1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ѓорге Иванов: нешто како уставна декорација

Б. Георгиевски/фац3 март 2016

Германскиот ФАЦ денеска објавува портрет на македонскиот претседател во кој го опишува Иванов како „најнерелевантниот претседател во историјата на Македонија“.

https://p.dw.com/p/1I5wp
Фотографија: picture-alliance/dpa

„Кога македонскиот претседател ќе каже нешто, тоа не значи и дека имал нешто да каже“, пишува Франкфуртер алгемајне цајтунг во денеска објавениот портрет за македонскиот претседател Ѓорге Иванов. Во него, Иванов се портретира како политичар „без идеи и амбиции“ кој, за разлика од неговиот претходник Борис Трајковски, повеќе „сака да отвора мостови и фестивали за колбаси“ отколку да ја претставува земјата во странство.

ФАЦ натаму пишува:

„Кога владејачката македонска конзервативна партија ВМРО (ДПМНЕ) во 2009-та го номинираше, дотогаш во земјата малку познатиот, професор Ѓорге Иванов за кандидат за претседател, секој во Скопје знаеше кој стои зад него: премиерот Никола Груевски, кој како лидер на ВМРО беше најмоќниот човек во државата, сакаше сервилен претседател без сопствени политички идеи и амбиција- повеќе како уставна декорација. По седум години на власт може да се каже: Иванов не го разочара Груевски. Во меѓувреме во својот втор мандат, тој до неодамна беше сметан за неважен од страна на сите политички партии.

Роден во 1960 во Валандово, место оддалечено половина час возење од грчката граница, Иванов студирал право на Универзитетот Кирил и Методиј во Скопје а потоа и предавал на истиот, пред да стане „најнерелевантниот претседател во историјата на Македонија“, како што вели еден новинар во Скопје.

Притоа, оваа земја меѓу Србија и Грција познаваше и претседатели од формат. Незаборавен е Борис Трајковски кој загина во авионска несреќа во БиХ, личен пријател на Џорџ Буш, кому му успеа да придобие важни пријатели за Македонија низ цела Европа, како што за последен пат покажа и неговиот погреб. Иванов повеќе се фокусира на домашен терен, отвора мостови, фестивали на колбаси или училишни натпревари и обично не пројавува љубопитност за странски држави.

Politiker Mazedonien
Иванов и Груевски на партиски митинг на ВМРО-ДПМНЕФотографија: Petr Stojanovski

Тоа што Европа во моментов се интересира што има Иванов да каже, се должи на необичните околности: најпрво Македонија како „држава на првата линија на фронтот“ во бегалската криза е исто толку интересна како и за време на конфликтот од 2001 година. И второ, Никола Груевски повеќе ниту е на власт ниту му остана многу дигнитет. Груевски е обвинет со несоборливи докази дека илегално прислушкувал илјадници сограѓани, меѓу нив и министри во неговиот кабинет. Опозицијата наводно ги добила овие информации од тајната служба чии припадници и самите биле шокирани од праксата. Оттогаш беа објавени снимки и документи кои го потврдија она што веќе беше познато: за правната држава и заштитата на правата на граѓаните, на владата на Груевски баш и е гајле.

Притоа, Иванов не искажа никаква релевантна критика на сметка на Груевски. Додека Груевски работи на својот повторен избор по оставката предизвикана од скандалот, Иванов ја презема тешката задача да го брани затворањето на границите во странство“, пишува Франкфуртер Алгемајне Цајтунг.