1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Чешка: Убод во „Штрковото гнездо“ на Бабиш

Аурелиус Пецивол
25 јуни 2019

Чешкиот премиер Андреј Бабиш ги отфрла обвинувањата за измама со европски пари и барањата за оставка. Против него во Прага на викендот протестираа четвртина милион граѓани - најголемиот граѓански протест по 1989. година.

https://p.dw.com/p/3L3GC
Tschechien Protestkundgebung fordert Rücktritt des tschechischen Premierministers Andrej Babis in Prag
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/P. D. Josek

Тој е исклучително богат претприемач и втор по богатство во земјата, а од крајот на 2017. година е премиер на Република Чешка. Кога мултимилијардерот Андреј Бабиш пред околу две години влезе во политиката, пред своите приврзеници на предизборните митинзи вети остро справување со корупцијата и непотизмот на традиционалните политички елити. „Меѓутоа, подоцна се покажа дека тој самиот има поголеми проблеми отколку традиционалните политичари кои ги критикуваше“, истакнува Ладислав Кабада, политиколог од Метрополитен универзитетот во Прага во разговор за Дојче веле. „Ова лицемерство е главната причина за големата масовност на протестите против него во Чешка“, вели тој.

Според Јиржи Пехе, директор на Универзитетот Њујорк во Прага, гневот кај сонародниците на Бабиш, кои во неделата излегоа во толкав голем број на протести во Прага, е микс од три причини: прво - постоењето кај него на интерес на конфликти при доделувањето на парите за субвенции од ЕУ; второ - од тоа произлезеното негово тековно кривично гонење; трето - неговото комунистичко минато, вклучувајќи ја и колаборацијата со поранешната чехословачка државна полиција СтБ. 

Brüssel Andrej Babis, Premierminister Tschechien
Чешкиот премиер Андреј Бабиш соочен со тешки обвинувањаФотографија: Getty Images/D. Kitwood

Агент „Буреш“

Бабиш се споменува во повеќе акти на чешката СтБ, каде се води со регистарски број 25085 под името „агент Буреш“. Според досега објавените документи, тој од ноември 1982. до 1985. година бил „неформален агент“ на чехословачката тајна полиција. Самиот премиер тоа постојано го демантира и се обидуваше пред словачките судови да издејствува забрана за обвинувањето за колаборационист. Но, неговата тужба беше отфрлена од словачкиот Уставен суд. Европскиот суд за човекови права во Стразбур ја потврди оваа одлука во декември 2018. година.

Тоа речиси не им пречи на неговите приврзеници. „Ним им е тоа помалку или повеќе сеедно“, убеден е Петр Хонзејк од чешкиот економски неделник „Хосподарске новини“. Многумина мислат дека тоа било многу одамна, а во тоа време речиси секој морал да прави некакви компромиси. А оние гласачи, кои и натаму гласаат за Комунистичката партија, немаат воопшто проблеми во врска со СтБ.

Tschechien Wellness-Resort "Storchennest" zu Unrecht Millionen EU-Gelder eingestrichen haben.
Рекреативно-конференцискиот комплекс „Штрково гнездо“Фотографија: picture-alliance/dpa/V. Simanek

„Штрково гнездо“

Пред да влезе во политиката, Бабиш беше шеф на Агроферт, аграрен, хемиски и конгломерат за производство на прехранбени продукти. Во 2017. година концернот вработуваше близу 33.000 работници во околу 250 фирми-ќерки. Концернот имаше вкупен обрт од 160 милијарди круни (преку шест милијарди евра) и достигна добивка од 4,8 милијарди круни (190 милиони евра). Самиот Бабиш стана втор по богатство човек во Чешка, американскиот магазин „Форбс“ неговото богатство го проценува на околу три милијарди евра. Во 2013. година Бабиш ја купи медиумската група Мафра, во која припаѓаат двата најтиражни весници „Лудове новини“ и „МФ ДНЕС“. Во ова време често го нарекуваа Бабискони, алузија на италијанскиот медиумски могул и подоцнежен премиер Силвио Берлускони. Во меѓувреме Бабиш формално не е шеф на Агроферт. Но, додека ја извршуваше таа должност, настана политичката афера која и денес го оптоварува. Агроферт во 2006. година ја купил пропаднатата земјоделска фирма Иноба. Денес на тоа место се наоѓа рекреативен и конференциски центар со име „Штрково гнездо“, чија изградба е финансирана со субвенциски средства од ЕУ, иако поддршката е наменета на мали и средни по големина претпријатија. Поради наводни малверзации во текот на изградбата на центарот, полицијата од 2017. година води истрага против Бабиш. Тој неа ја нарекува „политички мотивирана“, а обвинувањата ги смета за лаги.

Повеќе:

Чешка: Ксенофобичниот премиер и неговите работници од странство

Чешка на пат кон Исток

Каде се парите од ЕУ?

Иако Бабиш уште во 2014. година беше заменик-премиер и министер за финансии, а со самото тоа одговорен за распределба на европските субвенции, оставката на функцијата претседател на Управниот одбор на концернот ја поднесе дури во февруари 2017. година, кога на тоа го принуди една законска одредба. Денес е на чело на владата која решава за доделување субвенции, кои покрај другото одат и во претпријатија во рамките на неговиот бивш концерн. „Ако тоа беше чисто чешка работа, веројатно ќе можеше да се прикрие“, вели Јиржи Пехе, директорот на Универзитетот Њујорк во Прага. „Но, тоа не е само чешка работа и Европската комисија нареди истрага за тоа каде навистина отишле средствата од Брисел“.

Предизвештајот од Брисел е објавен на почетокот на јуни. Некои медиуми наведуваат дека Андреј Бабиш и натаму има големо влијание врз Агроферт. Ако конечниот извештај ги потвди овие наводи, Агроферт или Чешка ќе мора да вратат голем дел од европските пари кои ги заработил концернот.