Шулц не дозволува Филе да го демантира
5 септември 2012Претседателот на Европскиот парламент Мартин Шулц останува на својата изјава за потребата од меѓусебното признавање на Белград и Приштина, за да влезат во Европската унија, соопштено е од неговиот кабинет.
Изјавата на Шулц, имено, вчера ја демантираше европскиот комесар за проширување Штефан Филе, прецизирајќи дека не станува збор за потребата од признавање, туку за нормализација на односите со Косово.
Шулц е првиот европски политичар кој ја спомена потребата од меѓусебно признавање на Белград и Приштина во процесот на приклучување на ЕУ.
„Во својата изјава тој само го кажа тоа што е очигледно. Претседателот ја гледа судбината на Косово и Србија како идни членки на ЕУ“, се наведува во појаснувањето од кабинетот на Шулц.
Еврокомесарот за проширување Штефан Филе кој вчера, како и Шулц, имаше средба со српскиот премиер Ивица Дачиќ во Брисел изјави дека ЕУ од Србија очекува нормализација на односите со Косово, а не признавање на неговата независност.
„ЕУ сака да види видлив и одржлив напредок во односите на Србија со Косово. Во прашање е јасен и непроменет став на сите шефови на држави и на влади во ЕУ“, рече Филе.
„Говориме за нормализација, а не за признавање“, соопшти еврокомесарот за проширување.
На изјавата на Шулц реагираше и премиерот на Србија, кој нагласи дека признавањето на Косово не е услов за влез во ЕУ и дека такво нешто од никого не слушнал во Брисел, па дури ниту од самиот Шулц, иако изјавата се случи на нивната заедничка прес-конференција.
„Треба да ја појаснам изјавата, мислам дека е погрешно протолкувана. Тоа што го изјави Шулц, никако не значи дека признавањето на Косово е услов за влегување на Србија во ЕУ или за добивање на датум за почеток на преговорите за членство“, тврдеше Дачиќ.