Што донесе Акциониот план за превенција на сексуална злоупотреба на деца?
21 септември 2012Споредено со минатата година, за само седум месеци годинава,бројот на деца-жртви на сексуална злоупотреба е зголемен од 17 на 28. Надлежните сметаат дека Акциониот план за превенција резултира со подигање на јавната свест на возрасните да ги пријават педофилите. Најголем број од злоупотребените деца се евидентирани во Скопје, кој како најголем македонски град е и со најголем степен на изложеност на овој ризик. Тоа ја наметнува потребата и по завршувањето на овој Акционен план, да се продолжи со превентивните активности на овој план, велат од надлежното Министерство за труд и социјална политика.
Децата се‘ повеќе собираат храброст да пријават сексуално злоставување
Тоа е најтешката траума која може да му се случи на едно дете. Според психолозите, децата од срам и страв најчесто со години молчат за тоа што им се случило, плашејќи се што за тоа ќе кажат најблиските, а и често не наоѓаат доволно заштита од нив. Децата во последните години се‘ повеќе се осмелуваат да го пријават насилството, иако немаат доволно родителска и институционална грижа, заклучува Катерина Конеска од Првата детска амбасада „Меѓаши‘‘. Таа појаснува дека се‘ поголем број деца се јавуваат на нивниот бесплатен СОС телефон 0800-122-22. Во првата половина од годинава, сексуално злоставување преку овој телефон собрале храброст да побараат десет деца и млади. „Тие случаи, односно информации ние ги упатуваме до надлежните институции. Потоа останува на нив, доколку се утврди дека тоа е така, сторителот да биде казнет со соодветна казна. Воедно со жртвата-дете треба да се работи максимално на негово опоравување, а со цел што е можно повеќе да се намалат траумите коишто ги имаат доживеано.“
Акциониот план за превенција придонесе за подобрување на состојбите на овој план
Македонската влада кон крајот на 2008 година го донесе Акциониот план за превенција и справување со сексуална злоупотреба на деца и педофилија 2009-2012. Од страна на Министерството за труд и социјална политика, кој е носител на неговата реализација, за ДВ се заклучува: „Споредено со времето пред неговото донесување, Акциониот план многу придонесе за намалување и справување со последиците од оваа појава. Тоа го реализира преку подигање на свеста на сите надлежни, со едукација, преземање превентивни мерки, обезбедување координирана и ефикасна заштита, помош, рехабилитација и реинтеграција на децата-жртви на сексуална злоупотреба. Формирано беше и Национално координативно тело, во кое се вклучени сите релевантни министерства и невладини организации, меѓу кои и Првата детска амбасада ’Меѓаши’. На почетокот на 2012 ,Министерството за труд и социјална политика ја промовираше веб-страницата за пријавување на сексуална злоупотреба на деца и педофилија www.stop-pedofilija.org.mk. За пет ипол месеци годинава, страницата била посетена 7160 пати, а стручен тим од ЈУ Завод за социјални дејности одговарал и на бројни прашања на посетителите, главно деца и млади.“
Во рамките на Акциониот план, согласно Законот, од почетокот на јуни годинава донесен е и Посебен регистер на лица осудени за кривични дела за сексуална злоупотреба на малолетни лица и педофилија, кој е достапен на интернет. На јавноста со име, слика и адреса сега и‘ се достапни околу сто познати педофили во Македонија, меѓу нив неколку жени. Тоа, според надлежните, е еден од начините за заштита на децата од педофилите. Во регистерот, педофилите ќе останат најмалку десет години, а ако не го повторат делото ќе бидат избришани. За жал, велат од надлежното министерство, „педофилијата најчесто останува повторувано кривично дело“.