Што ќе мислеше Дражен Петровиќ за денешната кошарка?
22 октомври 2014Беше чудо од дете, кошаркарски Моцарт. За името на Дражен Петровиќ се врзуваат некои од најраскошните епитети на нашето време. Познавачите на спортот и медиумите се натпреваруваа кој позвучно ќе го пофали или ќе ја опее неговата игра. Таквиот однос продолжи и по неговата смрт во сообраќајната несреќа во 1993 година, кога и да се спомене името на најдобриот хрватски, југословенски, можеби и европски кошаркар на сите времиња. Откако Дражен засекогаш го напушти овој натпревар, некаде на автопатот кај Инголштат, сите сакаат да говорат само за убавите работи.
На денешен ден, 22 октомври, се навршуваат точно 50 години откако во Шибеник се роди Дражен Петровиќ. Дражен зад себе остави пребогата кариера, иако загина кога беше на врвот, на 29 годишна возраст. Она што сега се поставува како прашање е: што се случи со хрватската кошарка по него?
Кошарката е изразито тимски спорт, со многу додавања и брза комбинаторика. Би било неразумно да се тврди дека токму неговата смрт е причината што хрватската кошарка толку многу назадуваше. Впрочем, имаше многу великани и пред и после Дражен, од Крешимир Чосиќ до Тони Кукоч. Но, факт е дека тоа е хрватскиот спорт кој најмногу стагнираше. Веќе две децении нема ниту репрезентативни медали, ниту клупски победи во европските лиги. Хрватските клубови пропаѓаат или тешко се мачат. Цибона, клубот кој Дражен го доведе до врвот на Европа, со години минува низ вистинска агонија, а во последните месеци со личен ангажман се обидува да ја спаси токму братот на Дражен, Александар Петровиќ.
Неверојатна амбиција
Затоа е можеби најдобро споменот на Дражен Петровиќ да се оживее низ мислењето на неговите непосредни соработници и соиграчи.
„Беше човек и спортист кој се разликуваше од останатите по три нешта: амбиција, амбиција и амбиција“, се присетува Зоран Чутура, негов долгогодишен соиграч од Цибона и репрезентацијата на СФРЈ. „Од тоа, со неговиот вроден талент, произлезе и сѐ останато, од извонредната работна етика до другите квалитети низ кариерата“, вели Чутура. Тој смета дека историската големина на Дражен е во тоа што ги уривал бариерите на своето време, го отворал патот по кој подоцна чекореле другите. „Ќе ги немаше во НБА ни Кукоч, ни Новицки, ни Паркер, да не беше Дражен“.
Подоцнежната проблематика на хрватската кошарка, Чутура сепак ја смета за многу комплексна, бидејќи и околностите биле поинакви. „Ние игравме во лига со 12 клубови, ние 120 играчи, со 12 тренери и 12 клупски претседатели. Денес, на истото подрачје, имате седум лиги, 80 клубови, илјадници играчи... Младите квалитетни играчи брзо се продаваат надвор и можностите се неспоредливи“. Чутура потсетува дека девалвацијата не ја зафати само кошарката, туку и другите спортови, па и воопшто и општеството и економијата. „Ретки се оние кои успеваат да му се оттргнат на тој трговски порив“, вели Чутура.
Распродажба на спомените на кошарскиот Џејмс Дин
Петар Сканси како селектор ја водеше репрезентацијата на Хрватска која во 1992 година во Барселона го играше Олимпиското финале против американскиот Дрим тим. „Периодот на соработката со Дражен за мене секако беше незаборавен“, вели Сканси. „Се работи за особена веселба и чест. На него денес се сеќаваме како што постарите се сеќаваат на Џејмс Дин, уште еден од прерано заминатите великани“. Сепак, Сканси смета дека смртта на Дражен Петровиќ предизвикала вакум во хрватската кошарка. „Беше тоа шок, потоа и генерацијата се разотиде, уследија и други околности“.
„Сѐ сменија нештата во целиот свет и едноставно повеќе не се размислува за развојот на кошарката во прв ред, туку за заработката. Мислам дека поради тоа самата игра станува сѐ полоша, без оглед на зголемените атлетски способности на играчите. Но сѐ повеќе пари се вртат околу неа и нема никој кој би се спротивставил на трендот. Хрватска во тој поглед е колатерална штета“, смета Сканси.
Околностите секако нема брзо да се сменат, но барем, во спомен на Дражен Петровиќ, во клубовите би требало да се присетат на неговото умеење и мајсториите кои ги изведуваше на кошаркарскиот терен. А тоа, како што велеше Миљенко Смоје, „со ниедни пари не може да се плати“.