се најде без врвна функција. Неколку дена подоцна, на 7 ноември 2013 година, германската канцеларка Ангела Меркел му ја понуди врвната кандидатура на Европските народни партии во претстојните избори за европскиот парламент.
Јавно, Меркел во прилог на Јункер како шеф на Европската комисија се изјасни дури на крајот на мај 2014 година, откако увиде дека британскиот премиер Дејвид Камерон и унгарскиот, Виктор Орбан, во никој случај на ЕУ-самитот немада гласаат за Јункер. Европскиот совет, значи, „клубот“ на шефови на држави или влади на ЕУ со 26 гласа го номинираше Јункер за функцијата за која крајниот збор го има Европскиот парламент.
Јункер има проблем со жени
Во моментов Јункер има проблем со жените, подобро кажано, со бројот на жени кои се номинирани од ЕУ-членките за функцијата европски комесари. Досега се соопштени кандидатурите на само две кандидатки. Европскиот парламент, меѓутоа, бара најмалку една третина жени во врвните функции на ЕУ.
Андрула Василиу од Кипар, која беше досега еврокомесар за култура, во име на своите колешки побара од Јункер во Комисијата да бидат номинирани најмалку десет жени. Тој и самиот го прифати ова и побара од владите да испратат во Брисел повеќе жени, ветувајќи за нив некои од клучните ресори.
„Парламентот нема да гласа за ЕК со малку жени, а тоа и јас нема да го прифатам“, изјави Јункер во „Билд“.
За секој понешто
Јункер уште во предизборната кампања вети - ќе биде „машина за компромиси“. Тој сака изградба на подобра Европа, која ќе се грижи за работни места и социјални прашања, но не и за неважни регулирања. На социјалистите Јункер им вети флексибилност на правилата за горната граница на задолжувањето во еврозоната.
Тоа го пофали дури и шефот на италијанската пратеничка група во Европарламентот, Џани Питела.
На христијанските демократи, очигледно Јункер им вети поинаков курс.
„Нам ни е важно што тој истакна дека нема да бидат менувани правилата на европскиот Пакт за стабилност на еврото“, изјави заменик-шефот на пратеничката група на конзервативците, Манфред Вебер.
Британците не го сакаат Јункер
Јункер им даде ветувања и на умерените и на радикалните анти-европски пратенички групи. На британските конзервативци на премиерот Дејвид Камерон тој им вети излегување во пресрет на британските желби за реформи на ЕУ.
„Тој изјави дека е отворен за британските интереси. ’Ако останатите држави се согласат со Британија, јас ќе ги поддржам’“, вака британскиот конзервативец Суед Камал ги пренесе зборовите на Јункер. Камерон го оценува Јункер за погрешен човек од минатото.
Јункер знае дека мора да смета со огорчена опозиција од Даунинг стрит од Лондон. Како „маслиново гранче“ Британците треба да добијат важна функција во ЕК. Јункер е погоден што за време на неговата изборна кампања британскиот печат ги дискутираше неговите здравствени проблеми и наводното нацистичко минато на неговиот татко, но тој сака да соработува со Британците.
Многу пријатели во сите партии
Жан Клод Јункер во последните 25 години учествуваше во сите решавачки чекори во ЕУ. Тој е најискусен од сите европски политичари, што неговите критичари му го припишуваат како мана. Но, и неговите политички противници во ЕП тој често ги придобива со својот шарм и енергичните гестови. Тапкање по рамо на евроскептикот Најџел Фараж, нагла прегратка и бакнеж во челото на либералот Луи Мишел, пријателски поздрави на сите страни, трпеливи интервјуа, тоа е Јункер.
„Тој се чувствува добро подготвен за борбата за власт во институциите на ЕУ. Тој ги познава институциите, во Европскиот совет нема што не доживеал“, истакнува Ребека Хармс, политичарка од Зелените.
Јункер сака да шири добро расположение и да продинесува за поголем углед на ЕУ кај граѓаните.
„Често ме нервира што Европа надвор наидува на согласност и одушевување, а во Европа не“, изјави Јункер во интервју за Дојче веле во изборната кампања.
Европа конечно успеа во многу важни нешта-мир, заеднички пазар и заедничка валута, затоа ја ценат, уверен е Јункер.