Каталонија: Улични блокади и откажани авионски летови
18 октомври 2019Бројни претпријатија се приклучија на генералниот штрајк, а од него на аеродомот во Барселона се погодени посебно авионските компании Иберија и Вуелинг, анулирани се десетици авионски летови. Работата ја прекинаа и пристанишните работници, како и оние во фирмата - ќерка на германскиот автомобилски концерн Фолксваген, Сеат, затворени се супермаркетите на најголемиот каталонски синџир Бонпре.
Железничкиот сообраќај засега се одвива нормално, со засилено присуство на полицијата, на пример на главната железничка станица во Барселона.
Демонстрантите блокираа повеќе сообраќајници во регионот, за денеска се закажани мноштво протестни акции. Во Барселона се затворени пристапите кон светски познатата базилика Саграда Фамилија, најважната знаменитост на градот, туристите кои веќе имаат резервирано посета во неа, можат да ги сторнираат билетите преку интернет, како што соопшти управата преку Твитер. Попладнево ќе стигнат во градот и илјадници луѓе кои изминатите денови тргнаа пешки од повеќе места во Каталонија на т.н. „Марш за слободата“ за да учествуваат на централната протестна манифестација. Поради континуираните демонстрации, шпанската фудбалска лига го откажа дербито меѓу фудбалските клубови Барселона и Реал Мадрид, кое требаше да се одигра на 26 октомври, според медиумите, презакажан е нов термин за 18 декември.
Канцеларијата на поранешниот каталонски регионален претседаел Карлес Пуџдемон во меѓувреме соопшти дека поранешниот претставник на сепаратистите доброволно се пријавил кај белгиските власти, но и натаму се противи на испорачување на Шпанија. Пуџдемон во 2017 година побегна во Белгија и досега не е изведен пред суд. Шпанските власти во понеделникот ја реактивираа меѓународната потерница по него. Врховниот суд на Мадрид во понеделникот изрече затворски казни до 13 години за деветмина други сепаратистички водачи поради нивната улога во нелегалниот референдум за отцепување на Каталонија од октомври 2017 година. По одлуката, повторно се разгореа протестите против шпанската централна влада. Покрај мирните демонстрации, во повеќе наврати се случија и насилни судири со полицијата.