„Ѓурековиќ е жртва и на германската политика“
6 октомври 2014Зошто? Зошто е судењето дури сега? Како југословенските платени убијци со децении слободно можеа да убиваат низ Германија? Што знаела политиката? А што Германската тајна служба БНД? А што Германската служба за заштита на уставниот поредок?
Текстот од Зиддојче Цајтунг кој го потпишуваат Фредерик Обермајер и Филип Грил поставува многу прашања. Прашања на кои одговори нема ни денес, 31 година по убиството на Стјепан Ѓурековиќ. Во еден минхенски суд на 17. октомври би требало да започне судењето на лицата за кои се претпоставува дека помогнале во организирање на убиството.
Тоа се 69- годишниот Јосип Перковиќ и 72- годишниот Здрако Мустач. „Двајца старци, Хрвати, со поранешни високи функции во разузнавачките кругови, луѓе кои и денес имаат влијателни пријатели“, пишува минхенскиот весник. Германското правосудство најави дека процесот би можел да трае до пролет наредната година. Закажани се 50 рочишта. За судењето се акредитирани 133 новинари. Меѓу нив и 15 претставници од „седмата сила“ во Хрватска.
Во текстот повторно се наведува дека германските власти многу добро знаеле што се случувало во тогашната Сојузна Република. Германската влада знаела оти се води „војна во подземјето“ (ЗЦ) меѓу југословенскиот режим и дел од хрватската емиграција, која во своите антикомунистички акции не се колебал и од употреба на сила.
ЗЦ: „На една страна била југословенската држава со своите платени убијци. На другата: хрватските дисиденти, демократи и фашисти, анархисти и монархисти. Тие сонувале за независна Хрватска. Некои складирале експлозив и оружје за бунт, вежбале партизанска борба во тајни кампови.“
Влијателниот минхенски весник пишува и дека хрватските егзиланти „го убиле југословенскиот конзул во Франкфурт“, оти во Германија „тренирале и убивале“, дека во Германија се „чувствувале сигурни“. „Тоа било заблуда. Долгата рака на југословенската тајна служба досегнувала и до Сојузната Република“, заклучуваат новинарите од ЗЦ.
Според актуелните проценки на германско тло се ликвидирани околу 30 противници на Титовиот апарат. „Првиот починал во 1967. година во близината на Штутгарт, неговиот убиец пукал во него 6 пати“, потсетува ЗЦ и ги пренесува деталите за некои други, во еден дел и мистериозни убиства.
Неверојатно брзо, се додава понатаму, истрагите во многу случаи биле запрени. Тоа и нам ни го потврдија и други извори во Германија. Наводно немало докази, наводно убијците брзо ја напуштале Германија, полициските службеници тврделе дека „имаат и поважна работа“. Треба да се потсети оти Германија во 70-тите и 80-тите години од минатиот век ја потресе серија злосторства од екстремно-левичарската група Фракција на Црвената армија (РАФ).
Веројатно причината поради која германските власти поинтензивно не ги истражувале злосторствата на Удба се викала Јосип Броз Тито. Тогашниот германски канцелар Вили Брант често се дружел со југословенскиот претседател. Брант сакал да ја „оттргне“ Југославија од советска прегратка, да ја приближи кон Запад. Тоа бил клучен дел од новата „источна политика“ на Брант.
Додека државниот врв во Бон на Тито му врачувал државни ордени на СР Германија, тој „потпишувал наредби за водење на специјална војна“ против своите противници, пишува ЦЦ. И додава дека Тито им наредил на своите тајни служби да состават листа на егзиланти. „Кој ќе му се спротистави на режимот треба да умре, без разлика дали против Југославија се бори со оружје или само со зборови.“
Тоа биле луѓе како Стјепан Ѓурековиќ. Тој против режимот се борел со зборови. Издавал книги со наслов „Комунизам, голема измама“. ЗЦ пишува: „Ѓурековиќ е жртва на германската политика кон истокот“. Денес со циничен речник тоа веројатно би се нарекло: колатерална штета, истакнуват авторите на тесктот во Зиддојче цајтунг.
Инаку најголем дел од германските дневни весници во своите коментари се осврнуваат на извештаите на лошата состојба на оружјето и опремата на германската армија- Бундесверот.
Алгемајне цајтунг од Мајнц смета дека во целата полемика лесно доаѓа до замена на тезите. Се вели дека Бундесверот е во очајна состојба. Но тоа е погрешно, бидејќи војниците не се тие кои се во очајна состојба. Рибата смрди од главата. Моменталната проблематична состојба произлегува од повеќе компоненти. Една армија е неверојатно комплексна структура со која тешко се управува. За тоа е потребно да се биде брилијантен како на планот на менаџментот така и во политичкото раководење. А тоа не беше секогаш така. Претходниците на актуелната министерка за одбрана Урсула фон дер Лајен на оваа функција, Томас де Мезие и Карл Теодор цу Гутенберг немаа јака внатрешна врска со ресорот. Освен тоа по светската економска криза ја подвиткаа опашката за да не се истакнат премногу на непопуларен начин- со барање пари (...). Иако е јасно дека Германија мора да преземе поголема одговорност во странство, и граѓаните и политичарите масовно ментално го потиснаа аспектот на надворешната безбедност- а тоа е многу опасно“, порачува коментаторот на Алгемајне цајтунг.