Чудната војна против автомобилите
25 октомври 2018Дали пожарникарите во иднина ќе доаѓаат да гаснат оган со трамвај? Бидејќи ним, со нивните противпожарни возила кои користат дизел, веќе нема да им биде дозволено да се возат во населени места. Или сакаме услови како во ГДР? Таму политичките бирократи одлучуваа за мобилноста на народот. На социјалистистичките граѓани не им беше потребна индивидуална можност за мобилност, автобус и трамвај биле доволни. На тој начин се држеа под контрола традиционалните производители на авомобили од Цвикау и Ајзенах.
На тоа дереџе би можеле да дојдеме и денес во републиката на забрани, Германија. Противниците на индивидуалниот транспорт се мобилизираат. Нивен непријател е автомобилот. Дебатата за издувните гасови не може да биде похистерична. 100.000 мртви од дизел! Загадени градови! Возилата се масовни убијци! Кампања која гаѓа во центарот. Судовите постојано издаваат забрани за возење поради тоа што лимитите за дозволено ниво на издувни гасови се надминати. Од друга страна, Брисел постојано носи одлуки за сѐ пониски дозволени вредности. Барем за возила. Но, тоа е само почетокот.
Дебатата комплетно се одвои од реалноста. Никој веќе не прашува дали мерните станици воопшто се поставени на соодветна висина и на вистинско место. Во секој град се различно поставени. Некаде се во зеленило, некаде на ѕид од куќа, некаде се изложени на сонце, на друго место не. Тоа ја збуни дури и канцеларката која понекогаш е клима-канцеларка, а понекогаш автомобилска канцеларка. А сега ги користи истите трикови како производителите на автомобили. Таа најави дека законите ќе ги измени на начин што веќе нема да има забрани за возење. Еден ден подоцна соопшти дека нема да се менуваат долните вредности, бидејќи тие се пропишани со европските закони.
Проблемот со издувните гасови
Ова, да го наречеме, недоразбирање, убаво покажува дека никој не знае во која насока се движиме. Можеби ќе ни помогнат неколку факти. Гасовите, таа погрешна материја на погрешно место, е еден таков проблем што меѓу пет и триста тони дневно од нив паѓаат на земјата. Ветерот и сонцето ги раздвижуваат, а тоа ги прави мерењата компликувани.
И сега тука влегуваат во игра автомобилите. Емисиите на гасови во сообраќајот, само во мал дел се од ауспухот. 85% се од триењето на гумите и кочниците (патем тоа и велосипедите ги прави загадувачи). Автомобилите (и заради пониските дозволени вредности) испуштаат сѐ помалку гасови. Воздухот во нашите градови никогаш не бил толку чист како денес. Дали тоа оправдува, војната против автомобилот, односно индивидуалната мобилност да се води без задршки?
За едно мора да сме начисто. Забраната за дизел е само почетокот. Кога дизелот ќе се победи, на ред ќе биде бензинецот. Потоа пушачите, и тоа засекогаш, па потоа на ред ќе дојдат сопствениците на камини, оти таков еден шпорет на дрва, кој најчесто може да се најде во елегантните домови на богатата генерација, предизвикува невидени количества ситна прашина, особено ако се гори погрешно дрво. А што ли ќе правиме кога наредниот пат ветриштата ќе ни го донесат песокот од Сахара преку Средоземното Море? Црвен аларм за ситна прашина! Дали германската помош за заштита на животната средина тогаш ќе постави знаци на границите - Забранета прашина од Сахара?!
„Чисто“ решение
Секако, решението на проблемот е веќе најдено - електромобили.Тивки, чисти и пријателски спрема околината. Додуша само за оние што заработуваат малку повеќе, ама што има врска? Единствено глупаво е само тоа што електричните чуда имаат многу скромен еколошки биланс.
Еве, да го земеме како пример најновото електрично возило кое неодамна беше промовирано од концернот „Дајмлер“. EQC е првиот целосно електричен мерцедес кој од следната година ќе може да се купи за 70.000 евра. Батеријата тежи 650 килограми. Малку глупаво е тоа што само за производство на една ваква батерија се ослободуваат 12 до 16 тони ЦО2. Плус околу 7 тони коишто и онака се испуштаат во атмосферата при продукцијата на секое поединечно возило. Е, тука веќе му станува смешно на секој возач, на возило што користи нафтени деривати. Со таков ЦО2 биланс тој може комотно да си вози 200.000 километри.
Да кажеме јасно и гласно - автомобилските концерни сами се доведоа во ситуацијата во којашто се денес со триковите што ги правеа. Но, кога веќе не се работи само за возилата, туку што наредно може да се забрани, тогаш доаѓаме до суштината. Тогаш станува збор за слободата на поединецот, односно за едно од основните уставно загарантирани права. И тоа треба да му биде јасно на секој што заговара забрана за возење.