1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Шкотски вирус - кој се‘ сака да се отцепи и од кого?

Кристоф Хаселбах / Елизабета М. Фиданоска16 септември 2014

Шкотскиот референдум би можел да доведе до формирање нова држава во рамките на ЕУ. Кој се‘ во Западна Европа стреми кон самостојност?

https://p.dw.com/p/1DCVV
Фотографија: A.Buchanan/AFP/Getty Images

Во источната половина на Европа распадот на Советскиот сојуз и Југославија доведе до основање многу нови држави. Во Западна Европа, пак, се чинеше како старите национални држави да се зацврстени, еднаш засекогаш. Додуша има тенденции за отцепување, делумно и милитантни, но шансите за реализација на таквите стремежи се чинеше како да се еднакви на нула. Тоа сега се промени со планираниот референдум во Шкотска. Лондон изрази подготвеност да ја почитува волјата на Шкотланѓаните и доколку се покаже неопходно - да ги „отпушти“ од Обединетото Кралство. Како што покажуваат анкетите, навистина е можно Шкотланѓаните да кажат „да“ за независност. Тоа би можело да им даде нов поттик на уште многу тенденции за отцепување.

Шкотска

Унијата меѓу Шкотска и остатокот од Обединетото Кралство постои речиси 300 години. Таа наскоро може да се распадне, доколку Шкотланѓаните на 18 септември со мнозинство гласови се одлучат за самостојност. Притоа, едноставното прашање на референдумот - „да“ или „не“ за независност воопшто не мораше да биде поставено. Доколку британската влада оставеше трета можност за поголема автономија, речиси сите со сигурност ќе се одлучеа за таа опција. Но Лондон тоа не го стори, веројатно поаѓајќи од чиста калкулација дека целосна независност ќе ги преплаши Шкотланѓаните. Сега таа сметка може да се покаже како погрешна. Ако мнозинството се одлучи за отцепување, Европа на 24 март 2016 година може да доживее повторно раѓање на шкотска држава.

Каталонија

Никаде во Западна Европа шкотскиот вирус нема толкава заразна моќ како во Каталонија. За време на диктатурата на Франко, се‘ каталонско беше забрането. Во меѓувреме, регионот ужива голема културна и политичка автономија и има сопствен регионален парламент. Но на многумина Каталонци тоа не им е доволно. Тие бараат сопствена држава, пред се‘ од економски причини. Велат дека шпанската држава ја „цица“ богатата Каталонија. Од почетокот на економската криза, бројот на застапниците на идејата за независност е значително зголемен. Регионалната влада во Барселона има намера во ноември да организира референдум, исто како во Шкотска. Но, за разлика од британската влада, Мадрид е против тоа. Се чини конфронтација е неизбежна.

Баскија

И баскискиот национализам и баскискиот јазик беа потиснувани во времето на Франко. Шпанскиот регион Баксија, меѓутоа, е економски послаб од Каталонија. Мал дел од денешните баскиски националисти, меѓутоа, се многу помилитантни од Каталонците. Баскиската илегална организација ЕТА за период од околу 50 години уби повеќе од 800 луѓе, за да ја постигне целта - отцепување од Мадрид. Пред три години ЕТА се откажа од насилство. Но ниту нападите ниту преговорите ја донесоа Баскија поблиску до референдум, а да не зборуваме за независност. Ваков референдум, согласно одлуката на шпанскиот Уставен суд, може да организира само шпанската централна влада, а официјален Мадрид тоа го одбива исто како во случајот со Каталонија.

Eta Bombenanschlag
ЕТА за период од околу 50 години уби повеќе од 800 луѓе (по еден од нападите на милитантите во јуни 2009 година)Фотографија: picture-alliance/dpa

Фландрија

На последните парламентарни избори во Белгија, најсилна политичка партија во Фландрија стана Новата фламанска алијанса под раководство на Барт де Вевер. Тој е убеден дека белгиската заедничка држава и онака „ќе испари“. Де Вевер се бори за самостојна Фландрија, цел што сака да ја постигне по пат на преговори. Фламанскиот сепаратизам е посебен случај: Белгија се состои само од Фландрија, каде се зборува холандски и Валонија, каде се зборува француски (вклучително и граѓаните чиј мајчин јазик е германскиот), како и Брисел, каде официјални се двата јазика. Доколку Фландрија се отцепи, Белгија би загубила повеќе од половина од своето население и економска моќ. Значи од Белгија ќе истане многу малку. Голема спорна точка во таков случај би бил статусот на Брисел, кој е и седиште на ЕУ и НАТО. Што потоа ќе се случува со Валонија, е исто така нејасно. Идеите таа да им се приклучи на Франција, Луксембург или дури и Германија, секогаш одново излегуваат на површина. Но досега Белгијците секогаш успеваа да го задржат заедништвото.

Паданија

Сецесионистичкото движење во северна Италија е мотивирано од чисто економски причини. Северот, со регионите Ломбардија, Аоста, Пиемонт, Лигурија, Венеција и Емилија-Романа со својата индустрија и банките создава голем дел од италијанскиот социјален производ. Многу граѓани во северна Италија се уверени дека централна и јужна Италија ги трошат попусто тешко заработените пари на Северот. Партијата Лега Норд (Северна Лига) уште во 1990-тите бараше отцепување на овој регион (Паданија). Денес Лега Норд е поумерена и бара само Северот да си задржи три четвртини од парите кои ги создава, наместо нив да му ги префрла на Рим.

Karte Separatistsische Regionen in Europa
Сепаратистичките региони во Европа

Јужен Тирол

Во Јужен Тирол има комбинација на економско-политички и општествено-културни фактори. До крајот на Првата светска војна Јужен Тирол и‘ припаѓаше на Австроунгарија, а потоа и‘ беше ветен на Италија. По фазата на „италијанизирање“ во времето на Мусолини, Јужен Тирол по крајот на Втората светска војна добиваше се‘ поголема политичка и јазична автономија. Овој богат регион смее да задржи дури и голем дел од приходите. Долго време се чинеше дека граѓаните во регионот се задоволни со тоа. Но должничката криза повторно го разгоре сепаратизмот. Италија, по Грција, е втора најзадолжена земја во еврозоната. Стопанството не може да застане на нозе. Многумина јужнотиролци на кои им оди добро не сакаат да имаат ништо заедничко со проблемите на цела Италија. Затоа: „Настрана од Рим“.

Корзика

Француската држава долго време правеше обиди да го потисне корзиканскиот јазик сосема од јавниот живот и од училиштата. Се преземаа мерки против стремежите за автономија. Милитантните групи, пред се‘ ФЛНЦ, со години се обидуваа да се отцепат од Франција со насилство, притоа извршувајќи напади врз претставници или симболи на француската држава. Дури летово ФЛНЦ најави дека се откажува од насилство во иднина. Но конфликтниот потенцијал постои и натаму. Претпазливите предлози за автономија на социјалистичката влада во Франција, под раководство на Лионел Жоспен на почетокот на овој милениум, ја предизвикаа конзервативната опозиција да излезе на барикадите. Таа е убедена дека доколку тоа се дозволи и други региони како Бретања или Елзас ќе бараат поголема самостојност. Традиционално, во Париз се обраќа малку внимание на регионалните јазици, со оглед што се смета дека така би било загрозено единството на државата.

Korsika Bastia Hafen Frankreich Mittelmeer
Француската држава сака по секоја цена да ја задржи КорзикаФотографија: Fotolia/ines1302

Баварија

Само мал број Баварци размислуваат сериозно за основање сопствена држава. Баварија веќе денес во своето официјално име го има називот „Слободна држава“. Притоа, Баварија би можела и тоа како да преживее сама. Тоа е покраина во Германија со најголема површина, а со своите 13 милиони жители има повеќе население од Шведска или Португалија, додека пак економскиот учинок и‘ е највисок од сите германски покраини. Но Баварија радо би плаќала помалку во заедничкото големо сојузно „тенџере“. Сецесионисти има и во Баварија. Политичарот на Христијанско-социјалната унија Вилфрид Шарнагел во својата книга „Баварија може и сама“, (од печат излезена во 2012 година) пледира за отцепување од сојузот. Досега, меѓутоа, од тоа не произлезе поголемо движење.