Шрамајер: Решение е да се признае уставното име Република Македонија
19 јуни 2013„Расправијата околу името меѓу Македонија и Грција која трае повеќе од дваесет години стана толку сериозна, а практично е непотребна и апсурдна! Колку повеќе се занимавам со Балканот, толку повеќе сум убеден дека е ирационалност и психо-патолошки проблем на Грција, кој тешко може да им се објасни на западните земји. Кога веќе дискутираме за името на Македонија, во оваа прилика Грција би можел да ја наречам Поранешна османлиска провинција Хелас“, истакна д-р Клаус Шрамајер, екс-германски амбасадор во Скопје, на стартот на своето предавање „Грчко-македонскиот спор за името 1991-2013“.
Жешката тема која останува топ актуелност повеќе од 20 години Шрамајер ја презентираше пред, за жал, малубројната научната публика, синоча (18.06.) на Универзитетот во Лајпциг, при што битката која Македонија ја води за сопственото име сликовито ја опиша со зборовите „Давид против сиот свет“!
А, дека Македонија е осамена во борбата за сопственото име, според Шрамајер покажуваат случувањата и однесувањето на Македонија, Грција и Европската унија во изминатите години.
Небериќетна работа
„Скопје ги исполни сите барања на Грција од 1992, а не доби ништо освен илегалното име ФИРОМ. Тоа значи имаше небериќетна работа: Мина низ ембарго, го смени Уставот, го смени и членот 49 дека нема да се меша во внатрешните работи на соседот, го смени и знамето. Аргумент на Грција беше дека земјата има милитарни агресивни афинитети, иако во 1992 и Бадинтер кажа дека името само по себе не е агресија“, објасни Шрамајер осврнувајќи се и на како кажа „перфидниот обид на Грција во 1991 да организира конференција за судбината на Македонија без нејзино учество, но со Србија и Бугарија, која за среќа пропадна“.
Тој потсети дека по 1995 кога Македонија била уценета и морала да ја прифати референцата ФИРОМ, земјата и нејзините граѓани постојано доживувале ниски удари од Атина. Македонија во 1999 го помогна решавањето на конфликтот на Косово - прими 220.000 војници и над 300.000 бегалци. Но, помошта не била евалуирана со членството во Унијата, нити пак со вистинска материјална отштета. Наспроти тоа, во 2008. година Атина ја прекрши времената спогодба, Хаг тоа го потврди, но до денес го блокира членството на Македонија во НАТО и ЕУ. „Скандалозно е што една пресуда на Меѓународниот суд не се применува и никој не протестира поради нејзиното непочитување“, коментира д-р Шрамајер.
Интереси на мафијата?
Во анализата за однесувањето на Грција во изминативе две децении беше истакнато дека 130 земји веќе ја признале Македонија со нејзиното уставно име, што значи дека со блокадите Грција си штети самата себеси, и' штети на водечката ролја која би можела да ја има на Балканот, со што би придонела во јакнењето на стабилноста на регионот.
„Има ли сили во Скопје и Атина кои сакаат да го спречат членството на земјата во ЕУ? Стои ли можеби мафијата зад блокадите?“, е новата теза која како причина за нерешавање на спорот ја пласираше поранешниот амбасадор, кој работел и живеел во Софија, и кој смета дека со членството на Бугарија во ЕУ контролата на овој простор од страна на мафијата е стеснет.
„Мафиозите од Балканот мораат да најдат свој простор“, е претпоставката на Шрамајер, за кого причините за тврдокорноста на грчката страна не ја гледа само во внатрешно-политичките корени, кои ги апострофирал историчарот Адамантиос Скордос (предизборна тема, славофобија, митот за Александар), туку и во нечистата совест која раѓа агресивноста, поради лошто однесување кон луѓето од северниот дел на земјата.
Незаинтересираност на високата политика
„Не разбирам зошто ЕУ, европските партнери, САД, сево ова го дозволија – одлучија да бидат против суверената земја, која има право да си го избере името. Ова е феномен на нашето време! Има незаинтересираност која резултира со антимакедонско расположение“, коментира д-р Шрамајер.
„Има голема ирационална грчка воодушевеност. Лошо е што нема вистински јасни зборови и пораки“, кажа Шрамајер одговарајќи на прашање на публиката: Зошто не се притиснало до сега врз Грција и зошто Германија е толку попустлива?
На крајот од расправата во која беа проследени сите фази и предлози од спорот со името, проблемот со антиквизацијата како психолошки одраз на фрустрациите на една дискриминирана и земја оставена самата на себе, д-р Клаус Шрамајер изнесе свои предлози за решението на спорот со името: „Мора да се признае уставното име на Република Македонија. Правната порака е јасна: Атина да ја респектира пресудата од Хаг и да не го блокира НАТО и ЕУ членството“, порача поранешниот амбасадор. Според него сигурно е дека сите учесници еден ден ќе се чудат поради каква баналност биле раскарани. Но, за жал обичните луѓе, повеќе од политичарите, страдаат поради спорот со името. „Од решението зависи развојот не само на Македонија, туку и на целиот регион“, заклучи д-р Клаус Шрамајер во освртот за грчко-македонскиот спор околу името (1991 - 2013) пред научната публика на универзитетот во Лајпциг.