1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Јапонец „заљубен“ во иконите на Богородица

Милчо Јованоски26 септември 2012

Историчарот на уметност Хирофуми Сугавара од Јапонија неодамна докторира на: „Претставите на Богородица Елеуса во византискиот живопис“. Македонија ја обожува и скоро пак ќе биде негов истражувачки предизвик.

https://p.dw.com/p/16EdD
Фотографија: Milco Jovanoski

Со Хирофуми се сретнавме неодамна во едно кафуле на плоштадот во Охрид. Беше во друштво со неговиот колега – историчар на уметност Милчо Георгиевски од Заводот и Музеј. Нивното пријателство започнало уште при првото доаѓање на Хирофуми во Македонија. Хиро, како што му се обраќа Милчо, трагајќи по претставите на Богородица Елеуса ( Милостива ) седум пати го прошетал Балканот. Д-р Сугавара завршил историја на уметност на Универзитетот Меиџи. Од 1999. бил на постдипломски студии на универзитетот Софиа во Токио. Потоа станува кандидат за доктор по историја на уметност на Универзитетот Васеда во Токио. Приказната за тоа како еден Јапонец се заинтересирал за византиската уметност е интересна:

„Како студент учев политичка историја на античка Грција. Во тоа време во 1996. година, имав можност да присуствувам на светски собир во Холандија. Таму запознав еден Грк кој што сега е мој најдобар пријател. Ме покани во Грција и останав еден месец, сметајќи дека тоа е една голема можност за моите студии. Еден ден бевме на прошетка во центарот на Атина, влеговме во митрополитската црква и го видов како ги бакнува иконите. Гледајќи го се запрашав – Како е можно? Стариот Завет не‘ учи да не правиме никакви идоли. По враќањето во Јапонија почнав да го барам вистинскиот одговор на тоа прашање и така постепено се посветив на проучувањето на византиската култура“.

Претставите на Богородица Милостива предмет на докторат

На почетокот – сега 38 годишниот Хирофуми среде Токио од далечина ја проучувал Византија и цврсто решил да одбере докторат сврзан со Балканот.

Byzantinische Doppelikone
Византиска икона на Богородица Милостива во Музејот во ОхридФотографија: Milco Jovanoski

„Проучував еден одреден иконографски тип на Богородица која го држи малиот Христос при што неговиот образ го допира нејзиниот. Овој тип на претстава се нарекува „Елеуса “ што преведено на грчки значи „Милостива“. Денес речиси сите луѓе веруваат дека човечките чувства почнале да се прикажуваат во уметноста на италијанската ренесанса. Но, јас сметам дека Богородица Милостива е еден од најдобрите примери преку кој се докажува дека уште во средниот век сликарите веќе ги прикажувале човечките чувства далеку пред ренесансата“. За да најде одговор на ројот прашања сврзани со рождеството и прифаќањето на Богоридица Милостива како иконографски тип, Хирофуми решава сам да отпочне истражување.

Д-р. Сугавара – истражував и стекнував нови пријатели

„За таа цел добив финансиска поддршка од јапонската влада. Од 2005. година досега посетив над 350 цркви и манастири низ Турција, Грција, Кипар, Македонија, Србија, Бугарија, Албанија, Косово... Во текот на истражувањата сретнав безброј луѓе и стекнав многу пријатели по местата што ги посетував. Често тие ми даваа корисни информации или ме водеа до црквите во кои има претстави на Богородица. Без помошта на пријателите и нивната поддршка тешко ќе можев да ја завршам мојата докторска дисертација. Бескрајно им благодарам“.

Македонија привлекува и духовно и научно

Д-р Сугавара веќе се чувствува како Балканец. Наспроти динамиката во Токио, на пример работата во Охрид посебно ја сака. Ем работам, ем имам време да ги почуствувам благодетите на животот, со насмевка додава тој:

„Досега Македонија ја имам посетено осум пати и тука најдов многу примери на Богородица Елеуса ( Милостива ). За мене тоа е мошне интересен феномен - зошто во Македонија се останати толку многу примери на Богородица Елеуса за разлика од другите земји? Дали можеби има некоја посебна причина за овој феномен? Овие прашања ќе бидат сржта на мојот нов проект и новите доаѓања во Македонија“ , вели Сугавара.