1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Шоу-бизнисот (не) го менува светот

Б. Георгиевски/дв12 мај 2014

Само наивните можат да веруваат дека една ноќ во Копенхаген ќе ја промени хомофобичната политика на некои држави, гласи еден од коментарите во германскиот печат по победата на Кончита Вурст на Евросонг.

https://p.dw.com/p/1By4v
Фотографија: EBU

За бројни германски медиуми, Студената војна е во полн ек, па така некои и евровизиската победа на Кончита Вурст, австриската пејачка со брада, ја гледаат исклучиво како порака кон политичарите во Кремљ.

„Светот на шлагерите му покажа црвен картон на хомофобичниот свет на Владимир Путин“, пишува Вестфален блат. „Според руските конзервативци, геј-травеститот со тенок струк и црна брада ја отелотворува изопаченоста на Западот. Тие со задоволство би го забраниле преносот на натпреварувањето. Сепак, ни забраните не можат да го запрат времето. Бодовите кои Кончита ги доби од Русија и Украина, како и признанието од руската делегација во Копенхаген, говорат за себе“, пишува весникот. На крајот, колумнистот ги критикува и сите гледачи кои во салата им свиркаа на близначките Толмачеви, претставничките на Русија.

Евросонг не треба лесно да се отпише како шоу на кичот, смета коментаторот на Ноје вестфалише. „Финансиска криза, банкарска криза, еврообврзници, чадор за спас на еврото, криза во Украина, анексија на Крим- европската идеја памети и подобри денови. Затоа Евровозија во Копенхаген се случи во вистински момент. Таму можеше да се доживее она што Европа всушност би требало да биде: мирно и среќно културно натпреварување во заедница на заеднички вредности. Можете да го сметате ова натпреварување за кичесто или банално, но тоа пренесува порака која политиката ја заборава: чувство на заедничка припадност кон Европа, емоции за овој континент. За тоа говорат 180 милиони гледачи“.

ВАЦ од Есен пишува: „Од саботата се говори за 'нова толеранција во Европа' и за шамар на сите хомофоби. Тоа се будалаштини. Слични надежи се слушнаа и во 1998 година кога победи транссексуалната Дана од Израел. И ништо не се смени, барем не во земјите во кои постои отворена дискриминација на хомосексуалците. Но, не би било праведно да се инсинуира дека Вурст победи поради својата сексуална ориентација. Победи затоа што имаше најдобар настап. И не победи, во прв ред, ниту за Австрија, ни за ЛГБТ заедницата, туку за себе. И тука нема ништо лошо, Евросонгот е се уште само шоу-бизнис. Затоа само наивните можат да веруваат дека една ноќ во Копенхгане ќе ја промени хомофобичната слика во некои држави“.

Eurovision Song Contest 2014 Fans
Фотографија: picture-alliance/dpa

„Кончита Вурст е екстремна“, пишува Мителбајерише цајтунг. „Долга коса, тесен вечерен фустан и брада! Кој не би погледнал? Но доколку послушате, ќе чуете дека Вурст е повеќе од обична провокација. Австрискиот травестит и уметник Том Нојвирт, кој се крие зад Кончита, има глас и харизма. И поради тоа, неговата уметничка фигура заслужено победи. Таа победа беше очекувана покрај останатите настапи во кои лошите композиции беа маскирани со разиграни и развеани фустани. Вурст беше единствената уметничка на која можевте да се присетите по 26 нумери“, смета колумнистот и додава: „Па добро, ни Холандија не беше лоша“.