1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Што значи повлекувањето на САД?

Давид Ел
21 јуни 2018

Со одлуката за напуштање на Советот за човекови права владата на Трамп и понатаму ја ослабува меѓународната позиција на САД. Советот има право да го пополни испразнетото место.

https://p.dw.com/p/3004E
USA Ankündigung Austritt aus UN-Menschenrechtsrat | Nikki Haley & Mike Pompeo
Фотографија: Reuters/T.S. Jordan

САД во моментов се мета на многу критики поради „нулта толеранција" –  политиката за миграција според која секое илегално преминување на границата се смета за кривично дело и поради тоа што ги одделуваат децата мигранти од нивните родители. Високиот комесар за човекови права, Јорданецот Сеид Ал-Хусеин го нарече ова однесување „бескрупулозно ". На ваквите критики, ден подоцна, САД реагираше со тоа што го напушти своето место во Советот за човекови права. За да биде сигналот појасен, американскиот министер за надворешни работи Мајк Помпео изјави: „Советот за човекови права на ОН е слаб бранител на човековите права."

Овој чекор е без преседан. До сега имало само примери на земји кои се дистанцирале од Советот, како Иран, Северна Кореја и Еритреја, но тие ионака не биле негови членки. ОН се уште се немаат изјаснето дали ослободеното место во Советот ќе се пополни а во воздухот сѐ уште лебди и прашањето што всушност значи ваквото повлекување.

Далеку од совршенство

„Советот за човекови права секако не е совршен – но е најдобриот глобален форум во кој отворено се зборува за човековите права," вели Маркус Ленинг за Дојче Веле. Овој поранешен политичар од ФДП од 2011 до 2014 година беше комесар за човекови права на германската влада и уживаше поддршка од различни политички партии. Денес е советник за прашања поврзани со човековите права. Тој критикува дека во Советот е тешко „да се обезбеди мнозинство за политиката за човекови права".

Повеќе:

-Критики: САД го напуштаат Советот за човекови права на ОН

-Трамп сепак попушти

-Меланија контра Доналд Трамп

Советот основан во 2006 година, има 47 земји-членки; членовите се избираат на три години и секој регион во светот има фиксен број места. „Тоа понекогаш води до фактот таму да седат и земји кои немаат особено позитивна ситуација со човековите права", вели Ленинг.

USA Aufnahmelager für illegale Einwanderer
Фотографија: Reuters/M. Blake

Не членуваат само „одлични ученици"

Всушност, Советот за човекови права, на пример, со Кина, Венецуела и Куба, вклучува и некои земји кои не се истакнати како упоришта на човековите права – токму овие земји ги спомена амбасадорот на САД во Обединетите нации, Ники Хејли, во својата изјава објаснувајќи причините за одлуката за напуштање на советот. Но, Маркус Лонинг истакнува: „Ако ги ставите внатре само оние земји кои совршено ги спроведуваат човековите права, веројатно само Луксембург и Швајцарија ќе бидат во него и тогаш тоа е бесмислено тело". „Се подразбира" дека во Советот за човекови права ќе членуваат и земји кои „се далеку од перфектни, но тие исто така тие таму ќе бидат директно соочени со ситуацијата."

Израел е посебен случај

Најголем дел од објаснувањето на Хејли беше посветено на пристапот на Советот кон Израел: „Годинава Советот донесе пет резолуции против Израел – повеќе отколку против Северна Кореја, Иран и Сирија заедно." Невладината организација „УН Воч" има избројано дека во првите десет години на Советот за човекови права до 2016 година од 135 донесени резолуции, во 68 се критикува однесувањето на Израел. Советот мора да ја промени работата во однос на ова прашање смета и поранешниот политичар Лонинг: „Не може постојано да се критикува Израел за сѐ“.  Понекогаш може да биде оправдано,„но е непропорционално во споредба со тоа како се третираат сериозни повреди на човековите права на друго место". За постапките да бидат издржани, мора сите земји да се третираат исто.

Америка самостојно

Затоа не може да се критикува Советот за човекови права кога ја става под лупа ситуацијата во САД. Покрај односот кон мигрантите на јужната граница со Мексико, тема е и смртната казна која во некои сојузни држави сѐ уште се спроведува. Трамп не е познат поборник за човекови права смета Ленинг. Тој не очекува дека критиката на Високиот комесар или излегувањето на САД ќе имаат големо влијание врз состојбата со човековите права во земјата: „Мислам дека, Трамп ништо не може да го помести, без разлика дали критиките доаѓаат од мнозинството во неговата земја или од меѓународни институции или интервенции." Девизата на Трамп „Америка на прво место" полека станува „Америка самостојно", вели Лонинг и ги нагласува последиците во однос на Германија, Европа, ОН, но и на средбите на Г7 и Г20. „Светот мора да се помири дека САД веќе нема мотив да се ангажира во било кое меѓународно тело."

Markus Löning
Маркус ЛенингФотографија: Imago/photothek/M. Gottschalk

Одлуката за излез не е изненадување

Повлекувањето на Трамп од меѓународната заедница можеше да се насети уште минатиот јуни кога најави најскоро можно излегување од Климатскиот договор од Париз. Потоа следеше излегување од Организацијата за заштита на светко наследство (УНЕСКО) во октомври (поради наводно антиизраелско однесување) и последно беше твит од претседателот кој ја уништи заедничката декларација на самитот Г7. Трамп исто така сака да го намали буџетот на ОН.

Како ќе продолжи со работа Советот?

За самиот Совет на ОН за човекови права, речиси неизненадувачката одлука на САД за напуштање значи сепак е најголем пресврт од 2011 година: во тоа време, Генералното собрание на ОН предвреме ја исфрли Либија надвор од Советот откако режимот на Муамер Гадафи масовно ги прекрши човековите права на своите граѓани. За тогашиот комесар за човекови права на германската влада Лонинг, одлуката за исфрлање на Либија беше одлука со која Советот си ја исполнил својата функција. Дали Советот со излегувањето на САД ќе биде вовлечен во реформи се уште е непредвиливо. За Лонинг нешто друго е поприоритетно. „Најважно е владите, кои се за залагаат за правна држава и почитување на човековите права, одново и одново со сила и убедлив пристап повторно и повторно продолжат понатаму и да не се турнат во дефанзива."