1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бај-бај Брисел, хелоу Берлин

Бернд Ригерт
14 декември 2016

„Кралот Мартин“ Шулц ја напушта ЕУ-бината. Во Германија ќе стартува втора кариера.

https://p.dw.com/p/2UGIr
Deutschland Martin Schulz Statement in Brüssel zu seinem Wechsel in die Bundespolitik
Фотографија: Reuters/Y. Herman

„Полн со понизност ви благодарам за заедничката соработка“, рече Мартин Шулц во текот на својот последен говор во улога на претседател на Европскиот Парламент. Понизност и Мартин Шулц? Тоа некако не одговара сосема. Вообичаено, Шулц блика со самодоверба. Тој репрезентативната функција на претседател на ЕП за пет години, колку што ја извршуваше, ја претвори во моќна институција. „Моја цел е да го направам ЕП повидлив и погласен“, рече социјалдемократот при стапувањето на функцијата во 2012 година. Целта ја постигнавме заеднички, оцени Шулц задоволно при своето збогување. Дури и неговите политички противници признаваат дека тој го врати ЕП, а пред сѐ себеси, во фокусот на јавноста.

„Вашите напади се моја гордост“

Најџел Фараж, застапник за Брегзит и европратеник од редовите на британската Партија за независност УКИП, го нарече Мартин Шулц - свој омилен противник. Шулц постојано се обидуваше да ги попречува говорите на Фараж. „Со драго срце би отишол и би го растресол“, се шегуваше Фараж пред една година. Се разбира, тоа не го стори, но вербално двајцата не си простуваа ништо. Шулц за себе вели дека е пријател кој кажува јасно што му лежи на срце. Кога десните радикали и евроскептичните пратеници злобно ракоплескаа за време на неговиот последен настап пред пленумот во Стразбур, Мартин Шулц возврати: „Нападите од ваша страна се гордост за секој европски демократ.“

Belgien Ukraine Gipfel in Brüssel Schultz, Tusk und  Juncker
Шулц беше сеприсутен: на фотографијата со Туск и ЈункерФотографија: REUTERS/F. Lenoir

Поранешниот градоначалник на гратчето Вирзелен е европски пратеник од 1994 година. Вистински познат стана кога во 2003 година италијанскиот премиер Силвио Берлускони го спореди со надзорник во концентрационен логор и со тоа предизвика скандал. Надарениот говорник преку шефовското место на пратеничката група на социјалистите во парламентот стигна до функцијата претседател на ЕП. Во 2014 година се кандидираше за функцијата претседател на Европската Комисија. Загуби, но и натаму во улога на претседател на ЕП се мешаше насекаде, воздивнуваат неговите критичари. Примаше претседатели и министри, водеше еден вид паралелна надворешна политика.

Новинарите во Брисел беа среќни со Шулц. Тој беше подготвен за интервјуа за речиси секоја тема, и тоа на дури четири јазици. При разделбата Шулц вети дека и натаму ќе ја брани ЕУ како „најголем цивилизациски проект“, сеедно од која позиција или функција.

Името на Мартин Шулц се наоѓа на сигурно место на пратеничката листа на СПД за изборите во 2017 година. Веројатно може да стане германски министер за надворешни работи, доколку актуелниот министер Франк-Валтер Штајнмајер напролет биде избран за претседател на Германија. Во игра е дури наводно и кандидатура за канцелар. Мартин Шулц во анкетите е најомилениот социјалдемократ во Германија.

Брисел со големо љубопитство ќе следи дали „Кралот Мартин“ или „Мартин Велики“, како што го нарекуваа дел од европратениците, ќе направи втора кариера во Берлин.

 

Riegert Bernd Kommentarbild App
Бернд Ригерт Дописник од Брисел со фокус на луѓето, приказните и политиката на Европската Унија