1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Јованка Броз: Последниот симбол на Југославија

Trajkovska, Aleksandra21 октомври 2013

Почина некогашната прва дама на СФР Југославија, „Југо насмевката“, сопругата на бившиот југословенски претседател Јосип Броз Тито - Јованка Броз. Оваа вест наиде на одек и во весниците на германски јазик.

https://p.dw.com/p/1A3F9
Фотографија: AFP/Getty Images

„Вдовицата на југословенскиот комунист и основач на државата Јосип Броз Тито, Јованка Броз, почина во неделата на 89 години, како последица од рак на кожа, на одделот за интензивна нега во една белградска болница. Кратко пред смртта во јавноста излезе нејзината исповед. Белградскиот публицист Жарко Јокановиќ ја објави книгата 'Мој живот, моја вистина' - за животот на Јованка Броз“, пишува австрискиот весник „Пресе“ и продолжува: „Јованка Броз од 1952. година беше во брак со лидерот на партизаните во Втората светска војна и подоцна политички татко на нацијата. Таа во државните и партиски прашања имаше големо влијание“, пишува „Пресе“.

Josip Broz Tito
Јосип Броз Тито и Јованка Броз во Шри Ланка во 1976 годинаФотографија: Max Desfor/AP/dapd

Гламурозен живот на најмоќниот југословенски пар

„Венчавката со 32 години постариот Тито беше држена во строга тајна. Таа првпат во јавноста се појави во 1952. за време на посетата на британскиот министер за надворешни работи Ентони Иден. Партизанката и првоборец во Втората светска војна повеќе децении беше на страната на својот сопруг под блицевите на фотоапаратите. Во 60-те и 70-те години на минатиот век се среќаваше со цареви, кралеви, холивудски ѕвезди и водечки политичари. Гламурозниот живот на најмоќниот југословенски пар ги полнеше страниците на светските медиуми“, пишува „Пресе“ и нагласува дека од 1977. па сѐ до смртта на Тито двојката не живееше заедно. Исто така се напоменува дека Јованка Броз, кратко по смртта на Тито, преку ноќ беше исфрлена од претседателската резиденција. „Оттогаш Јованка живееше во куќен притвор, честопати без греење“.

Tito und Jovanka Broz Belgrad Archiv 1973
Тито и Јованка во БелградФотографија: picture-alliance/dpa

И „Шпигел онлајн“ пишува за смртта на вдовицата на Тито и напоменува исто така дека таа била исфрлена од претседателската резидеција и дека ѝ биле одземени документите. „Тие сакаа да се пресметаат со Тито и потоа мене ми префрлија дека сум работела против него. И така им појде од рака да не‘ раздвојат и изолираат“, ја пренесува „Шпигел“ изјавата на Јованка Броз дадена годинава за белградски „Вечерње новости“ и додава дека Јованка Броз дури во 2009. добила пасош и лична карта. „Шпигел“ пишува дека идејата на нејзиниот сопруг да ги обедини сите Словени во една држава, со војните во деведесетите години одамна е закопана. „Но, многумина и денес жалат за златниот период од 60-те и 70-те години. Тогаш Југославија, поради широкоградите кредити од Истокот и Западот, доживеа подоцна веќе недостижен процут. Луѓето уживаа во релативен просперитет, а со југословенски пасош без виза можеа да патуваат насекаде во светот. Денес голем број од населението е осиромашено, а државите се презадолжени“, заклучува „Шпигел онлајн“.

Спорен живот и спорен погреб

„Како сопруга на Јосип Броз Тито таа беше симбол на Југославија. А колку беше спорен нејзиниот однос со Тито последните години, толку е и сега спорно дали ќе биде погребана во Куќата на цвеќето, место за аџилак на југоносталгичарите и туристичка знаменитост во Белград“, пишува берлинскиот весник „Тагесцајтунг“.

Jovanka Broz Belgrad Serbien ARCHIV 2000
Јованка Броз на гробот на ТитоФотографија: picture-alliance/dpa

Овој весник пишува дека Јованка Броз дури на почетокот на оваа година ја „отворила душата“ за политичките интриги кои ја оддалечиле од Тито. Таа говореше за внатрешни борби за политичкото наследство на Тито, и како наводно шефот на тајните служби со пиштол на чело му се заканувал, дека таа сакала да го заштити својот сопруг и поради тоа принудно ја иселиле во друга куќа.

Многу весници „признанието“ на Јованка го опишуваа како „неверојатно“ дури и „параноично“. Постојат и други мислења - дека таа наводно го нервирала Тито бидејќи се обидувала да се меша во сѐ и дека тој поради тоа се раздвоил од неа, пишува „Тагесцајтунг“ и додава: „Подеднакво како и нејзините изјави во регионот, бурни дискусии предизвика и 'сензационалното злоставување' на една стара и болна жена неколку месеци пред нејзината смрт“.

„Тагесцајтунг“ напоменува дека Јованка Броз поради својот шармантен став на меѓународната сцена беше означувана како „Југо насмевка“. „Нејзината триесетгодишна, делумно и самоизбрана самотија по смртта на Тито, во Белград е обвиена со плашт на тајна. Но сигурно е едно - дека по смртта на 'другарката Јованка' и официјално заврши југословенската епоха“, заклучува „Тагесцајтунг“.