Ако има мнозинство, Иванов е должен да го даде мандатот!
24 февруари 2017Може ли претседателот Ѓорге Иванов да не го додели мандатот за состав на влада и покрај обезбедено парламентарно мнозинство? Ова е прашањето што се отвора во јавноста, откако станува се поизвесно дека СДСМ е на чекор да ги добие потписите од ДУИ, а од некои политички кругови веќе стигнуваат спинови дека претседателот може да реши и поинаку. Уставните експерти се децидни: тоа би било флагрантно кршење на Уставот!
„Давањето на мандатот за состав на влада е техничко прашање и претседателот на државата е должен да го даде на партија или партии што имаат обезбедено парламентарно мнозинство од 61 пратенички мандат“, вели професорот по уставно право, Светомир Шкариќ.
Но, сомнежите во јавноста извираат од можните манипулативни толкувања за реализација на „двата приоритета“. Нив Иванов ги соопшти на 1 февруари, откако ВМРО-ДПМНЕ не обезбеди мнозинство, по што тој ги повика на консултации претставниците на сите парламентарни партии и ја соопшти неговата одлука.
„Мандат за состав на новата Влада ќе добие партијата или коалицијата која ќе ме извести и докаже дека обезбедила мнозинство во Собранието. Со други зборови - прво потврда и доказ за мнозинство, па потоа мандат за составување на Влада, во согласност со Член 90 од Уставот на Република Македонија. Од оние што ќе ја составуваат новата влада барам во својата програма да имаат два клучни приоритета: Прво, заштита на државните интереси на Република Македонија, што подразбира зачувување и зацврстување на унитарниот карактер на државата. Второ, системска реформа по кризата во која ќе бидат опфатени субјектите на системот за национална безбедност“, побара Иванов.
Нема право да условува
Професорот Шкариќ укажува дека не е надлежност на претседателот да поставува барања во контекст на мандатот за состав на влада.
„Потписите се гаранција за обезбедено мнозинство и претседателот со ништо не смее да го условува доделувањето на мандатот. Тој нема никаков простор за маневрирање по тоа прашање и мора да го даде мандатот ако не сака да има проблеми. За прашањата што тој ги посочува, одлучува парламентот. Нашиот модел не е претседателски, туку парламентарен“, вели професорот.
Тој потенцира дека ставовите за одредени прашања претседателот може да ги искаже преку правото на вето, кое досега ниту еднаш не го искористил, иако имало многу причини.
„Ако Иванов влезе во процес на кохабитација со идната влада, доколку парламентот донесе одлуки за кои претседателот смета дека го нарушуваат унитарниот карактер на државата или системот за безбедност, тој може да стави вето, односно да не го потише указот за тие закони. Значи, може да го изрази својот став за нив, но не може и целосно да ги запре, бидејќи во рок од 30 дена парламентот може да ги разгледа неговите сугестии и да ги прифати или да ги отфрли со 61 глас“, објаснува Шкариќ.
Не смее да се попречува мнозинството
Тој нема дилеми ни за прашањето - дали ако Иванов не го даде мандатот, парламентарното мнозинство и без тоа може да ја заврши конститутивната седница на Собранието и да ги продолжи сите процеси во насока на формирање влада?
„Иако Уставот не го третира ова прашање, јасно е дека Собранието е носител на суверениетот на граѓаните и никој не смее да ја попречува нивната волја. Доколку некој реши на мнозинството да му ги затвори вратите во Собранието, тогаш тоа мнозинство може да заседава каде и да е, да избере претседател на парламентот и да продолжи со сите други процеси“, вели Шкариќ.
Тој укажува дека парламентаризмот е 'мека власт' и дека претседателот треба да покаже политичка култура, суптилност и сенс за парламентарното мнозинство. Тоа и не мора да го прави врз база на доставени докази и потписи заверени на нотар, туку и само врз основа на уверување дека тоа мнозинство ќе биде обезбедено.
„А до тоа сознание претседателот секогаш може да дојде низ средби и разговори, бидејќи тој има улога да го модерира, а не да го кочи процесот“, вели Шкариќ.