1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Јавно-приватни партнерства за германската инфраструктура

Кристина Редер / З. Јордановски24 ноември 2014

Улици, мостови, брани-многу инфраструктурни објекти во Германија одамна го минале зенитот и мора да бидат темелно обновени. Поради огромните трошоци, власта стреми кон учество на приватни инвеститори во големите проекти.

https://p.dw.com/p/1DsKn
Фотографија: imago/Jochen Tack

Од Хамбург кон северот на Германија на автопат во должина од 65 километри ќе се гради уште една коловозна лента. Тоа е во моментов најголемиот проект за проширување на автопат во Германија, а работите веќе се во тек. „Предизвикот се состои во тоа дека станува збор за многу долго градилиште, за еден голем градежен проект, кој мора да биде завршен за многу кратко време“, вели Петер Каспар Хамел од фирмата ХЦЦ Едвајзерс.

Проширувањето на автопатот ќе чини 600 милиони евра - тоа е премногу за да може само да се справи со предизвикот и за едно големо градежно претпријатие како Хохтиф. Но, реализацијата на проектот сепак е можна, оти половината од износот на инвестицијата доаѓа од еден холандски пензиски фонд. „Тоа финансирање од страна доаѓа навистина од луѓе кои професионално се занимаваат со вложување пари. Тоа се осигурителни претпријатија: ако склучите договор за животно осигурување, тие мораат парите некаде доходовно да ги вложат. И, тоа овде ни успеа - да се слее голем дел од приватен капитал“ - објаснува Томас Лајб-Вегенер од „Виа солушнс норд“.

Таквиот модел со задоволство би сакале да го прошират и германски осигурителни претпријатија, како на пример Алијанц. Тие се’ уште во најголем дел парите ги вложуваат во државни обврзници и слични форми. Но веќе подолго време каматите за нив се многу ниски. Поради тоа станува се’ поатрактивно парите на осигурениците да се инвестираат во патишта, мостови или паркови со ветерници за производство на струја. „Мислам дека тоа не е проблем, оти од агол на гледање на осигурувањата, тоа - од перспектива на вложувањата - многу добро се вклопува. Осигурителите се долгорочни и сигурни партнери кај финансирањата, токму со долгорочниот хоризонт на вложувањата и тоа многу добро се совпаѓа со инвестирања во инфраструктура“, оценува Тим Окенга од Здружението на германските осигурители.

Но, досега осигурителите уште во инфраструктура инвестираат помалку од 1 процент од нивните вложувања на капитал. Тоа би можело да се промени ако германските осигурители ја променат нивната стратегија на инвестирање. „Во други земји, ако на пример погледнеме во Велика Британија, приватните инвестиции во инфраструктурата се повообичеани, пораширени. Затоа, се исплати да се фрли поглед во странство - во Франција, Велика Британија или Холандија - и да се учи од тамошните искуства“, нагласува Окенга.

Проширувањето на автопатот кај Хамбург во наредните години прво ќе напредува со пари од холандскиот пензиски фонд. Германската влада, меѓутоа, сега врши консултации со големите осигурители во земјата, за од кај нив да добие повеќе приватен капитал за санирање на германските патишта и мостови.