Што може да се очекува од видео-самитот на Путин и Бајден?
7 декември 2021Претседателите на Русија и САД, Владимир Путин и Џо Бајден, денеска на видео-самит треба да разговараат за тензиите околу Украина. Западот е загрижен поради разместувањето на руски трупи на границата кон поранешната советска република и предупредува од голема војна.
Видео-конференции во време на корона-пандемија се рутина, но не и кога се одржуваат помеѓу Путрин и Бајден. Пред сѐ на Русија видео-конференцијата ѝ значи многу повеќе од едноставно телефонирање со слика. Високи руски претставници и медиумите со недели го најавуваат и прават проценки на значењето на овој разговор. Очекувањата на политичко ниво се големи, иако лична средба на двајцата лидери би требало да се одржи дури на почетокот на 2022 година.
Разместување трупи како средство за притисок
Овој видео-разговор беше долго планиран. Во Женева двајцата претседатели постигнаа согласност да ги оценат своите договори за стратешка стабилност и за сајбер-безбедност по половина година. Но, состојбата во Украина најверојатно ќе го стави во сенка сето останато.
Слично како пролетоска, шефот на Кремљ во пресрет на средбата со Бајден разместува трупи на границата со Украина. Поранешната топ американска дипломатка Роуз Готемулер е експертка за разоружување. Познавачката на Русија до 2019 година беше заменик генерален срекретар на НАТО. „Ова е многу опасно“, вели за ДВ Готемулер, која денес е доцентка на универзитетот Стенфорд. Независно од намерите на Путин, веројатноста да дојде до жешка криза се многу реални, оценува таа. Сепак, пред видео-самитот Готемулер смета дека во предност е Бајден, зашто: „На Путин средбата му е многу потребна.“ Руската страна има голема потреба од разговор.
„Тензиите околу Украина го зголемуваат значењето на Русија за американската надворешна политика, која во моментов повеќе се занимава со Кина“, признава Андреј Кортунов, директор на московскиот тинк-тенк „Руски совет за надворешна политика“. Зголемена е генерално и „подготвеноста за дијалог“. Но, „нема гаранција за поволен исход од разговорот помеѓу Путин и Бајден“.
Путин сака гаранции дека НАТО нема да се проширува
Што сака Путин? Русија има „стратегија на сузбивање во однос на Западот и Украина“, уверен е Кортунов. Разместувањето на трупите е обид да се спречи Украина да ги поврати по воен пат сепаратистичките региони. Киев, меѓутоа, демантира дека има такви планови. Освен тоа, западната воена помош за Украина, како доставување оружје, заеднички маневри и советувања, за Путин се еден вид црвена линија: „Меѓутоа, не е јасно каде се протега таа црвена линија“, вели Кортунов. „Колкаво воено присуство во Украина би било неприфатливо за Кремљ?“
Повеќе: Пентагон стравува од руска офанзива
Јасност има по едно друго прашање. На крајот на ноември Кремљ за разговорот со Путин изнесе нова тема. Русија сака да преговара со Западот за „долгорочни безбедносни гаранции“. Што се мисли под тоа, претседателот разјасни пред неколку дена - „правни гаранции“ против натамошно проширување на НАТО кон исток. Тоа беше јасна порака за Украина и Грузија, кои стремат кон членство во алијансата и кои од 2008 година имаат ветување за приклучување, но без конкретен датум.
Што е спроведено по Женева?
Пред Украина да доминира на агендата, се чинеше како руско-американските односи да се малку порелаксирани, барем од руски аспект. Рускиот амбасадор Анатолиј Антонов на почетокот на ноември во Вашингтон ја пофали „позитивната промена“. Тој го спомна продолжувањето на договорот за намалување на стратешко вооружување (Нов Старт), самитот во Женева и дијалогот за стратешка стабилност и сајбер-безбедност кој беше договорен таму. Двете теми би требало да бидат всушност во фокусот на разговорот.
По прашањето на стратешката стабилност, значи контролата на атомското оружје, досега има „само институционален напредок“, вели Роуз Готемулер. Имаше две средби на работните групи. „Едната се занимава со договорот кој треба да го наследи Нов Старт-договорот. Тоа е важен чекор“, вели Готемулер. Во другата работна група се разговара за нови технологии и нивното можно дестабилизирачко значење за стратешкиот баланс“, вели поранешната американска дипломатка. Притоа се мисли на модерно оружје, како хиперсонични ракети, кои Русија веќе делумно ги користи.
За Бајден сосема горе на агендата есајбер-безбедноста, вели Готемулер. „Тоа е едно од клучните прашање за кои тој сака да разговара шест месеци по Женева.“ Досега се нема случено многу. И во тој дел има една работна група и една иницијатива на ОН. Но, има две работи кои Москва не може да ги прави“, оценува Андреј Кортунов: „Русија не може да признае свое учество во поранешни сајбер-напади и не може да преземе одговорност за идни напади“, вели експертот. Порано Вашингтон ја обвинуваше Москва, но Кремљ демантираше. Од друга страна, Русија не сака да презема еднострана одговорност, зашто и Москва ги обвинува САД за сајбер-напади.
Готемулер не верува во „умерено одмрзнување“ на односите, како што тоа некои го опишуваат. Односите помеѓу Мосвка и Вашингтон сѐ уште се непредвидливи. Сепак, двете страни се решени да постигнат можен напредок и да бараат баланс со цел да се спречи директна конфронтација, нагласува таа.