Што е лошо во францускиот предлог, според Флоријан Бибер
6 јули 2022Во седум точки, австрискиот професор и познавач на Балканот, Флоријан Бибер на Твитер објаснува зошто ткн. француски предлог за почеток на пристапните преговори на Северна Македонија со ЕУ не е добар за земјата, и за ЕУ.
„Францускиот предлог за отклучување на бугарската блокада е катастрофа за проширувањето. Делува дека тој е добар за да му стави крај на ветото, но постигнува малку и носи големи опасности“, пишува Бибер на Твитер.
Најпрво, според австрискиот професор, предлогот „го вметнува билатералниот спор во преговарачкиот процес на ЕУ, давајќи им легитимитет и охрабрување на идните членки на ЕУ да ги блокираат земјите кои пристапуваат“.
Понатаму, според Бибер, тој е неизбалансиран затоа што „е многу поблиску до бугарските барања одошто до македонската позиција“.
Предлогот, вели тој понатаму, „во основа ја прифаќа националистичката логика на бугарската влада сугерирајќи дека постои проблем со дискриминација на Бугарите во Северна Македонија“.
Францускиот предлог „игнорира дека проблемот е (делумно) создаден и од ЕУ. Десетици илјади македонски граѓани зедоа бугарски пасоши затоа што тие се ЕУ пасоши, а не затоа што се чувствуваат како Бугари. Барањата на граѓаните да бидат ЕУ граѓани (за да работат) се злоупотребени од Бугарија за да се тврди дека тие се „етнички“ Бугари.
Како петта точка, Бибер наведува дека предлогот „ги билатерализира и дискредитира вистинските механизми за заштита на малцинските права".
Бибер смета дека предлогот ќе нема доволна поддршка во Северна Македонија, а „неуспехот да се ратификува договорот ќе биде интерпретиран како неуспех на Северна Македонија, а не на бугарските националистички барања“.
Конечно, заклучува австрискиот професор, „наместо лесен излез, францускиот предлог дополнително ќе ја разниша репутацијата на ЕУ и ќе го закопа процесот на проширување“.