1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Што ќе се случи со проширувањето на ЕУ по европските избори?

Марина Максимовиќ/ Симе Недевски30 април 2014

ЕУ годинава ќе добие нов состав на Европскиот парламент и на Европската комисија. Во текот на нивните петгодишни мандати не се очекуваат важни промени во досегашната политика на проширување, но ни нови членки на ЕУ.

https://p.dw.com/p/1BqtJ
Фотографија: picture-alliance/dpa

Граѓаните на ЕУ во мај годинава излегуваат на европски избори. Во прашање се, по оние во Индија, најмасовните избори во светот, на кои право на глас имаат 400 милиони луѓе од 28 земји-членки на ЕУ. Тие непосредно ќе избираат 751 пратеник во Европскиот парламент. Од оваа година, гласовите на граѓаните на ЕУ ќе имаат и дополнителна тежина. Според новите правила, при изборот на идниот претседател на Европската комисја, Советот на ЕУ ќе мора да ги земе предвид резултатите кои европските политички групации ќе ги освојат на овие избори. Така изборната волја на граѓаните на Европа би требало да влијае и врз насоката по која ќе се води институцијата која, во голема мерка, го обликува европското законодавство и политика, меѓу останатото и онаа која се однесува на проширување на ЕУ.

Најголемите европски политички семејства, почнувајќи од европските „народни“ партии, преку социјалдемократите, либералите, „зелените“ и европската левица веќе ги истакнаа своите кандидати за челното место во Европската комисија. Нивните предизборни пораки зборуваат за моментално клучните прашања за ЕУ, како што се финансиската и политичката консолидација, економскиот раст и нови работни места. Проширувањето не се наоѓа на списокот на европски приоритети, барем не за периодот во наредните 5 години колку што ќе трае новиот мандат на Европската комисија.

Jean-Claude Juncker und Martin Schulz
Фотографија: picture-alliance/dpa

Проширувањето на „чекање“

Од Европската народна партија (ЕПП), групата на партијата на десниот центар која во предходниот состав на Европскиот парламент имаше најголем број пратеници, порачуваат дека од секогаш го поддржувале проширувањето на ЕУ и оти во тој процес се постигна многу. Сепак кандидатот на европските конзервативци за нов претседател на Европската комисија, некогашниот премиер на Луксембург и претседателот на евро групата, Жан Клод Јункер, најавува пауза во проширувањето: „Мојот став, како и ставот на голем број мои колеги во Советот, Европскиот паламент и во Европската комисија, е дека во наредните 5 години нема да има ново проширување“, вели Јункер.

Истовремено, во разговорот за ДВ, претставникот на ЕПП, Едуард Кукан, кој досега се наоѓаше на чело на Комисијата на Европскиот парламент задолжена за Југоисточна Европа, смета оти евентуалното повторно доаѓање на нивнот кандидат на чело на Европската комисија (и актуелниот претседател Жозе Мануел Барозо е од редовите на конзервативците) нема многу да промени во досегашната политика за проширување: „Верувам дека европскиот проект мора да продолжи, а тој не би бил комплетен без процесот за проширување. Во 10 земји-членки годинава славиме 10-годишен јубилеј од приемот во членство во ЕУ. Се надевам дека, благодарејќи на работата на ЕПП, нашата следна годишнина ќе ја славиме заедно со земјите од Западен Балкан“, вели Кукан за ДВ.

Прво консолидација потоа проширување во ЕУ

Das Gebäude der EU-Kommission in Brüssel
Фотографија: DW/W. Izotov

Социјалдемократите, втори по сила во досегашниот состав на Европскиот парламент, од анкетите кои покажуваат пораст на популарност на нивната политика на социјална одговорност и посветеност на самите граѓани во услови на економската криза, велат дека очекуваат продолжување на проширувањето по влезот на Хрватска, но кога ќе има услови за тоа: „ЕУ не затвора врата за нови членки од Западен Балкан. Но проширувањето не може да биде приоритет во момент кога економска криза ја тресе ЕУ. Ние ќе ја поправиме нашата куќа, а нови членки ќе можат да ни се приклучат“, смета кандидатот на социјалдемократите за претседател на Европската комисија, актуелниот претседател на Европскиот парламент Мартин Шулц.

Претставничката на социјалдемократите, Тања Фајон, за ДВ вели оти овие европски избори би можеле да се покажат како историски и за ЕУ и за политиката на проширување: „Се надевам дека во услови на пораст на крајно десничарските и националистичките сили, кои се борат против интеграција и проширување, ќе победат прогресивните сили. Оние кои се залагаат за силна и здружена Европа, која ќе продолжи со проширување на Западен Балкан. Ние и досега бевме најмоќна сила која го поддржуваше проширувањето и визната либерализација и верувам оти победата на социјалдемократите на европските избори ќе значи и победа за проширување кон Западен Балкан“, заклучува Фајон во разговорот за ДВ.

И интеграции и проширување

Kandidaten EU Kommission
Фотографија: picture-alliance/dpa

Покрај искусниот конзервативец Јункер и сѐ попопуларниот социјалдемократ Шулц кои важат за двата најсилни кандидати, европските либерали за местото прв човек на Европската комисија го кандидираа некогашниот премиер на Белгија, Гај Верхофстад. Критикувајќи ја инерцијата на конзервативците и политиката на ново задолжување на социјалистите, Верхофстад се залага за „нова Европа“, која ќе „води а нема да ја следи политиката на Берлин и на Париз“. Верхофстад се разликува од своите противкандидати и во ставот дека проширувањето на ЕУ може да се одвива паралелно со внатрешните интеграции: „Можеме да ги решаваме двете работи истовремено. Следното проширување ќе биде со балканските земји и ја поздравувам нивната одлука да ни се придружат. Еднаш моравме да испраќаме војници даму за да го одржуваат мирот. Поедноставно решение е да ги примиме во Унијата каде нема место за конфронтации“, порача претставникот на европските либерали.

Европските избори ќе се одржат од 22. до 25. мај. Новиот состав на Европскиот парламент ќе биде познат во јули, додека пак новиот претседател на Европската унија својот петгодишен мандат би требало да го преземе во ноември. До крајот на годинаа ЕУ ќе добие и нов шеф на дипломатијата и нов претседател на Советот на Европската унија.