Штајнмајер положи заклетва
22 март 2017Германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмајер ги отфрли споредбите на турскиот претседател Ердоган со нацизмот и побара ослободување на новинарот Дениз Јуџел. Обраќајќи му се на Ердоган, Штајнмајер во Берлин рече: „Престанете со неописливите нацистички споредби! Не ја прекинувајте врската со оние кои сакаат партнерство со Турција.“ Во својот инаугуративен говор, Штајнмајер од турскиот претседател уште побара: „Почитувајте ја правната држава и слободата на медиумите и на новинарите! И, ослободете го Дениз Јуџел!“
Дописникот на германскиот весник „Велт“, Дениз Јуџел, со недели е во притвор во Турција. Ердоган го опишува Јуџел како „агент и терорист“. Во судирот околу предизборните настапи на турски политичари во Германија, Ердоган зборуваше за примена на нацистички методи. Никој не сака да гледа со „ароганција“ на Турција, уверуваше денеска новиот германски претседател Штајнмајер на заедничката седница на Бундесратот и Бундестагот во Берлин.
На страната на демократијата
Во текот на својот инаугуративен говор, тој упати и повик до Германците „храбро да се борат за демократија“. Силата на демократијата е во способноста за самокритика и самоподобрување, рече тој. „За демократија е потребна храброст на двете страни - и на оние што се на власт и на оние со кои се владее.“ За проблемите мора да се разговара отворено, уверен е Штајнмајер.
Тој потенцираше дека нема да биде неутрален сојузен претседател, туку „ќе заземе страна - страната на демократијата“. Штајнмајер во Берлин додаде и дека ќе се бори за Европа.
Франк-Валтер Штајнмајер е 12. Сојузен претседател на СР Германија. Тој доаѓа на местото на Јоахим Гаук, кој не сакаше да се кандидира повторно поради својата старост.