1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Рекордна година за Мерцедес

Р. Венкел/ Зоран Јордановски5 февруари 2016

Производителот на автомобили Дајмлер АГ од Штутгарт оствари рекорден деловен резултат во 2015 година. Прогнозите и за годинава се оптимистички, оти во концернот очекуваат раст на побарувачката на возила на глобално ниво.

https://p.dw.com/p/1Hq7p
Фотографија: picture-alliance/dpa/B. Weißbrod

Производителот на Мерцедес, германскиот автомобилски концерн Дајмлер, соопшти дека 2015. година ја завршил со нов рекорд: бруто-добивката (без одбивање на камати и данок) скокнала на 13,8 милијарди евра, односно 36 проценти повеќе отколку во 2014. година. Вкупниот промет достигнал 149,5 милијарди, што претставува подобрување за 15 проценти во однос на годината пред тоа. Дитер Цече, шеф на концернот, оцени: „2015. беше добра година за Дајмлер. Но, од сопстено искуство знаеме: тешко е да се дојде на врвот, а уште потешко е таму да се остане“.

Претпријатието очекува дека и годинава ќе има лесен пораст на глобалната побарувачка на автомобили и сака натпросечно да профитира од тоа. Таквите планови ги базира врз убедувањето дека нуди темелно модернизирана и атрактивна палета на модели, што треба да помогне уште да се подобри позицијата на важните пазари и натамошно да расте пласманот на возила. За годинава концернот смета на натамошен пораст на прометот и добивката.

Речиси три милиони возила со „ѕвездата“ на Мерцедес

Дајмлер ја реализира претходната најава за значителен пораст на пласманот во 2015: продадени се 2,9 милиона автомобили, со што за 12 проценти го надмина нивото од годината пред тоа. За порастот првенствено придонесе продажбата на патнички автомобили „Мерцедес“, а во минимална мера и волуминозните автомобили. Порастот од само еден процент кај товарните возила испадна помал од првобитните очекувања, што се должи на слабите пазари во Латинска Америка и Индонезија.

Deutschland Jahrespressekonferenz Daimler
Фотографија: Reuters/M. Rehle

Лани потфрли и остана значително под нивото од 2014. година продажбата на автобуси, кај која на почетокот на годината уште се сметаше на благ пораст. И тука во Дајмлер причините ги гледаат во слабоста на пазарот во Латинска Америка.

Премии за вработените

Управниот и Надзорниот одбор ќе му предложат на Главното собрание на акционерите, што ќе се одржи на 6. април, исплата на дивиденди во износ од 3,25 евра по акција. Лани дивидендата изнесуваше 2,45 евра. Благодарение на високата побарувачка на возила, за еден процент порасна и бројката на вработени во споредба со крајот на 2014. година: на последниот ден од 2015. година Дајмлер имал 284 015 вработени, од кои околу 170 000 во погоните во Германија.

Во годишниот биланс на концернот е напоменато дека Дајмлер перманентно работи на тоа да остане атрактивен како работодавач. Во тоа спаѓа и учеството на вработените во успехот на секое од неговите деловни друштва. За деловната 2015. година, во април годинава концернот, во зависнот од деловните резултати на секое од друштвата, ќе им исплати премии на вработените во износ до 5650 евра. И тоа е рекорд, оти досега највисоката премија, исплатена минатата година, изнесуваше 4350 евра по вработен.