1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Јован Павле Втори прогласен за блажен

1 мај 2011

Папата Јован Павле Втори е прогласен за блажен. Само шест години по смртта на папата од Полска, актуелниот папа Бенедикт 16. го искачи на само едно скалило пред прогласување за светец. За збор се јавија и критичарите.

https://p.dw.com/p/117FJ
Јован Павле Втори почина во 2005 годинаФотографија: AP

Над еден милион верници денеска се собраа во Рим да го следат прогласувањето за блажен на папата Јован Павле Втори. Тука беа и 90 високи делегации од цел свет, 16-мина претседатели на држави и претставници на пет кралски семејства. Меѓу присутните на плоштадот беше и сестра Мари Симон-Пјер Норман, Французинка која боледувала од Паркинсонова болест, а која без објаснување е излечена, како што вели „благодарение на молитвите на Јован Павле до Бога да изведе чудо“. Беатификацијата беше можна благодарение на тоа излекување на француската милосрдна сестра.

Папата од Полска го отвори општеството, политиката и економијата за Христос, рече денеска папата Бенедикт 16, додавајќи дека Јован Павле Втори со џиновска сила се борел против тенденцијата на отуѓување на христијаните од црквата. Освен тоа, полскиот папа, како што рече неговиот наследник, им помогнал на верниците во цел свет да не се плашат отворено да се изјаснат за христијани.

Процесот на беатификација се одвивал пребрзо?

Seligsprechung von Papst Johannes Paul II
Над еден милион верници се собраа за беатификацијата на папатаФотографија: AP

Постапката на прогласување за блажен на покојниот папа одеше брзо затоа што, како што денеска пред собраните во Рим рече папата Бенедикт 16, „мирисот на неговата светост“ можел да се почувствува уште за време на погребните церемонии на Јован Павле Втори, пред 6 години.

Сепак, критичарите сметаат дека процесот на прогласување блажен одел пребрзо. Вообичаено, постапката почнува пет години по смртта, но Бенедикт 16. ја почна постапката за Јован Павле втори само неколку недели по неговата смрт. Исто така, се критикува и тоа што голем број случаи на злоставување и обиди за сокривање на злосторствата биле обелоденети токму во 27-те години, во кои Јован Павле Втори беше папа. „Се надевам дека не знаел за педофилите. Ако знаел, тогаш тоа било грешка. Но, никој не е перфектен, само Господ“, вели шпанската калуѓерка Луиза Гарсиа, која учествуваше на ноќната стража во Рим, во текот на изминатата ноќ.

Автор: ЕМФ/ТТ/дпа, дв

Редактор: Трајче Тосев