1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Шок и тага, глад и жед

14 јануари 2010

Стотици илјади жители на Хаити се во очај. За да може да се сфатат вистинските размери, научниците направија споредба: пустошот што го остави земјотресот е како на Земјата да паднал сто метри дебел метеорит.

https://p.dw.com/p/LVly
ХаитиФотографија: AP

Со солзи во очите и целосно скршени луѓето седат на улиците, меѓу мртвите тела, кои само провизорно се покриени со чаршави. Некои дури само се тргнати настрана. Повредените ги третираат на отворена улица, има малку доктори, лекарства нема. „Таму нема ништо, нема болница, нема електрична енергија. Немаме ништо за јадење, немаме вода, ништо. Овде умираат премногу луѓе.“

Flash-Galerie Erdbeben in Haiti
Фотографија: AP

Во градот речиси се’ е разурнато, дури и претседателската палата. Луѓето очајнички ги бараат роднините. Постојано се слушаат пискотите на оние што се потиснати под камењата. Се претпоставува дека под урнатините се наоѓаат уште илјадници луѓе.

Една радиостаница на емигранти од Хаити во Њујорк беше меѓу првите кои ја дознаа тажната вест од татковината и ја објави. „Уништувањето не може да се опише. Би кажал Порт-о-Пренс е речиси целосно опустошен, 80-85 проценти.“

Flash-Galerie Erdbeben in Haiti
Фотографија: AP

Земјотресот не е изнанедување, Хаити се наоѓа во трусно подрачје, директно на карипската тектонска плоча, меѓу северната и јужноамериканската тектонска плоча. Карипската тектонска плоча полека се поместува кон исток, покрај северноамериканската. Поради тоа, со текот на годините, настанаа огромни тензии. Сега двете тектонски плочи се прикачија на рабовите и со силен потрес повторно се одвоија.

Рајнер Кинд од германскиот центар за географски истражувања во Потсдам подвлекува: „Земјотресот беше релативно плитко во кората на земјата, во регион кој е густо населен. Во таков случај, мора да се смета на огромни штети. Земјотрес со магнитуда од 7,2 степени според Рихтеровата скала дури и во Германија би предизвикал големи штети, иако овде начинот на изградба на куќите е далеку подобар од оној на Хаити.“

Flash-Galerie Erdbeben in Haiti
Фотографија: AP

На островот, во моментов, владее хаотична сосотојба. Малкуте работи кои луѓето можеле да ги спасат, ги носат со себе. Но, повеќето немаат ништо. Со оглед на политичкиот и економскиот хаос во земјата, Хаити не беше подготвен за земјотрес од вакви размери. Сега луѓето се препуштени сами на себе, некако да го преживеат денот. Меѓународната помош бавно стигнува до преживеаните. Два дена по земјотресот во Порт-о-Пренс пристигнаа првите спасувачки екипи. Владите ширум светот испраќаат помош.

Автор: Свен Хавенит/Томас Шварц/Александра Трајковска

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема