Што е аџилак?
Аџилакот е еден од петте столбови на исламот. Секој муслиман кој е во можност треба да го изврши петдневниот ритуал барем еднаш во текот на својот живот.
Милиони муслимански аџии
Аџилакот се одржува еднаш годишно во Мека - најсветото место за муслиманите. Секој возрасен муслиман кој е во можност треба да го изврши петдневниот ритуал барем еднаш во текот на својот живот. Истовремено, тоа е и најголемиот собир на луѓе во светот, на кој присуствуваат повеќе милиони верници.
По патеките на пророкот
Поврзан со животот на исламскиот пророк Мухамед, кој бил роден во Мека, аџилакот има илјадагодишна традиција. Неколку милиони аџии извршуваат серија ритуали во период од пет до шест дена. Прво се молат пред Големата џамија, каде е сместена Кабата - објект во форма на коцка прекриена со црна свила. Тоа е најважниот храм во исламот.
Каменување на ѓаволот
Аџиите патуваат во селото Мина за да се молат и да го читаат Коранот. Следниот ден го минуваат на планината Арафат, каде пророкот Мухамед ја одржал последната проповед во која побарал прошка. На враќање кон Мека, аџиите застануваат на рамнината наречена Муздалифах за да соберат камења со кои потоа симболично го каменуваат ѓаволот.
Кружење околу Кабата
На крај, по враќањето во Мека, аџиите кружат околу Кабата седум пати, со што завршува нивниот аџилак. Потоа ги бричат главите и жртвуваат животни пред да почнат да го слават муслиманскиот празник Курбан Бајрам или Фестивалот на жртвата.
Трагедии за време на аџилакот
Од1987, повеќе од 5.800 луѓе загинаа во стампеда, пожари, уривање на згради за време на аџилакот. Во 2015, во стампедо загинаа 2.400 луѓе со што стана најголемата катастрофа во историјата на аџилакот. Аџилакот често е опасен и поради бројните инфективни болести.
Спојување на традицијата со модерното
Иако аџилакот е најстариот и најважниот ритуал во исламот, и тој полека влегува во модерните текови. Саудиската влада користи најнова технологија за да спречи турканици и оштетување и уривање на објекти. Аџилакот се пренесува во живо и на Јутјуб, а Гугл и АјТјунс изработија специјални апликации кои им помагаат на аџиите подобро да ги разберат традициите и ритуалите.