1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Чистачката Сузан Јусуфи од Диселдорф

11 август 2010

40-годишната Сузан Јусуфи е чистачка која работи за градот Диселдорф. За 20 работни часови неделно добива околу 500 евра месечно. Нејзиното семејство добива помош од државата. Таа, сепак, ја сака својата работа.

https://p.dw.com/p/O7Uf

Сузан Јусуфи работи како чистачка во Градската управа на Диселдорф. Нејзината работа почнува попладне, кога многу службеници мислат на крајот на работното време. Но, и секое претпладне кај неа е точно испланирано: ги испраќа децата на училиште, купува храна, готви, чисти дома.

Gesichter Deutschlands SuJuP2
Македонија за мене е само земја за одмор, раскажува Сузан ЈусуфиФотографија: DW

„За среќа, моите деца се секогаш подготвени да ми помогнат кога ќе се вратат од училиште. Тие многу ми помагаат во домаќинството“, раскажува Сузан.

На двегодишна возраст Сузан Јусуфи се преселила од Македонија во Германија. Нејзините родители дошле овде како „гастарбајтери“, како што се нарекуваат првите странски работници коишто дошле да работат во Германија. „Не можам да се сетам на времето пред доаѓањето во Германија. Македонија за мене е само земја за одмор бидејќи порано таму со моите родители го поминував училишниот распуст“, раскажува Сузан Јусуфи.

Чистењето како занимање од соништата

Таа се подготвува за работа и со светнати очи раскажува за тоа колку ја сака својата работа. „Многу луѓе не можат да си го замислат чистењето како главна професија. Јас на тоа гледам поинаку. Работата ми причинува големо задоволство“, вели 40-годишната жена и додава: „Иако најчесто работам сама, секогаш имам можност да разговарам со пријатни луѓе коишто работат во канцелариите.“

Gesichter Deutschlands SuJuP1
Кога ќе се дојде на работа е убаво кога мириса свежоФотографија: DW

Во зградата на градската управа на градот Диселдорф, Сузан Јусуфи има магацин во кој грижливо ја подготвува количката со вреќи за ѓубре, средства за чистење, крпи. „Подготовката е многу важна. Подоцна заштедувам многу време и не морам постојано да се враќам во магацинот за да земам нешто“, објаснува таа.

Прво оди од канцеларија до канцеларија и ја собира старата хартија. На секој агол луѓето љубезно ја поздравуваат. Секој ја познава Сузан Јусуфи. Нејзината насмевка и доброто расположение се заразни. Таа е задолжена за чистење на четири ката и работи според точно определен план. „Не се чисти со правосмукалка секој ден и во секоја канцеларија. Кој ден која канцеларија треба да се исчисти, е точно одредено.“

Помош од државата

Нејзиниот сопруг е невработен, само таа заработува. Но, од 500 евра коишто ги заработува со својата работа, не може да го прехрани шестчленото семејство. Поради тоа, тие добиваат помош од државата. Сепак, парите се малку, секој цент треба двапати да го преврти.

Gesichter Deutschlands SuJuP3
Од 500 евра коишто ги заработува со својата работа, не може да го прехрани шестчленото семејствоФотографија: DW

„Многу би сакала повеќе да работам. Не ми пречи да чистам и осум часа во денот. Тоа не ми е напорно.“ Големиот сон на Сузан Јусуфи е да добие полно работно време.

Семејно единство

Нејзина голема потпора е семејството. Тие негуваат постојани ритуали: секоја вечер седат сите заедно на маса и раскажуваат за тоа што се случило тој ден. Потоа заедно се молат. Членовите на семејството Јусуфи се муслимански верници и не си посакуваат ништо повеќе од тоа да постои повеќе толеранција меѓу припадниците на различните религии. „Секој треба повеќе да се отвори и да се обиде поблиску да ги запознае другите религии. Така луѓето ќе можат повеќе да се разберат и да се прифатат едни со други.“

Гордата чистачка тоа го покажува на дело. Многу нејзини пријатели во Диселдорф потекнуваат од различни култури. Сузан Јусуфи смета дека тоа е големо збогатување на нејзиниот живот.

Автор: Белма Фазлагиќ / Виолета Вај

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска