Што остана од протестното движење во Турција?
20 мај 2014Сликите се слични – со водени топови, солзавец и гумени куршуми турската полиција интервенира против бесните народни маси. Новиот протестен бран следуваше по рударската несреќа во Сома. Пред една година, пак, еден градежен проект во паркот Гези во Истанбул предизвика демонстрации. И денес, како и пред една година, зад протестите има многу повеќе отколку само едно случување. Станува збор за длабоко вкоренетото незадоволство од шефот на владата Реџеп Таип Ердоган и политиката на неговата исламско-конзервативна партија АКП. Се чини дека истовремено моќта на премиерот зајакна. На локалните избори оваа пролет неговата партија освои 45 проценти гласови и со тоа постигна уште подобар резултат отколку во 2009 година.
Цензура на интернетот
На Ердоган многу не му наштетија ниту најновите дебати за ограничување на слободата на говор во Турција, што се направи преку привремено блокирање на Твитер и Јутјуб.
„Тоа е тема само за големите градови и студентите“, вели Мурат Ердоган, политиколог од универзитеот „Хачетепе“ во Анкара. „Тоа не е тема за широкото општество“, додава тој.
Многумина воопшто немаат поим што е всушност проблемот и што е забрането. Сепак, како што наведува Мурат Ердоган, по протестите од пред една година во владата постои некој вид на „гезифобија“, односно страв од некој голем протестен бран, кој не би можел да се контролира. За Ердоган е многу поедноставно да се бори во парламентот против слабата опозиција, отколку против масовните демонстрации на улиците.
Слаба опозиција
И токму таа слаба опозиција, според мислењето на политикологот, е една од главните причини за континуираниот успех на Ердоган. Постојат многу причини за слабоста на опозицијата. Турскиот изборен систем за парламентарните избори предвидува минимален изборен праг од 10 проценти. АКП излезе првпат на избори во 2002 година. Иако освои само 34 проценти од гласовите, благодарение на изборниот закон таа доби речиси две третини од пратеничките места.
Освен тоа, вели Мурат Ердоган, опозицијата е заплеткана во идеолошки дебати: „Левичарската партија досега покажа мало интересирање за проблемите на обичните луѓе. За неа беа поважни кемализмот и турската Република“.
Од улица во парламент
И протестното движење, кое се создаде за време на демонстрациите во паркот Гези, досега пропушти да ги обедини своите политички барања и да ги обедини во една партија, вели Екрем Еди Ѓузелдере, политички аналитичар и новинар од Истанбул. Од една страна тоа има врска со тоа што формирањето партија во Турција е многу комплицирано, скапо и административно тешко, а од друга страна тоа не беше организирана група која таму се собра, туку заедница со различни хиерархиски центри.
Ѓузелдере сепак забележува дека преку протестното движење барем е покренат процес кој долгорочно го промени цивилното општество.
„Но, додека тоа да се претвори во политичка форма или да стане повлијателно во постоечките политички структури, би можела да помине и деценија“, смета Ѓузелдере.
Во пресрет на претседателските избори
Во август во Турција ќе се одржат претседателски избори. Тогаш за првпат народот директно ќе го избира турскиот претседател. Партиите имаат време до крајот на јуни да предложат свои кандидати. Се претпоставува дека премиерот Реџеп Таип Ердоган ќе настапи како кандидат на АКП, бидејќи формално е исклучена можноста да добие следен мандат на премиерската функција.
Ердоган досега официјално не ја потврди својата кандидатура. Експертите неговите поларизирачки настапи ги оценуваат како јасен сигнал дека предизборната кампања веќе почна. Најновите извештаи за неговите бесчувствителни настапи по рударската несреќа во Сома и фотографиите на кои неговиот советник тепа еден демонстрант тешко дека ќе имаат влијание врз успехот на неговиот избор, смета новинарот Ѓузелдере.
„Фотографијата со насилниот советник не е објавена во ниту еден од весниците кои се блиски до АКП, така што многу нивни гласачи за тоа ништо не знаат“, заклучува политичкиот аналитичар и новинар Екрем Еди Ѓузелдере.