Штрајкот во Македонија се решава, но со притисок!
24 септември 2015Бојкотот на работните задачи на повеќе од две третини од машинскиот персонал барем засега е недоволен мотив да се седне на маса и да се најде решение на проблемите. Наместо дијалог, јавноста е сведок на препукувања помеѓу синдикалците и надлежните во Владата околу мотивите за штрајкот. Фактот што дел од машиновозачите се вратија на работа за надлежните е доволен мотив да го прогласат штрајкот за незаконски и да се залепи политичка етикета. Експертите пак се загрижени што наместо да се бара решение, повторно како повеќепати досега на сцена стапува штрајкбрехерството, притисокот и заканите кон работниците кои преку непопуларниот метод ги бараат своите работнички права:
„Правото на штрајк е гарантирано со уставот но во практиката не се почитува и е сведено на мртва буква на хартија. Најпрвин, со законите драстично е ограничено правото на штрајк што е противуставно, со цел да се оневозможи, а во случај кога ќе успее да се испочитуваат законските одредби, тогаш на терен се прави се` за тој да се задуши. Се вршат притисоци тој да се запре, се спроведува стратегија да се анулира правото на штрајк. Оваа позната приказна за секој штрајк во Македонија се случува и кај машиновозачите. Се контактираат луѓето што штрајкуваат, се врши притисок од различна форма, а дури и има специфика што се вработуваат или пак се прават обиди за ангажирање на пензионирани работници како штрајкбрехери. Така што она што е новина што во секој штрајк си има дополнителна пречка што се измислува, во случајов ангажирање на неискусни машиновозачи и луѓе кои се веќе во пензија што во ваква дејност каде безбедноста е во прв план е многу проблематично и опасно“, предупредува Здравко Савески од левичарското здружение „Солидарност“.
Опасна тактика
Дека станува збор за опасна тактика предупредуваат и самите синдикалци кои инсистираат на средба со премиерот и министерот за транспорт и врски.
„Раководството не бира средства, ангажира луѓе за машиновозачи без разлика дали имаат лекарско уверение или не, дали ја знае пругата или не, се обидоа дури и со заменски работници, пензионери, но не им успеа бидејќи тие не можат да го издржат притисокот. Бевме сведоци и на опасни ситуации во кои е загрозена безбедноста. Инспекциските служби мора да реагираат и да го казнат секој што го прекршил законот и ја загрозил безбедноста. Се чудам на раководството, дали навистина сакаат, не дај боже да се случи некоја несреќа, па дури потоа да седнеме да разговараме, но тогаш одговорноста ќе биде на повисоко ниво. Не разбираат изгледа луѓево дека со ваков обем и со ваков кадар не е безбедно. Ние не се откажуваме, бараме гаранции дека платите ќе бидат редовни и ќе се делат во целост, зголемување на помошник коефициентот и редовна исплата на патните трошоци до 10. во месецот. Додека не добиеме писмена гаранција не отстапуваме, немаме друга понуда и одлука за да видиме. Затоа бараме средба со министерот и премиерот, но досега немаме одговор. Ние сме отворени за преговори, но верувајте, притисокот е огромен. Нека дојде некој нека ги убеди колегите дека некој друг профитира на нивниот грб, дека штрајкот има друга позадина“, вели за Дојче веле Душко Чакаровски, претседател на синдикатот на машинскиот персонал во македонски железници
„Мигрантите мора некој да ги вози“
Од околу 100- ина вработени во машинскиот персонал во моментов работните задачи ги извршуваат 15 до 20 машиновозачи кои им „откажаа“ послушност на колегите синдикалци:
„Ние возиме зошто ни дадоа плата, а тие зошто штрајкуваат навистина не знам. Сакаат преговори само со премиерот и тоа е грешката, ние преговаравме и со министерот и генералниот директор и со шефови, со сите што не‘ повикаа. Мислам дека во овие моменти треба да си ги гледаме државните, а потоа личните интереси, не може да се однесуваме вака во услови кога илјадници мигранти се собираат во Гевгелија. Ние добивме се‘, а тоа што тие како синдикат не успеале да преговараат и да го добијат тоа што го сакаат, мене не ме интересира ни најмалку, но факт е дека е потребна одговорност и сериозност, мигрантите мора некој да ги вози“, коментира за Дојче веле Латко Јовановски член на синдикатот.
Од министерството за транспорт и врски предупредуваат дека штрајкот е незаконски и предизвикува огромни штети. Велат дека имаат план за надминување на проблемот кој бил прифатен од дел од машинскиот персонал. Благодарение на машиновозачите кои решиле да возат, била поделена плата на сите вработени. Ветуваат дека платата ќе биде редовна, со што ќе се надмине и проблемот со здравственото осигурување. Во моментов има сериозен застој во патничкиот сообраќај, а непречено се одвива товарниот паралелно со неколкуте возови дневно кои превезуваат мигранти. Ова не е прв штрајк во железница. Во изминатите неколку години, машиновозачите повеќепати го стопираа железничкиот сообраќај, токму поради нередовното исплаќање на платата.